Кај да одам да се подготвувам со овие пари: Атлетичарот Дарио Ивановски понижен со 38.000 денари
Еден од најдобрите македонски атлетичари, државен рекордер на 1.500 метри, младиот Дарио Ивановски реагираше со објава на фејсбук за сумата која му е одобрена како помош преку ваучерите на Агенцијата за млади и спорт. Ивановски доби само 38.000 денари.
„Чекајте да размислам каде да одам да се подготвувам со овие пари… Аха, во 2020 година картата до Кенија ме чинеше 90.000 денари. За да трчаш силно треба да тренираш на високо. Хм… па јас можам и тука бе…. Зарем кога почнав да се занимавам со атлетика имав некои придонеси за да се подготвува? Епа ќе трчам улични трки за да собирам пари, за да можам да се подготвувам убаво да успеам во спортот.
Фотелјата: Дарио, ти не си аматер да трчат улични трки, треба да гледаш професионалната атлетика само.
Да, точно е дека во 2020 година не бев во најдобрата форма што ја очекувавте, па беше лесно да ме закопате. Не зборуваме за материјално, туку само погледнете го знамето на мојата лева страна. Зарем не ви е срам да го газите знамето додека е на земјата ниско. Не знам за вас, но мене ме учеа да бидам борец до крај, па дури и противникот додека е на земја да го чекам да стане за да продолжам. Јас имам одговорност да ја чувам мојата татковина како што ме советуваше дедо ми“, напиша Дарио Ивановски.
Во јануари годинава Дарио Ивановски освои прво место и нов рекорд на Македонија во трката на 1.500 метри, со време три минути, 45 секунди и 46 стотинки, на атлетското првенство на Србија во сала, во Белград. Тоа време беше побрзо речиси за пет секунди од неговиот досегашен најдобар резултат, забележан пред две години во Софија, Бугарија (3:50,90 минути), што му донесе 1.082 бода според табелата на Светска атлетика (СА).