Челичниот Мајк Тајсон со 45 кг. помалку повторно во ринг: Приреди шоу за паметење
Мајк Тајсон одново воодушеви со своите страшни и енергични движења за 54-годишна возраст, со што докажа дека нема проблем да боксува и во шестата деценија од животот, па дури и во ситуција кога цели 15 години направи пауза.
Тајсон и Рој Џонс Јуниор не ги разочараа верните бокс фанови кои ја чекаа нивната егзибициска борба до раните утрински часови, бидејќи двете легенди понудија забавна пресметка во која ја прикажаа класата која ги одбеде до врвот во овој боречки спорт.
По осум интензивни рунди во кои си зададоа доста удари, борбата заврши со реми и без победник, нешто што можеше и да се очекува со оглед на специфичните правила кои беа дефинирани во рингот со оглед и на возраста која ја имаат двајцата.
Од виденото во рингот, лесно можеше да се заклучи дека и двајцата боксери уживаа во борбата и по крајот на истата најавија дека повторно би сакал да имаат вакво искуство, а со оглед на тоа што го продуцираа во рингот, ништо против нема да имаат и фановите кои се потсетија на славните денови на големите борци.
„Челичниот Мајк“ напорно тренираше и направи се за повторно да ги облече ракавиците пред светската јавност, а рано утрово со 45 килограми помалку го направи тоа во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес и ниту малку не разочара со тоа што го понуди. Како главна ѕвезда во оваа борба, Мајк Тајсон заработи 10 милиони евра.