ОПЕРАЦИЈА НА ПРОСТАТА ВО ЛОКАЛНА АНЕСТЕЗИЈА, ЗА ПРВ ПАТ ВО МАКЕДОНИЈА

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ поставува нов стандард во урологијата, воведувајќи ја REZUM процедурата – минимално инвазивен третман на бенигна простатична хиперплазија (БПХ) изведен во локална анестезија, за прв пат во земјава. Интервенцијата успешно ја реализираше тимот од Одделот за урологија, составен од искусните специјалисти по урологија, д-р Александар Мицковски, проф. д-р Сотир Ставридис и д-р Владимир Лозановски, следејќи ги најсовремените светски практики.

REZUM терапијата користи водена пареа за прецизна редукција на зголеменото простатно ткиво. Со помош на специјален трансуретрален апликатор, пареата се аплицира директно во простатата, при што топлинската енергија предизвикува контролирано намалување на ткивото. Во наредните недели, организмот природно го ресорбира третираното ткиво, што доведува до подобрување на уринарниот проток и значително олеснување на симптомите.

Предностите на REZUM во локална анестезија

Една од најголемите придобивки на оваа процедура е можноста да се изведе без општа или спинална анестезија, што е особено важно за пациенти со зголемен анестезиолошки ризик или за оние кои преферираат побрзо и полесно закрепнување. Пациентите се будни, целосно обезболени и со минимален дискомфорт, а само еден час по интервенцијата можат да си заминат дома. Не се ограничуваат секојдневните активности – дозволено е пешачење, возење автомобил и брзо враќање на работните обврски.

Безбедност, ефикасност и квалитет на живот

REZUM терапијата покажува одлична клиничка ефикасност и долгорочни резултати, со стабилно намалување на симптомите на БПХ. Дополнително, методата има минимално влијание врз сексуалната функција и значително помал ризик од ретроградна ејакулација во споредба со класичните хируршки интервенции.

Глобален тренд што пристигнува и кај нас

Во Соединетите Американски Држави, над 90% од REZUM процедурите се изведуваат во локална анестезија, како амбулантна интервенција без хоспитализација. Во Европа, овој пристап бележи континуиран раст, а Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со оваа иновација се приклучува кон најдобрите светски практики. REZUM процедурата претставува модерно, безбедно и пациентски ориентирано решение за третман на бенигна простатична хиперплазија. Изведувањето во локална анестезија ја прави оваа метода достапна за поширок круг пациенти и претставува значаен исчекор напред во минимално инвазивната урологија во Македонија.

ПР објава