КУЌИ НА ПРОДАЖБА ЗА ЕДНА КУНА: Хит понуда во Хрватска, ова се условите за купување

Леград, се наоѓа на северот на Хрватска, во близина на границата со Унгарија. Во моментов има околу 2.250 жители, додека пред 70 години имало двојно повеќе.

Во ова место, од кое луѓето бегаат со децении, сега се продаваат напуштени куќи за една куна или 0,13 евра во обид да се привлечат нови жители, но постојат одредени услови.

-Ние се претворивме во пограничен град со малку сообраќај кон други места. Населението драстично се намалува, изјави градоначалникот на Леград, Иван Саболиќ, за Ројтерс.

Во ова место, опкружено со зелени полиња и шуми, веќе се ставени на продажба 19 празни куќи по цена од една куна (0,13 евра) и досега се продадени 17 недвижнини.

Меѓу понудените куќи, некои се полуразрушени, немаат прозорци и врати, а ѕидовите се покриени со мувла.

Општината најавува дека ќе плати 25.000 куни за сите потребни адаптации, а градот ќе им помогне на новите жители кои сакаат да купат приватни куќи со 20 проценти од куповната цена, или до 35.000 куни.

Клучните услови за аплицирање се поединците или паровите да се финансиски стабилни и да се помлади од 40 години. Тие исто така треба да останат да живеат таму најмалку 15 години.

Саболиќ рече дека понудата привлеклла голем интерес и кај луѓе од странство:

-Откако медиумите известија за нашата акција, добивме барања за купување куќи од многу далечни места како Русија, Украина, Турција, Аргентина или Колумбија и додаде дека сепак не е лесно странците да емигрираат во Хрватска. Затоа ние се држиме до локалното население, рече тој.