АБА лига: МЗТ Скопје со прва гостинска победа, опстанокот на дофат
Сино-белата чета ја продолжува битката за опстанок во АБА-лигата, откако вечерва по голема борба, како гостин, го совлада фаворизираниот Сплит (77-74) и се изедначи по бројот победи со директниот ривал за избегнување на последното место, Борац Чачак.
Аеродромци до првата гостинска победа дојдоа со храбра игра во сите 40 минути и без никаков респект кон противникот, кој сезонава игра фантастично во славната арена „Грипе“. Стартот со 8-0 го најави успехот на избраниците на тренерот Васко Атанасов (вечерва го менуваше болниот Драган Николиќ), која само во неколку моменти кон крајот на првата четвртина им дозволи на сплиќани да дојдат до водство. Сето останато на оваа средба беше во знакот на „металците“, кои ја издржаа и канонадата тројки на Сплит во третата четвртина (пет). Тие на крајот умешно ја задржаа предноста, која во неколку наврати беше и двоцифрена и сосема заслужено се радуваа на големиот триумф.
Војдан Стојановски одигра мајсторски и средбата ја заврши со 16 поени и седум асистенции, додека зад него беше неговиот брат-близнак Дамјан со 13 поени. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште Александар Бурсаќ со 12 поени и Мајк Кефи со 10 поени.
МЗТ сега има скор 6-19, додека Борац Чачак има 6-18, но и средба против фаворизираната Црвена Звезда в недела на домашен терен. На аеродромци за избегнување на испаѓањето им треба пораз на српскиот тим на овој меч и на следниот на гости кај Будуќност, како и победа во пресметката против Цибона за една недела во „Јане Сандански“.