И Дубровник беше на листата на загрозени светски вредности на УНЕСКО- се избори: Охрид ја губи силата

Дубровник, „Бисерот на Јадранот“, сместен на далматинскиот брег во Хрватска, стана важна медитеранска моќ од 13 век па наваму. Иако беше сериозно оштетен од земјотресот во 1667 година, Дубровник успеа да ги зачува своите прекрасни готски, ренесансни и барокни цркви, манастири, палати и фонтани. Повторно оштетен во 90-тите години од вооружен конфликт, сега е во фокусот на најголемата програма за обновување, координирана од УНЕСКО. Беше на листата на загрозени светски вредности на УНЕСКО од 1991 до 1998 година.

Градот успеа да се избори и го нема на листата на загрозените. Тоа најмногу се должи на серизната политика која овозможи непречено да се заштити градот од секаков вид нелегални и диви градби, а тоа беше и е регулирано со закон. Ниту смее да се гради нешто кое не соодејствува со стандардите на стариот град ниту пак смее да преземаат иницијативи за нешта кои ја загорозуваат неговата автентичност. Токму затоа, Дубровник стана мека за туристите но и за филмаџиите, светскиот џет- сет и бизнисмените.

Во 1979 година, Комитетот на УНЕСКО одлучи да го запише Охридското Езеро на списокот на светско наследство според природни критериуми. Во 1980 година, ова беше проширено за да ја опфати културната и историската област и беа додадени културни критериуми. 

Денес, Бисерот на Македонија се соочува сериозно да се најде на листата на загрозени на УНЕСКО. Организација апелираше со години градот да остане автентичен, таков каков што е, но сепак се смени неговото вистинско лице.

Во Извештајот на УНЕСКО со стотина страници за состојбата во Охридскиот регион се наведени сите недоследности, пропусти, промашувања, отстапувања, грешки и неостварени ветувања за подобрување и најверојатно Охрид ќе се најде на листата на загрозени светски природни и културни богатства.

Според она што може да се види во документот, како што објави МИА, властите, како на национално така и на локално ниво, не ги исполниле преземените обврски од 2017 година за намалување, односно отстранување на „индентификуваните закани по заштитеното подрачје“. Напротив, дури и се посочуваат примери на продолжување на практиките на постапување спротивно на предупредувањата посочени во Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО од 2017 година. Како што се наведува во извештајот, сѐ уште постојат и се разработуваат планови и проекти што не соодветствуваат на статусот на УНЕСКО, а се нотирани и нови закани. Меѓу другото, забелешките нотирани во нацрт-извештајот се однесуваат на веќе познатите проблеми, пред сѐ прекумерната и неконтролирана урбанизација, бавноста во справувањето со дивоградбите, како на крајбрежјето така и во заштитеното градско подрачје, но и дерогирање на животната средина, нефункционалниот колектор, отсуството депонија за цврст отпад…

Во документот се посочува и на отсуството свест кај населението за одговорен однос кон светските културни и природни вредности, се забележува одлагање шут ѓубре на диви депонии, поставување соларни колектори на куќите во Стариот дел на Охрид со што се нарушува автентичниот изглед заради кој е доделен статусот светско културно богатство, па и поставувањето урбана опрема и тенди од најразличен изглед и боја во непосредна близина на светските културни вредности и споменици на културата. Не се поштедени ниту институциите формирани за да се грижат за спомениците на културата и на природата, има несоодветната конзервација и реставрација на заштитените подрачја и објекти, се премолчувало или замижувало пред урбаното насилство врз културните вредности.