Мики Недиќ: Роб на модерното никако, облечете самодоверба
Потсетува на Рики Мартин, но уникатен е на свој начин. Стилот му е одмерен, смислен и секогаш автентичен...
Инспиративен е бидејќи знае модно да биде реален, без трупање на непотребни елементи. Мики Недиќ е многу популарен на социјалните мрежи, како со стилот така и со „пецкави” статуси. Урбан лик кој не робува на модата туку ја прави интересна.
Секогаш е дотеран, уредно потстрижан и носи брада која на некој начин му е заштитен знак. Не е од оние кои по секоја цена сакаат да изгледаат предотерани. На еден суптилен начин создава од себе приказна во која парчињата облека испраќаат пораки во кои „пишува” дека автентичноста ја создаваме паметно, непретенциозно, а сепак видливо.
„Стилот е начин на живеење, на самодоверба и отсликување на она кое всушност си ти“ - вели Недиќ.
Себе си се дефинира како момче со уличен стил, но со умереност во комбинирањето. Смета дека за она што го носиме да биде убаво за око, треба најпрвин самите да си се разбереме кои сме и нештата да ги правиме и создаваме со љубов.
„Знам да искомбинирам добро елегантно со спортско. Не сум роб на модерното, но ете, сакам на пример убав костим надополнет со патики“- додава Мики.
Припадник е на минималистичко облекување, а класиката му е фаворит. Има многу облека, педантно ја одржува бидејќи знае дека секое парче си има своја вредност.
„Имам многу омилени парчиња, една светло сина кошула купена од еден наш бутик би можел да ја носам секој ден, толку многу ми се допаѓа и практична е“ - потенцира нашиот соговорник.
Инаку, купува од секаде. Важно му е да му се допаѓа нештото, без разлика од кое место е избрано. Не е заробрник на брендови, не пати по етикети. Ама затоа пак дециден е дека со сето она што го создава за да изгледа добро стилски, веќе постигнал формирање на свој личен печат, карактер и најважно - индивидуалност.
Оние кои добро го познаваат знаат да го изненадат со моден подарок и тоа секогаш му се допаѓа. А тоа значи дека научиле што е негов вистински стил.
Средината кај нас е таква што за се` и сешто осудува. Но, Мики има свој одговор на тоа.
„Нашата средина во поголем процент е ограничена и преку тоа сум поминал многу оддамна. Во превод, како сакам така се облекувам, без да ми е гајле што мислат луѓето. Секако, се` во граници на нормалното. Но не ги разбирам понекогаш младите, како може да го преферираат шундот пред урбаното? Кој сум пак јас да судам, но требаат промени”.
Од светските модни дизајнери му се восхитува на Том Форд, денски секогаш сака да е релаксирано облечен. Тренерки, патики, кратки пантолони, маички. Навечер, зависно од моментите и местото облекува пантолони, кошули, сакоа. Има изразено густа коса и често си игра со неа.
„Косата ми има претрпено толку многу, па ако би имала раце, би ме задавила“ - на шега вели Мики.
Неговиот совет за добро облечени мажи е да внимаваат со комбинациите и боите, да се облекуваат онака како што се чуствуваат и да престанат да ги скубат веѓите. Енергија и позитивност за изнудување на насмевки.
Небојша Толески