Лаф-муабет со Феркан Бербери: Скопје важеше за синоним на квалитетен ноќен живот, но во последно време не е веќе така
Во угостителството е одамна, уште како млад. Имено, неговата генеза, т.е. потеклото на Феркан Бербери се врзува директно за некогашните градски еснафлии кои тука, во Грција, Турција и во бивша Југославија биле угледни, реномирани, почитувани. Феки, така го викаат нагалено, ѝ припаѓа на третата генерација угостители во фамилијата. Исто како неговите претходници, се истакнува со високи квалификации во смисла на добро, професионално работење, квалитетно и без импровизации.
Патем, несебично го пренесува знаењето на секој што сака, намерава да се занимава со ресторанска дејност или, евентуално, да се преквалификува. Со него разговарав опуштено, а темите ги усогласив со рубриката и концептот на порталот, како и секојпат. Доминантна беше вообичаената за „Машки магазин“ - стилот на работа, облекување и уште повеќе, на пример елитизмот, а ги теметизиравме и моралните вредности, како и придобивките на угостителството.
Анегдотски ми раскажа и за познатиот естраден уметник од Србија - Владо Георгиев и случката со него, за време на престојот во Скопје. Интересно, вистинито.
ММ: Вашето име, односно прекарот Феки најчесто се поврзува со неколку ресторани, барови, т.е. угостителски објекти во метрополата, но и надвор. Исто така Ве опишуваат и како вистински професионалец. Што мислите, дали професионализмот е доминантен во ресторанската дејност или последните години се променија нештата, односно надвладеа спротивниот - аматеризмот? Фактот дека го има секаде, во сите домени, е неоспорен. Па, можете ли да ни доловите, каква е ситуацијата во угостителството денес?
Ф. Б.:Со сигурност можам да кажам дека целиот мој живот е поврзан со угостителството.Уште во младоста,првин кај татко ми како вработен и подоцна - самостојно, како основач на повеќе угостителски објекти, на пример „Волф“ во ГТЦ, „Стејџ“ во Рамстор Мол, „Венеција кафе“ во Буњаковец,летниот клуб „Градиште“ во Охрид,„ФМ кафе“ во Сити галери,„Венето“ во Сити Мол,„Венеција урбан бар&кичен“.., кои, и покрај долгите години, некои од нив сѐуште постојат и егзистираат.Но, за жал, под влијание на повеќе фактори, состојбата во угостителствотово последно време е далеку од професионална и успешна. Секоја година е сѐ полоша и полоша од претходната.
ММ: Сигурно дека вирусната пандемија, економската состојба и оружените судири ја погодија ресторанската дејност. Но, луѓето им пркосат, дефинитивно. Кога се излегувањата во прашање и кулинарството, гастрономијата секако, впечетокот е инаков. За што се работи - бегање од грубата реалност или друго, на пример задоволство, ќеф или, пак, во крвта им е уживањето на Македонците во традиционалните и деликатесите однадвор, музиката..? Всушност, дали Македонците важат за големи мераклии?
Ф. Б.:Традицијата,љубовта кон квалитетната храна и музиката нѐ правеа големи љубители, уживатели во угостителските услуги,меѓутоа и добри домаќини и организатори на ноќниот живот.Но, како што напоменав претходно,повеќе фактори влијаат на лошите состојби во угостителството.Лошата перцепција и односот на институциите на државата кон овој сектор,пандемијата,недостатокот на доволен број стручни кадри, импровизацијата,економската ситуација во државава, како и сегашната војна, имаат огромен притисок и влијаат на падот на туризмот и угостителството во државава,иако надворешно за другите не изгледа така.Секако дека Македонија сѐуште има добри ресторани и угостителски објекти со одлична храна и со квалитетна понуда,но сите фактори што ги наведов претходно имаат лошо влијание на нивниот опстанок.Скопје во изминатиот период важеше за синоним на квалитетен ноќен живот, но во последно време не е веќе така.
ММ: Ѝ припаѓате на третата генерација угостители во семејството. Ќе ни кажете ли повеќе за ресторанската дејност на предците, за еснафството на пример? Или, еве, на што Ве научија тие, на кои вредности? Дали постои генерациски јаз кога се угостителството и еснафлиите (градските) во прашање? Се разбира, во Македонија. И целото Ваше образование, всушност, е врзано за оваа дејност.
Ф. Б.:Мојата генеза со угостителството е огромна -двајцата дедовци угостители и хотелиери тука,во соседна Грција,во Турција,мојот чичко долги години беше генерален директор на најголемото угостителско претпријатие „Меркез“ во времето на поранешна Југославија.Можам со гордост да кажам дека потекнувам од еснафска угостителска фамилија која со многу посветеност,љубов кон овој сектор и труд, остави силен печат и траг во македонското угостителство, но и лично на мене.Огромна е разликата меѓу тогашните еснафи и сегашниве бизнисмени.Сегашниве бизнисмени се како шумлива таблета, малку „вода“ или проблем и,веќе ги нема!Секако, за разлика од еснафот кој важеше за силен фактор за развој на бизнисот и општеството.Едноставно им се слушал и важел зборот. И делата, се разбира.Сето тоа ме натерада ја продолжам таа генеза и своето образование да го посветам на угостителството.Ѝ припаѓав на првата генерација во новото средно училиште „Лазар Танев“ во населбата Козле, бев ученик на врвни македонски и балкански гастрономски мајстори,практикант на големи хотелско-угостителски капацитети, како што се хотелите „Континентал“ и „Гранд“ (сегашен „Холидеј Ин“) во Скопје, „Интерконтинентал“ и „ Југославија“ во Белград, „Гранд“ во Сараево и многу други.Сето тоа ме зароби да бидам вљубеник во оваа дејност и, покрај сите подеми и падови, да не се откажувам и храбро да се борам напред.
ММ: Според името на урбаниот бар каде што се подготвува и јадење (чија сопственост е Ваша), очигледно дека италијанскиот град Венеција и регијата Венето (на истоимениот ресторан исто така бевте сопственик), Ве импресионираат. Со што? Ги посетувате ли често? Има некој бар или ресторан што Ви послужи како идеја, модел за уредување на тукашниот? Или, можеби, неговото мени.
Ф. Б.:Мојот другар од детството - Александар, кој долги години живее и работи во Италија, ми ја пренесе љубовта и зависноста од италијанската кујна.Иако, според мене, регионот Емилија Ромања ја има најквалитетната италијанска храна,сепак регионот Венето,градот Венеција и, секако, многуте чести посети на тој град и регион, ми оставија силен впечаток,едноставно ме воодушевија.Таа магична,чудна позитивна енергија ги освојува сите мои сетила за квалитетна храна,среќа и задоволство.
ММ: Кои јадења оттаму ќе ги одвоите како делициозни? Сопресата (вид салама), белиот аспарагус од Басано дел Грапа со ризото и јајца или во т.н. велутата (крем-супа), може да се каже оти ја одбележуваат кујната во италијанската регија Венето и неговата престолнина Венеција. Што Ви е фаворит, кој деликатес? И тамошните вина се убави.
Ф. Б.:Белиот аспарагус од Басано е едно од традиционалните јадења во овој регион и, секако, најбарано.Се служи во ризото со јајца и крем-супа.Големината е околу 20см,дијаметарот е околу 1см,бел по боја, со слатко-горчлив вкус.Но, секако, многуте видови салами,моцарелата, страчателата, просекото, како и познатиот аперол, ме воодушевуваат со нивниот вкус и квалитет.
ММ: Вашата несебичност е очигледна и во едукацијата. Знаењата ги пренесувате на сите чија професионална ориентација е врзана со ресторанската дејност, угостителството. Не случајно ја отворивте „Хорека“. Се работи за лиценца претпоставувам. Што ги обучувате интересентите? Кои се т.н. златни, односно правила на бонтон кога се говори за хоспиталитетот и слично?
Ф. Б.:Огромното акумулирано искуство,знаење и големата мрежа на пријатели и чинители од овој сектор ме мотивираа да отворам изложбен и продажен „Хорека“ едукативен центар со 11 државни програми за преквалификација на возрасни лица,каде што можеа да се стекнат со врвни знаења и вештини на модерните светски трендови.Самите производи и брендови кои беа застапени во центарот ни даваа на знаење дека и ние можеме да се носиме со сите светски метрополи во туристичко-угостителскиот сектор.
ММ: Кои се придобивките на оваа дејност - ресторанската, угостителството? Дали познанствата се вбројуваат меѓу нив? И ѕвездите на српската и хрватската естрада - Жељко Јоксимовиќ, Здравко Чолиќ, Златан Стипишиќ алиас Џибони, Јелена Розга се Ваши чести гости, вклучително и нашите. Искуството, какво е? Можете да ни кажете анегдота некоја, доколку сакате?
Ф. Б.:Секако, најголемата придобивка во угостителството е дружбата,запознавањето со многу луѓе од различни профили.За среќа, имав можност да ги запознаам сите врвни уметници и спортисти од државава и регионов.Овие луѓе ме воодушевија со нивната срдечност,позитивност и човечност.За разлика од политичарите, секогаш преферирав да бидам во друштво со нив.Дружбите и седенките со овие луѓе секогаш биле многу интересни. За моја среќа, со голем број од нив и ден-денес контактирам, ги сметам за добри пријатели.Неописливо е чувството да си во друштво со такви луѓе, кои се непосредни,опуштени и без никакви фрустрации и предрасуди.Едноставно боеми.На една заедничка прошетка низ центарот на Скопје со познатиот изведувач Владо Георгиев, на мое изненадувањезастана и вчудовидено се вртеше во круг, разгледувајќи го центарот. Ме гледаше збунето и ми кажа: „Јели бре, Феки, шта сте урадили од Скопље, још вам Лувр фали“, на што и двајцата гласно се насмеавме. Луѓето околу нас, зачудени и збунети и, незнаејќи зошто, почнаа и тие да се смеат,а Владо ми рече: „Бар смо људе насмејали“.
ММ: Самата професија изискува соодветна облека. Очигледна е Вашата - класична. Според Вас, што е најважно за еден угостител и начинот, стилот на облекување? Вашата преференција, каква е? Што претпочитате, дали квалитетот е пресуден за одбир? Или формата? И дали облеката е врзана со престижот?
Ф. Б.:Секако, самата професија наметнува соодветен дрес-код.Јас лично преферирам класична облека и тотално растеретен сум од брендирана облека.Но, морам да признаам дека фетиш ми се чевлите.Во мојата гардероба има повеќе кутии со чевли од останатата облека.
ММ: Двомандатното претседателствување со ТУК не го искористивте за личен интерес, да се ангажирате политички. Се чини дека политиката е омилената дејност на мнозинството, буквално сѐ има врска со неа. Што Ви е приоритет а пропо фактот дека политичките ангажмани, вклучително и партиските, ѝ контрираат на една од Вашите особини (карактерни) - принципиелноста? Или на кои начела се ослонувате?
Ф. Б.:Јасната дистинкција меѓу бизнисот и политиката, без оглед на мојата активност како претседател на Туристичко-угостителската комора, никогаш не ме поттикна да влезам во политиката.И покрај нераскинливото функционирање од таа позиција со институциите и функционерите,јас имав аверзија спрема политиката и сосема фокусирано и стручно се предадов на фелата.
ММ: Што мислите, дали во денешни, услови на етички пад, може да се живее нормално? Се промени буквално сѐ - љубовта е „фалсификувана“, пријателствата се лажни, се темелат врз интереси. Плус, од т.н. пашинци не може да се пркне. Списокот навистина е долг. Ќе куртулиме од ненормалност во блиска иднина?
Ф. Б.:Има големи промени во начинот на живеење и нормалните човечки вредности.За жал, изменети се и приоритетите за нормално живеење,како и перцепцијата на квалитетот.Сѐ помалку има вистинска емоција,љубов,дружба и пријателство, а тоа нѐ прави сѐ понесреќни и празни.
Блиц прашања
ММ: Елитизмот е битен во ресторанската дејност или..? Какви луѓе, кои се тие што ја сочинуваат елитата во Македонија? Или кои се најпосакувани гости?
Ф.Б.:Како што напоменав, лажните вредности станаа вистински,илјадапати повторена лага станува вистина,а македонската елита се цени според арапското писмо, оддесно налево - прво цената, па потоа описот, за жал!
ММ: Како се опуштате? Ресторанската дејност, угостителството не може да се врзе со редовниот живот. Дали спортувате? Како се празните од стресот?
Ф. Б.:За жал,јас сум антиталент за спорт.Од сите спортски дисциплини највеќе сакам пливање. Заради хороскопскиот знак, изгледа.
ММ: На повидок е четвртата генерација угостители во семејството? Имате два сина, покажуваат интерес за продолжување на традицијата?
Ф. Б.:Уф! На денешниве деца со технологијата и не сум баш сигурен дека ќе успеам да им ја пренесам традицијата.Но, секако дека ќе им ги пренесам искуствата и знаењата,како и бенифитите од угостителството.
ММ: Кога се мирисите во прашање, имате омилен парфем?
Ф. Б.: „Жан Пол Готје“.
ММ: Дали мотивацијата има поголема ефективност или зауздувањето на вработените? Што дава подобар ефект? На успех во работата мислам.
Ф. Б.:Да, се разбира.Секој угостителски работник мора да биде максимално, крајно мотивиран за да може да ја пренесе емоцијата и позитивната енергија.Без мотивација нема љубов и енергија.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Феркан Бербери