Посилен од оној кој Скопје го срамни со земја: Земјотресот во Турција разбуди болни спомени на Балканот

Земјотресот што предизвика катастрофални последици во Турција и Сирија, многумина на Балканот ги потсети на земјотресот во Скопје во 1963 година, кој go срамни со земја главниот град на Македонија.

Во земјотресот што се случи на 26 јули 1963 година загинаа 1.070 граѓани, а повредени беа најмалку 3.000 жители, од кои 1.200 останаа инвалиди.

Урнати беа 15.800 станови, а 28.000 оштетени. 200.000 луѓе останаа без покрив над главата. Катастрофален земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала е почувствуван на 50.000 квадратни километри.

Помеѓу 75 и 80 проценти од градот беа уништени во земјотресот. По Вардарската долина исчезнаа стариот театар, Домот на АРМ, зградата на Народната банка, хотели и гостилници.

Децении подоцна, на часовникот на старата железничка станица, стрелките сè уште стојат и покажуваат на 5:17, што го претставува времето на трагедијата. Таму сега се наоѓа Музејот на град Скопје.

Пораката што Тито ја дал ден по разорниот земјотрес во 1963 година е поставена во 1974 година во музејот во Старата железничка станица, која тогаш беше тешко оштетена и подоцна зачувана во таква состојба.

„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје ќе го обновиме со помош на целата заедница. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, југословенската и светската солидарност“, се вели во пораката на Јосип Броз.