Издржаа и кога не беше возможно: „Fashion weekend Skopje“- единствената светлост на македонската модна креативност

Во услови кога нема самостојни модни ревии на домашни дизајнери, нема скоро никави модни случувања, нема ни модна недела како порано што имаше, нема скоро ништо од модната сцена во Македонија... само една единствената модна манифестација го издржа тестот на времето и слави 30. Сезона.

Да, „Fashion weekend Skopje“ опстана и како таков е единствен настан од овој тип овде. Тоа е за поздрав! Се разбира, оваа модна македонска платформа низ годините се соочи со одреден број на проблеми, но исходот секогаш беше ист- да се презентира нова креативна и свежа модна сила, во рамките на силата која ја имаат ваквите настани кај нас (за вакви или слични модни сличувања ретко спонзорите да дадат сретства и тоа е огромна грешка).

Скопје, веќе 15 години е етаблиран регионален центар со овој настан кој модата ја препознава низ културно-општествениот контекст на промени. И првиот ден од Fashion Weekend Skopje powered by UNIBank, сезона број 30 го потврди токму тоа: модата повеќе не живее само на писта, туку во просторот помеѓу луѓето, зборовите и заедничката желба нешто да се промени.

Под слоганот „Community", ова јубилејно издание започна не со блесок, туку со длабочина.

Diamond Residence Carat West Office, годинешната локација на настанот, се претвори во креативна лабораторија.

Изложбата „Community" – курирана во соработка со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) – беше колективен крик, интимен гест, гласно „да" за сите форми на самоизразување. Петнаесет уметници Доротеј Нешовски, Слободан Милошески, Перо Кованцалиев, Никола Смилков, Синиша Новески, Нела Стојчевска, Татјана Ристовска, Озбек Ајваз со скулптури, инсталации и видео-дела поставија еден нов контекст дека модата, како и уметноста, е огледало на вредностите што ги делиме.

Видеопрограмата „Фемина" – со дела од  Јана Манева-Чупоска, Жанета Вангели, Ирена Паскали, Весна Стефановска, Ивана Самандова, Ана Вчкова, Ѓорѓе Јовановиќ  ја отвори темата за женскиот глас, телото и процесот на креација. Секоја проекција беше како интимно писмо – отворено, политичко и моќно.

А вечерта кулминираше со ревијата на победниците од натпреварот Past2Future Fashion, што годинава прерасна во регионален настан поддржан од Metropolitan University и Амбасадата на Република Словенија.

На сцената блеснаа Тим Понграц и Хана Крнц од Словенија, Јана Станишиќ и Доротеа Сушиќ од Србија, и Инес Бариќ од Хрватска.

Секоја од колекциите не само што беше технички и естетски зрела, туку носеше и свој став – за идентитетот, за корените, за екологијата, за телото како спомен и отпор.

Од панк-естетика испреплетена со балканската баба како лајтмотив, до колекции изработени од текстилот на бабиниот мираз, од интерпретација на словенечки митови до современи везови инспирирани од Сирогојно – младите дизајнери не нѐ носеа само напред, туку нѐ вратија дома, редефинирајќи што значи „наследство" во модата.

А кога ERA ANGELA ја претстави својата колекција Ethereal Essence, нежноста и мистиката влегоа во просторот со иста моќ како и трендовите – со силуети што лебдат, тонови што трепкаат и детали што зборуваат за внатрешниот глас на секоја жена.

GEORGIYA со својата романтична и царска втора сезона, покажа дека „вечерна облека" може да значи и вечна убавина, и автентична визија. Преку корсети, пастелни нијанси и внимателно изработени детали, брендот потсети дека раскошот има свој јазик и своја емоција.

Ако првиот ден започна со изложба што го слави заедништвото преку уметност, продолжи со студентски ревии што се похрабри од било кој тренд и заврши со регионални дизајнери што носат визија, не само облека, вториот ден беше потврда дека ова не е само модна недела – туку културен полигон каде што модата не е само да се покаже, туку за неа се зборува.

Маратон на идеи: Модата како иднина

Под отвореното мото „Community", вториот ден започна со Public Talk Marathon – четири инспиративни сесии што ја отворија сцената за најважните прашања на денешната модна индустрија.

“Just Fashion” донесе разговор за трансформацијата на модната индустрија кон циркуларни и социјално инклузивни модели, со визионерските ставови на Даниела Милошеска (Bastet Noir) и Александра Филипова (BlackBello). Модата тука не беше шоу – туку платформа за промена.

Поддржано од Green Land Group, сесијата “Wear the Change” беше отворен разговор за етичката мода и иднината на одржливите практики, каде што свои приказни споделија Гордана Родиќ-Китановска, Jackie Dejean, Олгица Треневска (Центар за интеграција и подршка SIEC) и Ангела Бикова (Upcycled by Bikova).


Дискусијата за проектот MISSION4WATER, водена од Наташа Сивевска – извршна директорка на Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер и модната дизајнерка Ирина Тошева, го обедини модниот сектор и екологијата, покажувајќи дека иднината на модата е нераскинливо поврзана со одговорноста кон животната средина.

А во сесијата “Ties that Bind: BiH & MK Dimensions of Fashion”, поддржана од UNESCO и Европската Унија преку програмата CC4WBs, се зборуваше за модата како идентитет, меморија и отпор, со учество на Сара Стојчевска, Дамјан Ристовски и Емилија Славкова.


Пред да започнат модните ревии, публиката на Fashion Weekend Skopje имаше можност да ужива во еден несекојдневен освежителен момент – фузија на креативност и став, инспирирана од живоста на новиот Schweppes Pink Grapefruit.

Во сценски перформанс осмислен како спој на храброст и убавина, уметникот Бојан Ковски ја донесе својата мајсторија во бодипејнтингот, претворајќи ја бојата, текстурата и динамиката на Schweppes Pink Grapefruit во моќен визуелен израз. Креацијата, во која главната ѕвезда беше прекрасната Викторија Лоба, ја долови шумливата енергија на брендот преку боја, движење и естетика.

Новата генерација: Студентски ревии што не се плашат. Делот со младите дизајнери беше еден од најемотивните моменти на викендот. Три дизајнерки од International Fashion Institute Izet Curi – Блендина Катона, Ерона Фејзулаху и Дријона Кадриу – ги претставија своите дебитантски колекции.

Blendina Katona со „ACTIVE WOMEN“ славеше женска сила инспирирана од 80-тите.

Erona Fejzullahu преку „ECLIPSE“ ја истражуваше тензијата помеѓу светлината и темнината. Drijona Kadriu со „Beta & Koi“ раскажа приказна за отпорноста и тивката сила.

На пистата видовме визии на млади дизајнери што не се водат по трендови – туку по храброст и став. Сцената ја збогатија и дизајнерите кои веќе создаваат со свој јазик:

CRIUS со колекцијата „SIDEWALK SAINTS“ во соработка со Faceless, прикажа урбана романса, вешто спојувајќи ја елеганцијата со динамичниот уличен ритам. Духот на младоста, слобода и стил беа испреплетени на пистата.

Anastasija Atanasovska – A2 Atelier со колекцијата „Veil & Reveal“ ја славеше комплексноста на женското битие, претставувајќи ја нежноста и силата како две неделиви страни на истата приказна.

Вечерта беше затворена со модно-музички перформанс на KALI ROSE, која преку „Silent Chains“ покажа дека модата може да биде патување кон внатрешната слобода, ослободување од невидливите окови и градење на самопочитта.

Модата не е забава. Таа е отпор.

FWSK30 не е викенд на убави парчиња. Ова е модно движење на вредности. На гласови што не се плашат да бидат свои.

Најголемиот тренд годинава? Храброста.

Македонската модна сцена можеби не е масовна – но е автентична. И гласна.

Небојша Толески