Бедекер: Венецијанскиот карневал - Со цел да се забавувате, играте, смеете.., но и да го кажете она што инаку не можете, со маска

Без автоцензура...

Венеција како туристичка дестинација отсекогаш го привлекувала вниманието и на глоптротерите и на луѓето кои не толку често можеле да си ги дозволат патувањата. Исто е и денес, кога италијанскиот град со својот шарм е на еднакво рамниште со историскиот град држава. Секако дека за неговата атрактивност придонесуваат и 177-те канали што ги раздвојуваат 118-те острови на кои се простира Венеција и 400-те мостови за да ги сврзат (повеќето се стари, од памтивека - речиси сите со некаква приказна, додека за новите, меѓу нив и оној на Сантијаго Калатрава, има доста контроверзии), и романтичното возење со гондола (некогаш имало 10.000, сега не повеќе од 400) и муранското стакло чие производство датира од 8 век) и плоштадот Сан Марко, заедно со истоимената базилика и Дуждовата палата, некогашното седиште на Владата, и прошетката по тесните улици, која не се препорачува за клаустофобичните... Многу филмови се снимени во т.н. пловен град - „Отело“ (1952-ра), „Индијана Џонс и последниот крстоносен поход“ (1989-та), „Казанова“ (2005-та), „Казино Ројал“ (2006-та), „Туристот“ (2010-та) се некои од нив. 

Нема сомневање, Венеција за време на карневалот е најпосетена, во февруари - датумите се менливи, согласно велигденските празници (секогаш им претходат на постите). Неговата величественост е неопислива, како и чувствата кои ве обземаат додека ги посматрате и костимите и маските и забавеното движење на учесниците, особено кога позираат, и елеганцијата со која се одликуваат, посебно во држењето, па дури и навечер, кога во ниедно време се враќаат од „затворените“ балови, со црни пелерини... Мистерија е облеката под наметките. А, може и не. Како и да било, резервациите за баханалиските (пол)ноќни собири се обврзувачки, навремено. И се разбира, исклучително скапи - околу 350 евра. 

Годинашниот карневал официјално се отвори на 11-ти месецов, иако неформално почна на 4-ти, а ќе трае до вторник, 21-ви. Тематски е и годинава, исто како секоја друга - „Одвојте време за оригиналните знаци“. Ширината на поимот е сосема доволна за да се навлезе во неговата суштина, па и значење. Викендов се очекува бројката на посетителите да се удвои, што е вообичаено за последните карневалски денови, проследени со раскошни забави, меѓу другото. Затворањето е симболично - за жал, летот на орелот за оваа година е откажан поради реконструкцијата на дел од камбанаријата и плоштадот. Во меѓувреме, гостите ќе можат да уживаат во големата веселба чија цел е јасна: да се оттргнат од реалноста на политиката, која во голема мера е груба, со префиксот „нај“ - бришејќи ги општествените бариери, со маски - донекаде илузорно, без автоцензура. Останатото е повеќе од магија, и амбиентот и атмосферата, доброто расположение за кое придонесува буквално секој, и посетител и учесник, маскиран човек да се почувствува и различно, инаку - слободата на изразувањето, па дури и на лудилото, како што некогаш велеле Венецијанците, а денес и венецијците, чија концентрација е голема особено во просторот меѓу т.н. мост на воздишките, плоштадот Сан Марко и мостот Ријалто, но и на другите плоштади, во зависност од програмата. 

Настрана маските чија естетика, убавина е присутна на фотографиите кои го обиколуваат светот, најблиска до барокната, постои можност секој да се костимира во дужд, Египќанец, „илустрисимо“ (разорен благородник со голема перика, облечен во плашт, калливи чевли со дупки..., кој на минувачите им го нуди богатството), инквизитор, калуѓер, лекар за чума (маската со долгиот клун), патрициј, продавач на љубовна напивка, калабриски селанец на магаре, бесрамен Француз, шарлатан..., во црна „табара“, бела „баута“ (кралицата на карневалските маски) и црно домино што се носи под трирога шапка. Костимите се најмуваат по цена од 400 до 600 евра, често и по 150 на ден. Инаку се купува за 2.000-3.000 евра. Изборот навистина е голем, како и моќта, силата на комедијата, сатирата, острото исмевање на негативните појави на стварноста - инкогнито, се разбира. Во пресрет на велигденските празници, за луѓето да се „издуваат“ до последниот ден (т.н. дебел вторник), пред да започнат постите. Така е од дамнина, уште во 5 век. 

За прв пат во историјата, Венецијанскиот карневал се споменува во повелбата на дуждот Фалиеро во 1094-та (идната година, од 3 до 13 февруари ќе се слави годишнина - 930), а Сенатот во 1269-та денот пред велигденските пости го прогласил за празничен. Денес карневалот е начин, стил на живеење и „рамка на умот“ како што знаат да кажат венецијците кои, пак, заедно со Венецијанците некогаш го емулирале луксузот, раскошот преку хармонијата на боите, претворајќи ја аристократијата во демократија, без инциденти - како фамилијарна прослава. И сега, во инаков контекст, приспособен на времето во кое живееме, традицијата продолжува, со многу смеа, игра..., забава. Убавиот помин е загарантиран, а потврда за тоа е и големата посетеност, меѓу 20.000 и 30.000 гости од целиот свет. Пиењето вино кое, освен во рестораните, се послужува и на т.н. вински прозорци, карактеристични за италијанскиот град и кафе, во секое време, каде било, дури и стоејќи (на чамец), кога Венеција е поплавена, во текот на „аква алта“, уште во рана младост, неизбежно е дел од културата на венецијците - хедоинизмот, надалеку прочуениот „долче вита“ (сладок живот) и негов придружник, заедно со карневалските деликатесни јадења - „фрителе“ и „галани“, специјално приготвени во „Флоријан“ на пример. Во духот на социјалното ослободување како една од целите на карневалот функционира и ресторанот во деновите на неговото одржување. 303 години е така, исто како од самиот почеток, во 1720-та. Со маски, атмосферата во него е идентична како онаа под отворено небо, изразито комична, сатирична... И дополнета со слатките чии рецепти, кои датираат од Стариот Рим, се разменуваат и денес, по малку надградени. Првично се правеле со брашно, козјо млеко, капка ружина вода, прстофат шафран, суво грозје и се пржеле на сало. Денес се користи меласа или мед, за да се испржат и засладат. А кафето се подразбира - американо, еспресо, ирско, капучино, макијато или пак во стилот на Казанова - топла чоколада, која го носи името на големиот заводник, инаку редовен посетител на „Флоријан“. 

Престојот во Венеција за време на карневалот се заокружува со шопинг, се разбира. Нема сомневање, маската е задолжителна. Но не каква било, туку рачна изработка. Во градот има неколку работилници, меѓу нив и „Скеџе“ - најстарата. Се работи за семеен бизнис во кој се вклучени повеќето членови, обновен пред 30-тина години. Креативниот пристап е супстанцијална, битна карактеристика на изработувачите, заедно со техниката од памтивека, што се пренесува генерациски. Уметничката замисла, идејата на порачувачот е остварлива исто така - неопходна е желба, волја, но и 75 евра. Декорирањето на готова маска, извадена од калап, чини 57 евра. Нормално, цените се варијабилни. Но не и спомените, сеќавањата на карневалските денови во Венеција. И вечери, ноќи. Тие се константни, незаборавни. 


Игор Ландсберг