Лаф-муабет со Роберт Атанасов: Најбогата душа не е онаа што најмногу има, туку онаа на која најмалку ѝ треба
Неодамнешните информации околу хакерските упади што ги
пренесоа средствата за информирање, односно медиумите, и покрај одрекувањето на
челниците, влијаеше на изборот на соговорник за денешниот лаф-муабет.
Се работи за Роберт Атанасов, инаку магистер по економски науки, со петнаесетгодишен стаж во Министерството за внатрешни работи, кој неодамна или поточно лани, во декември, издаде ,,Прирачник за заштита од измами и компјутерски криминал“. Се разбира, освен за книгата и злосторништвото на интернет, криминоетиологијата, согласно рубриката и полето на интерес на читателската публика, со него разговарав и за стилот (сеопфатно) и за хедонизмот, вклучувајќи ја и естетиката, и за пријателствата. И не само за тоа. Ги опфативме и патувањата, но не изостана ни муабетот за неготинците. Се разбира, контра скопјаните.
ММ: Неоспорен факт е дека измамниците роварат секаде, а информатичката револуција се чини дека придонесе за своевидно „рафинирање“ на криминалот. Според Вашите сознанија, кои лица се изложени повеќе на криминалитет, физичките или правните? Какви се злосторништвата, кои видови се најзастапени? Се оди ли во крајности, односно екстремности?
Р. А.:Криминалецот не бира време, место, род, вера или нација. Не може да се извади точен податок дали повеќе се изложени на злоупотреба физичките или правните лица. Најпосле и зад правните лица постои физичкото лице кое го менаџира правното лице и кое извршува соодветна активност во тоа правно лице. Неофицијалните податоци кажуваат дека во последните неколку години вкупната парична вредност за која се оштетени домашните правни лица во РСМ преку компјутерски или интернет-криминал изнесува повеќе од 3.500,000 евра, што значи дека тоа се парични средства, капитал што ѝ приѓал на државата, извлечен на противправен начин надвор од неа и со којшто капитал во моментов располага и ужива странско лице, криминалец, којзнае на кое место во светот.
Постојат неколку облици, форми (modus operandi) на криминал на кои најчесто се извршуваат криминалните активности и, доколку ги осознае секој граѓанин, постои веројатност дека во голема мера граѓаните ќе бидат заштитени од одредени форми на измами и злоупотреби, иако не постои 100% гаранција дека одреден граѓанин може 100% да биде заштитен од сите форми на злоупотреби, измами и сл., од причина што како што еволуира науката и човечката свест, така еволуираат и измамниците во нивната вештина и секогаш нивната инвентивност ќе биде поразвиена и понапредна од свеста на чесниот граѓанин, така што секогаш постои простор криминалците да измислат нешто ново што дотогаш било непознато или неприменето.
ММ: Се работи за прирачник, очигледно дека е прв од ваков тип. Како да се заштити еден лаик за компјутери? Претпоставувам дека криминалците имаат особени знаења кога се компјутерите во прашање, да не речам специјалисти. Дали се интересирате за криминалната психологија, кои се мотивите за деликтите?
Р. А.:Секој граѓанин што е амбициозен и е подготвен да се надградува во својата материја, независно дали станува збор за интелектуалец, трговец, стопанственик, занаетчија или криминалец, сметам дека е професионалец во својата област, така што секој граѓанин, независно на кое поле и во која материја делува, треба на дневно ниво да се надградува, да се едуцира и да го надополнува своето знаење и само така може да му пркоси на криминалецот или на лицето од другата страна на законот.
Во најголем број од случаите или речиси секогаш, материјалната корист е најголемиот мотив за вршењето на криминалните активности и извршувањето на криминалните деликти.
ММ: Петнаесетина година работите во Министерството за внатрешни работи. Нескриена е Вашата борба против криминалот, за општествен ред и правда, за поредок на општествените вредности. Но, реалноста е поприлично груба, криминалноста е присутна во сите домени, па... Со каква цел? Дали мамонизмот е главната причина? И како му се противставувате?
Р. А.:Па, може да се кажи дека мамонизмот е главната причина за извршувањето на криминалните активности кај поединците, од причина што личната благосостојба, личниот комодитет, стремежот кон богатење, желбата и потребата за најубавите материјални добра што го прават секојдневието и животот посладок, полуксузен, се чини дека се главен иницијатор, односно мотив за извршувањето на криминалните активности кај поединци,односно кај криминалците. Начинот на кој се противставуваме е преку законските рамки, нормативи и правила пропишани од страна на државата и секако дека секој совесен граѓанин во секоја институција или работно место преку својата лична свест и преку својот личен пример треба да придонесе за градење на поздрава и подобра колективна свест.
Барајќи начин како најбрзо, најлесно и најдобро да допрам до секој граѓанин во нашата држава, во насока на негова заштита и превенирање од нагонот на измамниците, јас го создадов моето прво литературно дело, прво и единствено од ваков вид во државата - ,,Прирачник за заштита од измами и компјутерски криминал“, труд во кој се елаборирани најзастепените облици, односно форми на криминал што ги практикувале измамниците во последните неколку години во нашата држава, така што читателот, читајќи ги разните облици на измами, го осознава начинот на извршување на измамите и на тој начин несвесно ќе стекне имунитет за одбрана и заштита од изманмниците, ќе изгради одбранбен механизам на распознавање и детектирање на измамниците и на нивниот стил на функционирање и тоа во голема мера ќе му помогне во неговото секојдневно делување да се заштити од измамникот во своето опкружување и неговиот нагон за стекнување на лична материјална корист и нанесување на штета кај измаменото лице.
ММ: Од неколкудневната писмена комуникација сфатив дека сте дуалист, приврзаник на дуализмот кога се работи за стилот на живеење. Го прифаќате двојството на духот и материјата, нивната неделивост? Како гледате на духовниот живот, неговиот развој визави хедонизмот на пример? Како ги поврзувате?
Р. А.:Што сакате имајте во животот, планини со злато, најлуксузни автомобили, најубава палата, но ако не бидете задоволни, пак нема да бидете среќни. Најбогата душа не е онаа што најмногу има, туку онаа на која најмалку ѝ треба. Показател за оваа состојба на душата и психичката состојба на човекот се најславните личности во светот. Многу од нив достигнале светска слава и богатство, но сепак биле многу несреќни и многу од нив завршиле трагично, со самоубиство. Тоа укажува дека материјалните добра и богатства преку кои се насладуваат очите не ја прават душата среќна, напротив.Човекот треба да се потруди да ја пронајде вистинската духовна храна за неговата душа, за таа да биде постојано среќна и исполнета. Кога еден богат човек е несреќен, него не му помага тоа што тој живее во раскошна палата, ниту пак тоа што во својата гаража има паркирано најлуксузно возило, затоа што ниту палатата ќе му возврати на неговиот муабет, ниту пак возилото ќе зборува со него, уште повеќе што ниту едно од двете нема да осети дека неговата душа е празна и несреќна и нема да се потруди да му ја исполни. Со материјални добра и богатства човек не може да купи искрено добар пријател затоа што тој ќе биде пријател сѐ додека од другата страна има материјални добра, од причина што тој на тој начин практично е и стекнат како пријател, преку материјалните вредности, но кога ќе исчезнат материјалните добра, ќе исчезне и пријателот и тогаш кога ќе му биде најтешко на човекот - тој пак ќе остане сам.
Еден човек може да биде среќен со многу малку, не мора да значи дека среќата лежи во богатството. На пример, еден здрав обичен човек на крајот од својот работен ден, со една обична чаша ракија, со убаво подготвена домашна салата во својот скромен дом или со една чаша обично домашно црвено вино или со една обична пура од 200 денари може да ѝ причинат многу повеќе задоволство на душата отколку на богатиот човек екстремно скапото виски во луксузната куќа, осамен и сам. Секој човек мора да го најде во себе својот мир, секој човек е среќен на свој начин, само што има луѓе кои не се во состојба да го осознаат тоа.
ММ: Кога се работи за хедонизмот, што Ви прави најмногу ќеф? Според Вас, која е таа мераклиска работа? И колку ѝ придавате значење на естетиката?
Р. А.:Филозофијата на хедонизмот сама по себе подразбира состојба на духот, односно човек да знае да ужива во убавите нешта без притоа да пречи некому, без да зависи од некого и притоа никој или ништо да не страда од неговото уживање, независно дали станува збор за луѓе во околината или, пак, самата околина. Оттука слободно можам да кажам дека имам доста хедонистичко во себе затоа што правам многу разновидни работи во животот, ама ги правам ретко, за да може секоја работа да ми причини посебно задоволство. Така на пример, знам да го земам својот велосипед и да возам сам, знам да одам на скијање сам, да возам кајак сам, да трчам сам, да планинарам сам. Правејќи ги сите тие работи, речиси во секоја работа може да доловам момент во кој ќе се чувствувам крајно исполнет и задоволен од животот и во тој момент знам да му заблагодарам на Бога што ми овозможил да го доживеам тој момент. Тоа може да биде откривање на некоја прекрасна планинска река, да седнам до реката и да уживам неколку минути во убавината, може да биде убав планински пејзаж, тоа може да биде убава песна, убава слика, убаво вино, убава цигара итн. Особено ми значи и ми дава енергија дружењето со убави луѓе, со убава душа, добра и пламенита. На пример, седењето или дружењето со човек со убава душа знае да ме држи позитивен и неколку дена.
Естетиката или филозофијата на уметноста мислам дека е другото значење на хедонизмот затоа што ја проучува природата на убавината и перцепцијата на убавината од страна на индивидуите. Оттука, способноста за перцепирањето на убавината и уживањето во убавината не гледам што би можело да биде друго, ако не своевидна форма на хедонизам. Сметам дека естетиката или чуството за естетика преставува карактерна особина на еден човек со која се раѓа и тоа може во одредена мера да се модификува, но човек што не држи до естетиката, ниту некогаш ќе се научи целосно да ужива и да ѝ придава значење, ниту пак тој што ужива во естетиката и што му значи, некогаш ќе успее да ја оттргне од себе. Оттука, сѐ што правам и сѐ што имам околу себе мора да биде естетски уредено, да има хармонија во себе, да генерира позитивни убави естетски вибрации. Во обратен случај, не би можел да го поднесам.
ММ: Кој стил на облекување го претпочитате - американскиот, британскиот, италијанскиот, францускиот? Во која смисла е најблизу до Вашиот сензибилитет?
Р. А.:Искрено, не знам што посебно го манифестира секој од овие стилови или што преставува јака страна за секој од овие стилови. Она што отекогаш го карактеризира мојот карактер или стил на облекување, тоа било спортската елеганција. Многу ретко знам да се облечам во крајно сериозна, елегантна комбинација. Обично секогаш претпочитам првиот впечаток за мојата комбинација на облекување да биде доволно впечатлив, да не оддава знаци на непознавање на модата или на стилските комбинации на облекување, секогаш да изгледам маркантно, естетски и пријатно за очи. Обожавам фармерки и ги комбинирам во различни комбинации, добри чевли, каиш, кравата, капут, стилско сако и сѐ она друго што го прави еден маж да делува сигурно, моќно, препознатливо, авторитетно и маркантно.
ММ: Но, интересно е и Вашето размислување околу брендовите. На што Ви асоцираат, на голем квалитет, скапотија или убав изглед во смисла на дизајн? Која трговска марка оттука Ви се допаѓа најмногу? А, кој странски бренд?
Р. А.:Во принцип брендот значи квалитет. Не може да се изгради добар бренд само на основа на добар и јак маркетинг без во својата основа да има содржано и добар квалитет. Практично може да има обид преку јак маркетинг, а без квалитет да се создаде добар бренд, но нема да може долго време да опстои како добар бренд, затоа што по неговата масовна примена како добар бренд (поради силен маркетинг) поголемиот дел од луѓето кои дошле до тој производ, независно за каков производ станува збор, ќе се уверат дека квалитетот не е на такво ниво како што е преставен или, пак, не соодветствува на цената што ја има декларирано производот како добар бренд, па оттука многу брзо би завршил обидот одреден производ да се наметне како добар бренд само поради силен маркетинг, а без добар квалитет. Оттука, ако размислуваме со економската логика, не може да создадете добар производ без употреба на квалитетни материјали, без квалитетен човечки труд, без скап маркетинг, а сето тоа чини многу пари, па сосем логично е и квалитетниот производ, односно бренд да биде и доста скап. Таков е случајот со „мерцедес“, со есклузивните брендови како „ламборџини“, „ферари“, „бос“, „луј витон“, „прада“, „шанел“ итн. Голем дел од светските модни брендови, со нивните цени не соодветствуваат на нашиот стандард така што за поголем дел од луѓето во нашата држава тие се практично и недостижни. Морам да признаам дека немам некоја посебно омилена марка или бренд, нормално дека како и секој друг и јас сакам тоа што го носам да биде своевидна трговска марка или бренд, но не апсолутно, неизбежно. Напротив, многу повеќе ми е важно тоа што го носам да е одлично изработено, уникатно, со одличен дизајн и да е направено за мојата линија, односно за контурите на моето тело, а дали ќе биде светски бренд, не ми е толку важно.
ММ: Последните неколку години се чини дека пријателствата се изменија - почитта, љубовта и довербата како да се претворија во лага. Зошто е така? Какво е Вашето искуство?
Р. А.:Се изменија навистина и претпоставувам дека е така поради тоа што материјалното го засени духовното. Односно, никогаш како сега техниката не била толку напредна, никогаш немало како сега толку голем јаз помеѓу богатите и сиромашните, никогаш јазот помеѓу луксузот и немањето ништо не бил толку голем како сега, така што мислам дека луѓето се во некоја очајна трка и борба за пари и се чини како воопшто да не им е важно на кој начин и како ќе дојдат до пари и што притоа ќе остават зад себе во таа трка за пари. За мене сѐ е прифатливо и за сѐ имам разбирање, но во текот на моето работење бев сведок на многу случаи каде што не само што браќа или сестри се спореа помеѓу себе за материјални работи, туку во многу случаи тоа беше пример и помеѓу родители и деца. Оттука, ако дошло ред да се тужи детето со својот родител кој му дал живот, за оспорување или добивање одредено материјално добро, независно дали станува збор за недвижност, возило, наследство итн., за браќа и сестри воопшто да не зборуваме, можеме да замислиме на кое ниво е сведено пријателството или другарството помеѓу индивидуи кои не се во никакво сродство, а единствена работа која ги поврзувала било пријателството или другарството. Сето ова доволно зборува декасе соочуваме со дисторзија на човечките вредности - етичките, моралните и на свеста, совеста кај луѓето воопшто. Претпоставувам дека алчноста, себичноста, непотребната желба за луксуз и благосостојба се главните причини што довеле до тоа - лицемерието, лагата и бескруполозноста да ги засенат почитта, љубовта и довербата.
ММ: Во исто време и пандемијата ни го наруши мирот, ни го промени сфаќањето за животот. Вие, што научивте од неа? Како гледате на суштествувањето денеска, по двегодишните мерки - карантин, изолација..?
Р. А.:Она што како поука го извлече поголемиот дел од народот во пандемијата го извлеков и јас, а тоа е дека здравјето е најважно од сѐ, дека со пари не може да се купи здавје, дека кога ќе дојде судниот ден за сите луѓе ќе биде исто, независно од верата, националноста, родот или сталежот, дека сите луѓе во светот сме подеднакво заглавени на земјината топка и дека сите дишеме еден ист воздух, дека кафето, пијачката и прегрнувањето со својата омилена личност, пријател или другар е незаменливо и дека има огромна разлика дали тоа кафе ќе биде испиено преку интернет или во непосредно дружење.
ММ: Пандемијата нѐ лиши од патувањата во извесна смисла. Претходно, каде одевте најчесто? Имате ли омилени држави, градови? Што Ви се допаѓа во нив, што би презеле оттаму?
Р. А.:Најчесто патував во земјите од Европа и омилени држави ми се Австрија, Швајцарија, Словенија и земјите слични на нив. Отсекогаш најмногу ми се допаѓала природата во тие земји, редот на нештата, владеењето на законот, свеста и совеста кај тие луѓе, културата, градбите. Со еден збор - сѐ.
Блиц прашања:
ММ: Која е основната мотивација на сите Ваши активности?
Р. А.:Секоја работа која не е заснована на љубов и верба носи во себе никулец на смртта и сигурно води кон својата пропаст.
ММ: Како се опуштате? Работата Ви е прилично стресна, на кој начин се ослободувате од стресот?
Р. А:Обично со дружба и седенка со добри пријатели. Најмногу од сѐ ме ослободува дружењето со убави, позитивни и успешни личности, пријатели и другари, спортувањето секако, патувањето. Имам неопходна потреба на секои 3-4 месеци да излезам од државата. Понекогаш знам да се опуштам во својот дом со добра музика, добар пијалак и убаво мезе итн.
ММ: Како пријател на спортот, кој Ви е омилен и зошто? А, меѓу зимските спортови? Ја следите Олимпијадата во Пекинг?
Р. А.:Сите спортови ми се подеднакво омилени и речиси и да нема спорт што не го практикувам, почнувајќи од тенис, пинг-понг, скијање, кајак, одбојка, фудбал, кошарка. За каков спорт ќе најдам друштво, таков практикувам, а кога нема да најдам друштво, тогаш сам возам велосипед, пешачам, трчам, пливам итн.
Не ја следев Олимпијадата во Пекинг, можеби што се вика така, со едното око, од причина што немам навика и не следам спорт, не ми е интересно, а може да ми е и залудно потрошено време. Не знам зошто, но ете, не следам спорт.
ММ: За кои вредности (морални) се залагате? Претпоставувам дека и Вашите малолетни деца ги учите на етика, морал?
Р. А.:Не се залагам, туку мислам дека се дел од мојот карактер - правичност, одговорност, совесност, самокритичност, доследност, почит, вистинитост, дружељубивост, почит спрема дадениот збор итн. И настојувам сите тие морални вредности или карактерни особини да ги пренесам не само на моите деца, туку и на сите личности на кои можам да влијаам во моето непосредно опкружување.
ММ: Потекнувате од Неготино. Понесовте ли нешто оттаму во Скопје? Што имаат неготинци, а немаат скопјани, па и обратно?
Р. А.:Не само неготинци,сите што доаѓаат во големиот град, во Скопје, од малите места го имаат она што го немаат скопјани, а тоа е самостојност, пргавост, амбициозност, борбеност, упорност во остварувањето на своите цели. Луѓето од помалите места знаат сами да ја постават својата цел, да го изберат патот што води до неа, сами да го изодат патот и да ја остварат поставената цел. Мислам дека тоа е единстевната разлика помеѓу дечките од Скопје и оние што доаѓаат од помалите места. Децата од Скопје уште од мали се научени сѐ она што е потребно за нив, во нивно име, да го направат нивните родители. Сето тоа создава млитавост, мрзеливост, пасивност итн. И покрај тоа што не е добро, сепак мислам дека и јас ќе го наследам таквиот модел на функционирање, така што јас и моите деца нема да бидеме ништо поразлични од децата на децата што се родени и израснати во Скопје.
Не знам што имаат скопјани, а го немат неготинци - можеби поголема култура, подобро однесување, покултурен дијалект за разлика од неготинци (ха-ха) итн.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна арахива на Роберт Атанасов