Лаф-муабет со Михајло Вангелов: Плачот на новороденчето е еден од најубавите звуци на овој свет, звук што ја исполнува душата
Понеделничкиот лаф-мауабет има една цел - да ве разоноди, да ве оттргне од грубото секојдневие, односно бремето на денешницата, и вирусната пандемија и оружените конфликти, вклучително и економската состојба, егзистенцијата бидејќи не сакаме дополнително и ние да ве оптоваруваме со неубави работи, постапки. Напротив, желбата ни е да ве опуштиме, да ве ослободиме од тензии, па и накратко. Изборот на битолчанецот Михајло Вангелов - гинеколог акушер и советник на градското собрание за денешниот разговор не беше случаен, го избравме поради неговата позитивна енергија и таквиот став кон животот, сфаќањата или погледите, како и размислувањата околу него. Впрочем, не можеме да очекуваме инаков муабет со угледен човек за кој плачот на новороденчето е најубавиот звук на светот, нешто што ја исполнува душата.
Со
него разговаравме и за други нешта, од совладувањето на стресот, преку
семејната поддршка, до „Stile
Italiano“. И уште повеќе, како на пример за полтронијадата,
миражот... Накусо, М. В. е омилена личност меѓу битолчаните и битолчанките и
заради стручноста, но и поради неговиот ведар, здрав дух што е голема реткост
во денешни, т.е. околности чија придавка нормални е дефинитивно и прашален
збор. Наспроти демагошките побуди на многумина, битолскиот гинеколог акушер и
советник на градското собрание признава дека никогаш не сонувал за успех. Просто
или едноставно, работел за него.
ММ: Гинекологијата и акушерството се Вашите фахови. Специјализиравте во Белград, таму и работевте извесно време. Зошто се одлучивте за српската метропола? Што Ве привлече, можеби престижот на болницата, нејзината стручност? Мислам на персоналот, кадарот. И кој е мотивот да се занимавате со нив, како медицински дејности?
М. В.:Гинекологијата е мојата љубов од најраната возраст, прекрасни примери, идоли ме воделе во таа замисла да станам гинеколог акушер. Самата помисла кога на свет носиш едно ново битие кое има своја душа, едноставно е непроценливо. Ние гинеколозите сме привилегирани со тоа што сведочиме за еден навистина посебен миг. Тоа е мигот кога времето застанува. Не е важно колку е часот, кој ден е. Наеднаш ништо не е важно освен новороденчето. Плачот на новороденчето е еден од најубавите звуци на овој свет, звук што ја исполнува душата. Специјализирав во Белград и едноставно Белград стана неизбежен дел од мојот живот, како да спушти сидро во моето срце засекогаш. Заминав во српската метропола сосема случајно, упатен од страна на Министерството за здравство со цел да завршам и да се усовршам во еден од најпрестижните центри за гинекологија и акушерство, а тоа е Гинеколошко-акушерската клиника во Белград. Најголемото родилиште на Балканот. Место за кое можам да зборувам само во суперлативи, почнувајќи од моите ментори - еминтентните професори, моите колеги и останатиот персонал. Место од кое научив премногу на професионален, но и на животен план, место каде што созреав како личност, ако можам да кажам така.
ММ: Според информациите, повеќето гинеколози акушери се мажи. По малку интригираат податоците, морам да признаам. Има причина зошто е така? Гледиштата се различни, поделени. Ќе ни кажете? Накратко. Сепак, доминантна е хуманата цел, иако не изостанува полемиката околу Хипократовата заклетва, генерално. Се говори дека многу лекари го игнорираат кодот, моралниот. Вашето мислење какво е?
М. В.: Знаете како, ако некогаш во 1950-тите, на светско нови, процентот на мажи гинеколози во однос на жени гинеколози бил 80:20, сега повеќе не е така. Можам да кажам дека на светско ниво тој сооднос е скоро израмнет. Знаете како, моралниот кодекс се занимава со морал, а моралот е нешто индивидуално. Има многу луѓе кои се слободни да изберат и да одлучат дали ќе го прифата моралниот кодекс. Меѓутоа, колку што гледам околу мене, сите мои колеги се придржуваат кон моралниот кодекс и Хипократовата заклетва, но секогаш има црни овци, така да кажам, што ќе бидат лош пример за сите во опшеството. Како се вели, на таквите нека им е на чест.
ММ: Чувството на одговорност е големо, првенствено за време на породувањето, меѓу другото. А, кога ќе заврши тоа, Ве молам опишете ја емоцијата, каква е? Дали брачните другари на пример, нивните партнери се таму во миговите на породувањето? Како реагираат? Мнозината се присутни, можеби го избегнуваат? Некоја интересна случка ќе издвоите?
М. В.: Чувството на одговорност е огромно бидејќи одговарам за два живота, два живота се во моите раце. Тоа е момент кога се ствараат два нови живота бидејќи со раѓањето на детето се раѓа и мајката. Таа емоција во тој момент тешко може да се долови со зборови, едноставно може само да се доживее. Приватноста на пораѓањето треба да биде право на секоја идна мајка, а не привилегија. Амбиентот за време на раѓањето, како и присуството на партнерот и неговата поддршка заедно да ги доживеат најубавите моменти, искуства и сеќавања од раѓањето на нивното дете се важни елементи кои ги заслужува секоја родилка. Кај нас таа можност или привилегија родилките ја немаат, додека во Белград имаше доста случаи каде што брачните партнери присуствуваа на најубавиот, најсветиот чин, а тоа е раѓањето. Оттаму доаѓа и една комична ситуација, како да беше ископирана од холивудски филм. За време на едно раѓање, ако се сеќавам добро, пациентите беа од Јамајка, партнерот на родилката при самиот акт на експулзија на бебето изгуби свест и падна како покосен на земја. Ха, ха, ха!
ММ: Како излегувате накрај со чувствата, емоциите? Како се справувате со нив? Понекогаш знае и да се искомплицира текот или, пак, бебето да не биде најдобро. Можно е второто, да не го забележите во предпородилното време, односно период? Ладнокрвноста, присебноста е особено важна, претпоставувам. Друго?
М.В.:За време на специјализацијата нѐ учеа како да се носиме со стресот и како да реагираме на стресните ситуации, адекватно. Нормално, искуството тука е клучната алатка. Знаете како, за време на пораѓањето водите грижа за два живота, животот на мајката и на бебето се во моите раце, а во акушерството никогаш нема правило дека 1+1=2, секогаш треба да бидете ладнокрвни и спремни за секакви изненадувања од страна на плодот или мајката каде што треба адекватно и брзо да реагирате. Најубавиот момент за мене е кога во очите на мајка ми ќе видам ода на радоста за тоа што го работам. Таа возбуда и вистинска радост поради доаѓањето на новиот живот е највозвишеното нешто на земјината топка и силна мотивација за сите нас кои сме привилегирани да учествуваме во тој процес. Досега во праксата сум имал драматични ситуации, тие се составен дел од работата, посебно кај оние што имаат голем обем на работа, но сите тие драматични ситуации кои сум ги имал завршиле успешно.
ММ: Работата Ви е стресна, особено сега, во инакви околности. Пандемијата Ви отежнува, дефинитивно. Како се опуштате? Каде? Имате омилено место? Исфрлањето на стресот, акомулираната негативна енергија е потребно за да се продолжи натаму, со сета сила.
М. В.: Секој ден се соочуваме со предизвици и препреки кои нѐ дефинираат и ни помагаат да созрееме. Но, кога ќе се вовлече стресот, тој може да направи работите да станат скоро невозможни. Може да нѐ парализира и да нѐ спречи да ги направиме работите што мора да се завршат. Стресот е тивкиот убиец и, доколку не најдеме некој начин да ја исфрлиме акомулираната негативна енергија, тогаш настануваат вистинските проблеми. Спортот, активното спортско живеење, фитнесот секојдневно и активното играње фудбал еднаш неделно, иако во Четврта македонска лига, дружењето и шегите со тимот ми се и те како место каде што ја исфрлам негативната енергија. Неизоставен дел се моите другари и пријатели, лаф-муабетите со нив и седенките во нашиот омилен ресторан. Тие седенки кои ги правиме се нешто што го нарекувам психотерапија. Ха, ха, ха! Но, најбитното нешто во мојот живот и мојот чарџер полнач е моето семејство - сопругата и моите деца Тео и Сташа. Само една нивна прегратка и насмевка ми акомулираат позитивна енергија и сила и ги полнат батериите за долг период, за нови предизвици.
ММ: Поддршката од семејството ја имате, како што рековте. Вашата сопруга е белграѓанка, со неа имате и две мали деца. Одите во Белград или..? Српската метропола има посебен дух, шмек. Дали Ве освои неговиот шарм, кои се причините, заради што би се вратиле пак? Или што имаат белграѓани, Белград, а немаат битолчани, Битола? И обратно.
М. В.: Знаете како, семејството е најголемиот благослов во животот. Група што сонува, се смее, си игра и се сака заедно. Оние на кои можеш секогаш да се потпреш. Секогаш се тука за мене, не само во добрите моменти. Тие се најскапоцениот дар и без нивна поддршка никогаш не би успеал. Да, мојата најмила е белграѓанка, жената која ми дава сила и мотив за напред, жената која е столб на моето семејство, жената која ми ги подари двата наши ангели - Теодор (3) и Сташа (1,5). Во Белград сме доста често, најмалку еднаш месечно, каде што минуваме време со фамилијата и со нашите пријатели и колеги. Уф, Белград е местото каде што секогаш ќе ме поврзуваат убави спомени, градот со страшен шмек и шарм кој мора само да се доживее. Душко Радовиќ рекол: „Кој имал среќа утрово да се разбуди во Белград, може да се смета дека за денес доволно постигнал во животот. Секое понатамошно инсистирање на уште нешто би било нескромно“. Би се вратил да живеам во Белград со задоволство доколку продолжат административните препреки кои ги доживува мојата сопруга во врска со нострификацијата на специјалистичката диплома и останатите административни лавиринти кои се иронично смешни. Некултурата, она основното добар ден, како сте, извинете, благодарам, кое го нема кај нас, сѐ тоа смета. Смета цинизмот и озборувањата, смета кога желбата да постигнеш нешто повеќе и да бидеш подобар тие скратена од најразличните административни и политички лавиринти и смета кога околу себе гледам колку некои луѓе не си го сакаат својот град, својата земја. Белград засекогаш ќе остане длабоко во моето срце и секогаш ќе го сакам, но ништо не може да ја замени љубовта што ја чувствувам кон мојата најубава Битола.
ММ: Дека битолчани внимаваат на својот изглед - тоа е вистина, непобитна. Од каде тоа, има врска со минатото, фактот дека бил конзулски град, близината со грчката „симбротевуса“? Вие, како се облекувате, можете да ни кажете збор-два околу стилот? Имате омилени брендови на пример, бои, аксесоари?
М. В.: Битолчаните отсекогаш внимавале на својот изглед, на своето држење, како да ни е вродено тоа, како да е во нашиот ген, кодирано. Битола беше конзулски град, а оттаму и нивото на стилско облекување. Стилот претставува нешто од вашиот код и тоа се манифестира преку генијалноста и идентитетот. Затоа, секој човек мора да има свој стил за да ја истакне својата личност. Мојот стил на облекување најчесто е т.н. бизнис кежуал стил, стил каде што најубаво се чувствувам. Она што најдобро го опишува овој стил на облекување е тоа што не отстапува многу од деловниот стил, но сепак ми дозволува да додадам личен печат со парчиња кои се опуштени, сепак без да ја преминам границата со парчиња кои би ги носел за секојдневна прошетка. Брендови кои ги фаворизирам се Лакост, Ралф Лорен, Хуго, но не ми смета и парче облека која не е брендирана, а може убаво да се искомбинира и да одговара на мојот стил. Ги сакам светлите бои на облека, но класичното црно-бело е она за кое најчесто се држам. Неизбежен дел од мојата гардероба или аксесоар се џебните шамичињата кои ги имам во сите бои, за сите комбинации на облекување.
ММ: Парфемите... Како ќе ги опишете ливантата, мирисите кои неретко ги користите? Имате омилени? Која е доминантната, главната нота во нив? Дали Ве опишуваат соодветно?
М. В.: Парфемите ми се слабост, никогаш доста од нив. Како што налага настанот или обврските во текот на денот, така се менува и типот на парфем кој го користам. Секојдневно ги користам Armani Profumo, Carolina Herrera 212 и Tom Ford Tuscan Leather, мириси кои се наменети за сите оние што имаат современ и отворен ум и претставуваат олицетворение на машкоста. За специјални пригоди, но неретко и секојдневно го користам Montale Black Aoud, парфем кој најдобро прилега на мојот карактер и остава долга трага и неодолив мирис.
ММ: Говорите италијански? Така прочитав. Што Ве импресионира во Италија, можеби „Stile Italiano“? Или нешто друго? Како гледате на сетилното уживање? Хедонизмот е филозофски правец според кој живее мнозинството, италијанското се разбира.
М. В.: Италијанскиот начин на живот е нешто кон што тежнеам и целам да живеам. Италијанската животна филозофија е надалеку позната, а нејзина носечка компонента е ставот дека животот е прекрасен и треба да се слави секој ден. Тие, како нација, уживаат во малите работи - од вкусните залчиња и топката сладолед до чашата добро вино и семејниот ручек.Хедонизмот честопати е поврзан со луксузот, но кај мене тоа не е така, хедонизмот е состојба на духот, можеш да станеш рано наутро и да уживаш во изгрејсонцето пиејќи кафе, радувајќи се на новиот ден. И тоа е хедонизам. Хедонист си ако знаеш да уживаш во убавите нешта без да пречиш некому и, притоа, никој да не страда поради твоето уживање.
ММ: Неизбежно е прашањето за политиката. Од лани се ангажиравте и таму, советничката должност е исто така дел од Вашите обврски, работни. Која е Вашата идеологија? Политичките аспирации кои се, какви?
М. В.: Да, од лани сум советник, т.е член на Советот на општина Битола, избран од страната на победничката коалиција на ВМРО ДПМНЕ. Се вклучив со една цел - за подобро утре, за подбра и поубава Битола оти, како што често знам да кажам, Битола се сака со душа, Битола се сака со срце. Идеологијата е наука за идеите. Секогаш ќе ме води идеологијата за подобро утре. Да оставиме на иднината за тоа кои се моите политички аспирации и како во иднина ќе се одвива мојата политичка кариера. Во политиката секој треба да го заслужи местото кое го добил со довербата од граѓаните.
Блиц прашања:
ММ: За полтронијадата се говори дека го „зарази“ поголемиот дел од луѓето? Може ли поинаку да се функционира денес? И како?
М. В.:По речник полтрон е лажен додворувач, човек со особина на улизување пред други што ги смета авторитети, бескарактерен човек.Сѐ повеќе такви, но проблемот во нашето опшество е што таквите успеваат кај нас. Мора да се стави крај и да се ценат и да се вреднуваат правите вредности кај една личност.
ММ: Што Ве фрустрира, односно иритира многу?
М. В.: Неправдата, лагите, опструкциите.
ММ: За престижот, како и за миражот, лажниот привид... Што мислите, која е причината за глумењето хај-лајф? Комплекс или..?
М. В.: Комплекси, и тоа страшни комплекси. Сѐ повеќе луѓе без свое јас и сето тоа е плод на глумењето хај-лајф.
ММ: Се каете, односно жалите поради некоја постапка, нешто?
М. В.: Не!! Но, ако би избирал, би избрал да имам повеќе слободно време.
ММ: Постои некоја книга што Ви го сменила видувањето на животот, неговата цел? Или филм, зошто да не?
М. В.: „Не е важно колку си добар, важно е колку добар сакаш да бидеш“, „Алхемичарот“ и „Една минута за себе“ се книгите кои ми оставија најголем впечаток и ми го сменија видувањето на животот и неговата цел. Обожавам да гледам филмови, имам голема колекција. Секогаш кога имам слободно време, заедно со сопругата уживаме во добар трилер или комедија.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Михајло Вангелов