Дончевски: Му ги скратија крилјата на Вардар, срамота е ова што се случува, некои играат по канцеларии, други нема каде да тренираат

Легендата на ФК Вардар и македонскиот фудбал, Андон Дончевски, во интервјуа за македонската телевизија (МКРТВ) говореше за себе, за Вардар и репрезентацијата на Македонија.

Со бистра мисла, во својата 87 година од животот, Дончевски има една голема болка, тоа е ситуацијата во која се наоѓа неговиот Вардар.

„Недозволиво е ова што му го прават на Вардар, му ги скратија крилјата, децата немаат каде да тренираат, не знаат каде ќе го играат следниот натпревар, овој клуб е историјата на Македонија, не е само Вардар во прашање, Македонија е во прашање. Некои играат по  канцеларии а децата од Вардар немаат каде да тренираат. На Вардар педигрето во Македонија никој го нема и уште 100 години да поминат нема да го стигнат. Катастрофа! Вардар дојде во ситуација за која човек не ни помислувал дека ќе се случи и мува не ги лази луѓето за да му се помогне на Вардар. Недозволиво е за Македонија, без оглед кој е на власт, со Вардар да се однесува вака нехумано“ , рече Дончевски.