Лаф-муабет со Виктор Црвенов: Луѓето се подготвени за пари да ја погазат својата гордост

Безмалку шеснаесет години „Круг“ е омилен меркез, собиралиште на скопските урбани дечки, девојки кои се карактеризираат со авангардност, во секој поглед. Иако трендовите ги обезличија вредностите, и културните и моралните, кафулето и натаму е консеквентно на својата првичност - неконвенционално место за опуштено да испиете убаво кафе, да слушате добра музика и, секако, да почувствувате задоволство меѓу другото и заради енергијата со неизбежниот адјектив - позитивна. 

Оттаму и генерациската испреплетеност, новите и редовните, дамнешни посетители кои се врќаат постојано. За тоа е најзаслужен Виктор Црвенов, неговиот сопственик чија менаџерска способност е повеќе од забележлива. Со него разговарав олабавено, за сѐ и сешто, принципиелно на понеделничката рубрика. Некогаш и нема потреба од километарски прелудиум, доволни се два-три збора и, останатото е лаф-муабет. Достатен е само еден „урби ет орби“ (фиг. на градот и на светот).

ММ: Големата посетеност на „Круг“ е потврда, меѓу другото, и за успешното менаџирање, но и обратно, се разбира. Неполни шеснаесет години е така, без каков било застој. Ќе ни кажете повеќе за неговите почетоци? Каква беше идејата и дали сега, од аспект на денешна состојба, неговата работа е онаква каква што ја замислувавте и посакувавте на отворањето? 

В. Ц.: „Круг“е замислен како урбано место, чиј ентериер е неконвенционален, кое не претендира да стане дел од „градската шема“, опуштено и место кое нуди добро кафе, добра услуга и добра музика. Почнавме со свирки од кавер и авторски бендови, нешто што беше новина за кафуле и тоа траеше сѐ до донесување на законот за пушење, кога интересот на посетителите некако опадна за затворени простории, а пушачите го минуваа времето претежно надвор, пушејќи. Оттаму се наметна потребата за поставување урбана опрема на тераси, нивно заградување, застаклување, за да се обезбедат услови за пушачите, а тоа придонесе за еден тотално друг концепт на работење, „забавата“ се префрли надвор, внатрешниот простор од локалите остана празен. „Забавата“ се пресели на „терасите“! Морам да признаам дека трендот на излегување е сменет. Ние сѐуште се трудиме да имаме добра понуда на услуги и музика, меѓутоа концептот е дијаметрално спротивен од замислениот на почетокот. Би рекол дека сѐуште „пливаме“ добро, а доказ е тоа што останавме едно од ретките кафулиња во градот кои работат толку долго со ист тим.

ММ: Што се промени во меѓувреме? „Круг“ беше  урбано кафуле, но и покрај трендовите како турбофолкот на пример, остана доследно на својата првичност - убаво кафе, добра музика и позитивна енергија. Посетителите какви се, доминира ли некоја возрасна група луѓе? Всушност, забележлива е генерациската испреплетеност што е навистина убаво, па и голема реткост.  

В. Ц.:Многу работи се променија. Шеснаесет години не се малку, нови трендови се во мода, нови генерации изникнаа. Ние важевме за локал со посериозна клиентела, која сѐуште е присутна, но не доминира. Од друга страна, пак, останавме верни на нашиот стил на музика, не потпаднавме под турбофолк трендот, кафето е сѐуште топ, ние имаме некоја брчка повеќе, но мислам дека позитивната енергија не сме ја загубиле. Се трудиме гостите да се чувствуваат пожелни и задоволни и, секако, максимално да им посветиме внимание.

ММ: Како гледате на конкуренцијата? Поради нелојалноста, Ви пречи? Што мислите за неа, има ферплеј? Или не ѝ обрнувате внимание? Меркез е Дебар Маало, нема сомневање. 

В. Ц.:Конкуренцијата е добра ствар, ви дава поттик и мотив да одите напред. Мислам на лојалната, секако. Нелојалната нема потреба да ја коментирам. Ја приметувам, но не ѝ обрнувам внимание, не вреди.

ММ: Без оглед на претприемачкиот дух, неопходни се и манирите, постапките на сопственикот или менаџерот за успешно работење на угостителскиот дуќан - кафулето. Според Вас, што е важно да има тој, каков начин, стил на однесување кон редовните, па и другите посетители, новите гости?

В. Ц.:Добрите манири и однесување никогаш не искачаат од мода. Често знам да им кажам на вработените да монтираат насмевка при комуникација со гостите. На секого му е потребно внимание, а кога пристапот е позитивен од една страна, другата има малку можност да биде незадоволна.Убав пристап во комуникација, добра и позитивна енергија никогаш не се на одмет!

ММ: Гардеробата е исто важна, стилот на облекување или начинот, сеедно. Како би требало да изгледа тој? Менаџерскиот, се разбира. Вие, како ќе го дефинирате Вашиот? Каква облека преферирате? Дали брендот е престижна или работа, прашање на квалитет?   

В. Ц.:Изгледот и гардеробата се важни, но не и пресудни. Битно е човек да изгледа чисто и уредно. Јас сум кицош, отсекогаш сум сакал добро парче облека, чевли или патики. Чевли не носам одамна, носам исклучиво патики, обувките генерално ми се фетиш. Сакам авангардна, несекојдневна, уникатна гардероба. И црна. Најчесто е црна и нејзини варијации. Не купувам познати и конвенционални брендови. Меѓу модните имиња во кои се пронаоѓам себеси спаѓаат парчињата облека од авaнгардните дизајнери како Boris Bidjan Saberi, Rick Owens, KTZ, Y-3, Army of Me, Masnada…Не сакам логоа на гардероба. На крајот, логотo на брендот нема да ве направи пофраер, треба и нешто да знаете да кажете.

ММ: За менаџерите, сопствениците на угостителските дуќани - кафулињата се врзува и боемскиот живот. Неконвенционалноста е нивна, односно Ваша одлика, вклучувајќи го и хедонизмот. Ве привлекува готварството? Каде го стекнавте? И какви јадења приготвувате најчесто?  

В. Ц.:Љубовта кон храната ми е од најрани години. Почнав да се плеткам во кујна уште како дете. Ми беше интересно да ја гледам баба ми како приготвува разни јадења. Подоцна, при крај на средно, почнав со приготвување на појадок, а посериозни јадења за време на студии. Јадам сѐ, буквално. И приготвувам различна храна, во зависност од приликата. Готвам скоро секој ден, за семејството, но најмногу сакам, а воедно ми е предизвик, кога готвам за гости. Храната која ја готвам е со „карактер“, приготвена со љубов и внимание. Готвењето храна е процес на создавање во кој доаѓа до израз инвентивноста и фантазијата. Нема ништо подобро од задоволните фаци на тие што ќе ја вкусат вашата храна и, секако, празните чинии. Една изрека вели дека љубовта доаѓа преку стомакот.

ММ: И патувањето Ви е страст, колку што знам. Имајќи го предвид тоа, ќе ни откриете нешто, која држава, земја според Вас е синоним на хедонизмот, на сетилното уживање, на „слаткиот живот“ или долче вита? Се разбира, меѓу посетените. И кој народ, секако?

В. Ц.:Да, сакам да патувам. Порано повеќе, во последно време не толку често колку што сакам, поради професионални и семејни обврски и, секако, заради ковид-ограничувањата. Сум посетил многу земји, градови и места, секаде има нешто интересно и убаво, но најубави спомени од младоста имам од мојот престој во 1990-тите во Лондон. Што се однесува до туристичките патувања, освен посета на културно-историските места и настани, сакам да запознаам луѓе и места кои се надвор од туристичката понуда, локални ресторани и кафетерии, кои можеби не се толку туристички атрактивни. Да вкусам локална храна, пијачка… Не би издвоил посебно некое место, меѓутоа една од најпосетените и омилени дестинации ми е Италија.

ММ: Пасија Ви е и скијањето. Му се посветивте од најрана возраст, како дете. Кој скијачки центар Ве импресионирал, Ви оставил најсилен впечаток и зошто? Заради терените или севкупно? А, Маврово, на што личи денеска?

В. Ц.:Точно, скијам откога знам за себе. Како деца, почетоците во скијањето ги правевме локално, во Маврово и на Шапка. Се скијаше секој викенд, празник, слободен ден… Бевме среќни и мислевме дека Маврово и Шапка се најубавите скијачки центри на светот. Сѐ до моментот кога почнавме да одиме прво во соседните држави, Србија и Бугарија, а подоцна и на Алпите. Тогаш видовме што е право скијање. Сѐуште одам во Маврово, највеќе поради децата, најголем дел од зимскиот распуст сме таму, но омилени дестинации за скијање ми се Италија и Франција, секако. Маврово е дел од нашите скијачки почетоци, дел од нашите детства, забави, лудории, дружења… Маврово е и ќе остане дел од нашите срца, но за жал е далеку од сериозна скијачка дестинација. 

ММ: Комуникацијата е дел од Вашето секојдневие. Наголемо се полемизира околу меѓучовечките односи, па... Што мислите, дали се променија во изминатите години, неколкуте последни? Се чини дека луѓето сѐ повеќе се фингираат, борбата за престиж е толку забележлива што угледот, авторитетот нема значење повеќе или пак е девалвирано, а и бројот на т.н. порфирогенети - „родени во пурпур“ неосновано расте. Каква е моменталната ситуација?

В. Ц.:Сѐ е променето, па и меѓучовечките односи. По мене промената е квалитативна и во негативна насока. Во борбата за опстанок и општествено позиционирање се губат моралот и образот. Луѓето се подготвени за пари да ја погазат својата гордост. А, кога ќе си ја згазите гордоста и ќе ги поништите моралните вредности, доколку ги имате, губите дел од себе. Македонија нема традиција на богати семејства. Затоа и поголемиот дел од т.н. богаташи се однесуваат како слонови во продавница за порцелан. Оттаму има и такви диспропорции. Многу е да се остави 100 денари бакшиш, а се возат коли од 100к+ евра, скап е ручекот или вечерата од 100 евра, а на музика се оставаат илјадници… За жал, тоа е и светски тренд, а голема улога имаат и социјалните мрежи. Секој има пристап до медиум, секој може да каже што сака, без некакви посериозни последици. Сѐ е девалвирано, најбитно е да се стави слика, по можност со 300 филтри, само за да се добијат повеке лајкови од луѓе кои најчесто не ги познавате. Се изгуби вистинската дружба, се отуѓивме како луѓе, се изгуби хуманоста.

ММ: Како семеен човек, ме интересира кои вредности, морални секако, па и навики се трудите да им ги всадите на децата? Имате две, така? Што ги учите? И дали времето минато со нив е достатно, т.е. доволно? 

В. Ц.:Имам две деца, Марин и Нина. Како родител посветувам исклучително време и внимание на нивниот воспитно-образовен процес. Се обидувам да им пренесам дел од моето воспитување, да створат убави навики од најмали нозе, да стекнат високи морални и културни вредности. Домашното воспитување е пресудно за формирање на личноста. Сметам дека сум строг родител и не правам отстапки кога станува збор за бонтонот. Присутен сум дома и поминувам значителен дел од денот заедно со семејството и тоа е од непроценлива вредност за мене како родител. 

Блиц прашања

ММ: Според Вас, што е мерило за успех, и во работата и во животот?

В. Ц.:Среќата. Таа е релативна и субјективна, но е неприкосновено мерило за успех.

ММ: Дали се каете за нешто, за некоја постапка, можеби шанса која Ви се пружила, но не сте ја искористиле?

В. Ц.:Не се каам за ништо. Секогаш има работи кои можеле да се направат подобро или на друг начин, но враќање нема. Учам од грешките и гледам да не ги повторувам.

ММ: Што научивте од Вашите родители? Дали постои некоја изречена мисла, нивна, што Ве подигнува кога се наоѓате во навидум безизлезна ситуација?   

В. Ц.:Моите родители се најзаслужни за ова што сум денес. Мајка ми за моето воспитување и образование, татко ми повеќе за животните вистини, лекциите и градењето на духот. Татко ми беше исклучително друштвен и забавен лик. И денес „палат“ некои негови досетки и „трикчиња“.

ММ: Дали хај-текот е луксуз? Што е, според Вас, луксузен предмет? Можеби некој аксесоар? Имате таков? Притоа не мислам исклучиво на вредноста, материјланата.

В. Ц.:Не се врзувам за предмети. Имам некои што ми се подарок од драги и блиски луѓе и будат спомени.

ММ: Со еден збор, како ќе ги опишете скопјаните? Па и скопјанките, зошто да не.

В.Ц.:Има се-може се, нема се-глуми се!

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Виктор Црвенов