ФОТО: Вајли ќе игра во Јапонија, дали ќе биде „недостапен“ за Македонија

Џејкоб Вајли со успех ја заврши својата полусезонска обврска како играч на Реал Бетис. Беше едне од најзаслужните што екипата од Севиља успеа во обидите да стигне до опстанокот во најсилната европска лига.

Силното крило на нашиот национален тим заедно со „зелено-белите“ го прослави големиот, за нив, успех, и веднаш замина за САД.

Но нема да биде долго време дома, затоа што во текот на вчерашниот ден на негова адреса стигна понуда да заигра во „земјата на изгрејсонцето“, и еден од организаторите на наредниот Светски Куп – Јапонија. Новиот клуб на нашиот репрезентативец е Шига Лејкстарс.

„Добив понуда која навистина ме заинтригира, и решив да ја прифатам. За мене ќе биде посебен предизвик да играм во земја каква што е Јапонија. Веќе во август сум таму, отворам едно ново поглавје во мојата интернационална кариера“ – потврдува Вајли за овој несекојдневен трансфер.


Вајли, кој оваа сезона која е пред крај ја „подели“ на два дела, првиот како играч на Будуќност од Подгорица, а втората како дел од екипата на Реал Бетис од Севиља, ќе настапува за Б1 лигашот Shiga Lakestars.

Тој нема да биде и првиот „Македонец“ кој ќе заигра во оваа конкуренција. Претходно, Шејн Витингтон, уште еден натурализиран Македонец со американски пасош, исто така се одлучи да „проба“ да види како е да се игра кошарка во Јапонија.