ФОТОГАЛЕРИЈА: Македонија декласирана од Аргентина, Лазаров и се извини на Фалангата
Македонија загуби од Аргентина со 26-35, и со три порази ги заврши настапите во Краков, целта не е исполнета, сакавме една победа и пласман во главната фаза, сега одиме во Президент купот и прв противник е Алжир в четврток од 15-30 часот.
Аргентина ни одржа лекција по модерен ракомет, ние делувавме апатично, неконкурентно, и заслужено загубивме на натпреварот на кој противникот ја контролираше играта, резултатот и стигна до победа.
„Јас ја превземам одговорноста во целост, видовме до каде сме, но сега мораме да почнеме од почеток и без очекувања, се надевам дека веќе следното Европско ќе биде доста подобро. Морам да ѝ се извинам на Фалангата, ги имаше над две илјади, тие се дел од нас, затоа имаат и големи очекувања“ изјави Лазаров.
Филип Талески со пет гола, потоа Жарко Пешевски и Филип Кузмановски со по четири реализации беа најефикасните играчи во нашиот тим. Кај Аргентина, Диего Симоне постигна осум гола.
Македонија в четврток од 15-30 се среќава со Алжир во Президент купот во кој уште противници ни се Тунис и Мароко.