НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ТАТЈАНА СТОЈАНОВСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Нема дилема, претставата за женската убавина во почетокот на 21 век е речиси еднаква со идеалот на 1990-тите чии естетски критериуми се врзуваа со здравјето. И покрај тоа што уживањето на слободата беше големо, како и можностите, изборите.., калапењето е својствено и за 2000-тите. 

Модните креатори не само што ги диктираа мерилата туку и начинот, стилот на живеење, така што здравата храна беше задолжителна, вежбањето и следователно, цврстите мускули на телото. Истовремено се фаворизираа обемни гради, задник и дебели, полни усни. Естетската хирургија зема голем замав, многу жени правеа извесни корекции за да му се доближат на идеалот. Неоспорен факт е дека епохите, периодите се врзуваа и со различни претстави за женската убавина, нејзиното совршенство, а пропо критериумите, вклучително и сфаќањето за основата, изворот на истата - однатре, од внатрешноста. Имено, таа отсекогаш произлегувала од манирите, доброто воспитание (однесување), самодовербата...

Обете (и надворешната и внатрешната) ги поседува и телевизиската презентерка, водителка со речиси 30-годишно работно искуство, т.е. присуство на малиот екран - Татјана Стојановска чија одмереност ја комплетира, вклучително и убавиот глас. Нејзината убавина е спој на едната и другата, надополнета со нив. Слободното време го посветува на семејството и домашните обврски, на прошетките во природата и дружењата со пријателите. Од неодамна слика во акварел, така ја изразува креативноста, творечкиот дух, а едновремено ѝ причинува и задоволство. Истото чувство е присутно и кога ги подарува своите платна, слики на блиските.

Секако, дел од слободното време го посвети и на десетте прашања од симултаното интервју за убавината, машко-женските односи и слично. Подолу е нејзиното размислување на целесообразната тема.

СИМУЛТАНКА:

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Т. С.: Според мене, женската убавина доаѓа однатре, а физичката убавина ѝ дава облик на внатрешната и комплетна слика на една жена. Убава жена или убав човек воопшто е оној кој го красат добрина, емпатија, култура, интелект, продуховеност, трудољубивост. Тоа го барам кај партнерот, всушност со тоа ме плени еден човек.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Т. С.: Давам предност на умствените атрибути пред физичките. Начинот на кој некој зборува, што зборува, шармот, вниманието, посветеноста ми се многу поважни од изгледот. Грижата и почитувањето на другиот, вниманието што го дава во секојдневието е она што една врска ја прави цврста. Можеби кога сме помлади, прво нѐ привлекува нечија физичка убавина, но во позрелите години - тоа е ирелевантно и се свртуваме кон многу поважните работи кои ги поседува еден човек. И не само за партнерство туку и за пријателство.

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

Т. С.: Мислам дека секој интелигентен маж знае што бара една жена. Ако ја запознае добро и ги види нејзините квалитети, ќе му биде многу лесно и да ја освои и да ја задржи покрај себе. Па, ние не сме многу компликувани колку што можеби изгледа, доволно е само малку внимание и ќе возвратиме двојно повеќе. Зборувам за себе, секако.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

Т. С.: Никогаш не сум ги ценела мачо типовите мажи, тоа ми било дури и одбивно. Секако, ме привлекуваат културата, интелигенцијата и по малку кавалерството. Но и претераното внимание, заштитничкиот однос и кавалерството кое преминува во задушување не е во ред. Значи, еден нормален однос, помагање, меѓусебно почитување без премногу трудење за привлекување внимание.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

Т. С.: Ме привлекуваат културното однесување, грижата за партнерката и за семејството, вниманието кон нив, а ме одбиваат ароганцијата, наметнувањето само на неговото мислење, без да го сослуша и партнерот, самостојното носење одлуки кои се однесуваат и за двајцата и за семејството и нивно наметнување, без договор со партнерката.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

Т. С.: Не би одвоила никој посебно со име и презиме, секако. Но, секој оној кој ги има сите карактеристики за кои претходно кажав е човек со манири или како што се нарекува џентлмен.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

Т. С.: Секако дека може да се одржи само пријателство меѓу маж и жена. Ако се нема таква намера тоа да се претвори во љубовна врска, доколку еден од нив или и двајцата не го сакаат тоа, може да се одржи таа пријателска врска цел живот, така што можам да кажам дека не се согласувам докрај со францускиот новелист Оноре де Балзак.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

Т. С.: Секако дека почитувањето на слични или на исти вредности, компатибилноста се многу значајни за една врска да опстои. Доколку постојат разидувања во овие работи, ќе биде потешко да се одржи таа врска.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

Т. С.: Толеранцијата и заемното почитување се многу важни за една врска или брак да опстои.

* И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

Т. С.: Во денешно време, сето ова можеби и ја губи смислата. Кога жената е рамноправна и економски придонесува заедно со мажот, мислам дека таквата поделба не е релевантна.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Татјана Стојановска