Бидете внимателни: Докторите велат дека овие 6 намирници можат да предизвикаат рак

Со оглед на тоа што постојат повеќе од 200 видови рак, од кои секој има различно потекло, третмани и прогнози, експертите постојано трагаат по фактори што им се заеднички на сите типови. На некои од нив, како генетиката, не можеме да влијаеме, но на други – како начинот на живот и исхраната – можеме. Се проценува дека дури 40% од сите случаи на рак можат да се превенираат.

Истражувањата покажуваат дека одредена храна е поврзана со зголемен ризик од некои видови рак. Односно, прекумерната консумација на одредени намирници може да го зголеми ризикот, додека други, се чини, можат да го намалат.

Како исхраната влијае врз појавата на рак?

Иако ниту една студија кај луѓе не докажала дека поединечна намирница сама по себе предизвикува или спречува рак, истражувањата покажуваат јасна поврзаност меѓу одредени видови храна и зголемен или намален ризик од развој на болеста.

Одржувањето здрава телесна тежина, урамнотежена исхрана и избегнување или ограничување на алкохолот можат да помогнат во намалување на ризикот од развој или смрт од рак. Тоа подразбира избегнување на:

· високо преработена храна

· црвено месо

· рафинирана храна

· засладени пијалаци

Преработено месо

Под „преработено месо“ се подразбира месо кое е солено, сушено, ферментирано, чадено или подложено на други постапки за подобрување на вкусот или продолжување на рокот на траење. Ова месо е класифицирано како канцерогена материја од група 1, што значи дека неговата канцерогеност кај луѓето е докажана. Некои методи на преработка, како сушењето, вклучуваат додавање нитрати и нитрити, што може да доведе до создавање соединенија кои потенцијално предизвикуваат рак.

Црвено месо

Се смета дека одредени соединенија и железо во црвеното месо го поттикнуваат растот на канцерогените тумори. Консумацијата на црвено месо е тесно поврзана со зголемен ризик од рак на дебелото црево, при што ризикот расте со количината и зачестеноста на внесот. Начинот на подготовка, особено печење на скара или жар, исто така се поврзува со зголемен ризик од колоректален карцином.

Црвеното месо се поврзува и со зголемен ризик од рак на желудникот и рак на дојка, а одредени соединенија имаат силна корелација и со рак на панкреасот, иако се потребни дополнителни истражувања.

Пржена храна

За време на процесот на пржење, храната и маслата минуваат низ хемиски промени, при што се создаваат супстанции што потенцијално можат да предизвикаат рак. Резултатите од студиите се различни, но пржената храна е поврзана со зголемен ризик од рак на желудникот.

Млечни производи

Некои студии ги поврзуваат млечните производи со зголемен ризик од рак на дојка кај жени пред менопауза, рак на простата и рак на дебелото црево. Сепак, сè уште нема конечни докази дека нивната консумација директно го зголемува ризикот од рак.

Шеќер и рафинирани јаглехидрати

Прекумерната консумација на шеќер е поврзана со развој и напредување на одредени видови рак, вклучувајќи рак на дојка, дебело црево и панкреас. Не е целосно јасно дали овој ризик е поврзан со зголемување на телесната тежина или со други механизми. Резултатите за рафинираните јаглехидрати се мешани, но тие исто така можат да придонесат за дебелеење – познат ризик-фактор за рак.

Алкохол

Познато е дека алкохолот го зголемува ризикот од неколку видови рак, а ризикот расте со зачестеноста на консумацијата. Алкохолот е поврзан со:

· рак на глава и врат

· рак на хранопровод

· рак на дебело црево и ректум

· рак на црн дроб

· рак на дојка

Постои ли храна што се бори против ракот?

За лицата со рак, здравата и урамнотежена исхрана е исклучително важна бидејќи му помага на телото да функционира, да ја одржи тежината и енергијата. Иако е тешко да се дефинира „најдобра исхрана“, познато е дека овошјето, зеленчукот, мешунките, јаткастите плодови, семињата и интегралните житарки му помагаат на организмот во природната борба против ракот.

Извор: Meddox.hr

Фото: Freepik