ГРАЃАНИТЕ УПЛАЌААТ АРАНЖМАНИ ЗА НОВА ГОДИНА: Koи европски дестинации се најпопуларни за дочекот на 2026 година?
Граѓаните веќе уплаќаат патувања за Нова година, а најбарани дестинации се европските, Виена, Париз, Рим, Барселона. Истанбул исто така е меѓу топ дестинациите за Македонците. Оние со поскромен џеб, Новата година ќе ја дочекаат во регионот, во Србија или Црна Гора. Како и да е, најевтините патувања се од 100 евра па нагоре. Оние кои сакаат да патуваат подалеку, ќе одвојат повисока сума.
„Има интерес за повеќе дестинации, за Истанбул, Будимпешта, Букурешт, Рим, Париз, Мадрид, Кипар. Луѓето веќе уплаќаат, а во декември ќе има уште поголем интерес. Зависи кој колку сака да потроши, секој се организира според буџетот. Аранжманите се од 109 евра па нагоре до 600-700 евра, зависи дали патувањето е авионски или автобуски. Обично одат на места каде не биле, а влијаат и социјалните мрежи, и репортажите за одредени места“, велат од туристичката агенција Атлантис од Скопје.
Во месец ноември, како што велат од агенциите, патување уплаќаат оние кои се побогати, но и луѓето кои припаѓаат на средната класа, а се страстни љубители на патувањата.
„За Малта има интерес, за Барселона, Мадрид и Романија. Моментално тие се најпопуларните дестинации. Цените се од 219 до 500 евра. Има промени кај интересот за патување. Некогаш парите се фактор, а некогаш близината, дали се работи за автобуски, авионски превоз. Доколку е авионски е поскапо, а со автобуски превоз е поевтино. Скоро се пополнети аранжманите“, додаваат од агенцијата Ариес од Битола.
Агенциите имаат богата понуда на дестинации кои луѓето можат да ги посетат за најлудата ноќ.
„За Нова година најголем интерес има за Виена, Истанбул, Белград, Милано. Имаме и авионски програми, тие се барани, Мадрид, Барселона, имаме над 15 програми, ги нудиме и Дубаи, Египет. Европските дестинации најмногу ги бараат. Луѓето најмногу одат на дестинации каде што претходно не биле, сакаат нови мести. Цените се солидни и за авионски и за автобуски аранжмани. Веќе има уплати за Нова година, но и за продолжен викенд за 8-ми Декември. Програмите ги објавуваме 6 месеци однапред и имаме рани резервации. Луѓето си планираат, си имаат план за патување и однапред им е испланирано каде ќе одат за Нова година, за 8-ми Март или за Велигден. Имаме програми и за Сараево, Будимпешта, Азурен Брег, Прага, Будва, Солун, Кавала, Херцег Нови, Котор, Андалузија, Бари, Париз, Анталија, Палермо, Неапол, Рим, Јордан“, рече Даниела Трифуновска од агенцијата Ви Травел од Струмица.
Има најразлични рангирања на дестинации кои се најдобри за дочекот на 2026 година. Градови кои се најдоа на ваквите листи се Лондон, Париз, Сиднеј, Рио де Жанеиро, Токио, Сингапур. Ако гледаме само на ниво на Европа, препорачани дестинации се Амстердам, Прага, Краков, Париз, Барселона, Рим, Венеција, Париз, Берлин, Рејкјавик, Даблин.
Сања Атанасовска