МОДНА КРИТИКА- Никола Димитров води пред Пендаровски и Адеми

Нашите политичари дури и од фрижидер ќе ни излезат, толку многу се застапени насекаде. Ама некои дури и да ги гледаме пречесто, едноставно со својот стил на облекување ни го привлекуваат вниманието

Она што излегува од устата на политичарите е најбитно во нивната работа исто како и делата кои ги создаваат за народот. Но колку и да ни се допаѓаат или не нивните ставови или постапки, сепак некои од нив се издвојуваат по својот стил на облекување. Најчесто се коментирани политичарките. Има такви и овде и во светот кои оставаат видлива трага со својата појава, но и такви кои свесно или несвесно можат да направат циркус од себе. Строгиот изглед кој го налага функцијата не мора секогаш да значи дека треба да бидат роботи во движење, без стилска експресија и софистицирана автентичност. Политичарите се за нијанса поедноставни, ама и кај нив или има или нема стил. Или знаат да го носат костумот или костумот им е за два конфекциски броеви поголем, а боите на чевлите и вратоврските  не се усогласени. Барак Обама своевремено го прогласија за трендсетер, совршен во изборот на облека, другарот Тито изгради бренд од себе со својата галантност и модна маркантност, а актуелниот 23- ти премиер на Канада Џастин Трудо со чорапи покажа дека и во политиката може да се внесе модна забава, а сепак да ги задоволува естетските критериуми.

Кај нас политичарите и немаат некоја стилска приказна која сама по себе ќе раскажува… Ама сепак, имаме такви на кои би им упатиле добра критика за трудот кој го вложиле за да изгледаат така како што изгледаат. Не се расфрлаат со некоја претерана отменост, но можат да се издвојат. Нашите модни стручњаци се едногласни во ставот дека умереноста и добриот моден вкус се учат, а политичарите овде кои се облекуваат стилски, научиле по нешто.

Модниот дизајнер и професор Никола Ефтимов е јасен во својот став дека стилот не се купува туку се гради.

- Уште пред да ја добие политичката функција  во државата, Никола Димитров се истакнуваше со добриот вкус и негуваната елеганција. Како министер за надворешни работи, постојано е облечен соодветно на ситуацијата, па сметам дека и од тој аспект достоинствено нѐ претставува во сите меѓународни средби. Знае добро да избере костум, кошула и додатоци кои го заокружуваат изгледот.

И вториот господин на мојата листа политичари со добар вкус и изграден стил, Претседателот Стево Пендаровски, беше забалежителен по одмереното и соодветно облекување, пред изборот за претседател на државата. Тој е добар пример дека изборот на облеката не е само површен имиџ, туку одраз на личноста. Кај него нема претерувања, костумот е елегантен и неутрален. Знае убаво да избере вратоврска, а појавата ја заокружува карактеристичната, убаво потшишана коса и добро избраните очила.

За модната дизајнерка Мила Кадриу совршен микс на политика и мода се софистицирани манири, добра вратоврска и костум кој има одличен крој.

- Сигурна сум дека јавноста ќе го подели мислењето со мене и во едно ќе се сложи дека модна икона во политичкиот свет тука кај нас бил и се уште е Бранко Црвенковски. Неговиот стил на облекување секогаш бил во чекор со модните трендови кои диктираат елеганција. Умешноста да комбинира и да создава еден приказ на политичар од светски ранг, го издвојува од толпата на политичари чии изданија ги гледаме постојано. Тука можам да го спомнам и Никола Димитров кој имам приметено дека многу внимава на најситните детали и е облечен согласно со приликите во кои се појавува, а лично мене најмногу ми се допаѓа колоритот кој го употрбува, тие нијанси на темно сино кои му одговараат на неговиот лик.

Интересно е тоа што и модниот дизајнер и професор Александар Рашковиќ се согласува со своите колеги, па го избира Димитров, покрај останатите.

- Најубаво облечен наш политичар и не можам да кажам дека има, но убаво облечен секако дека можам. За мене лично, а и професионално тоа е министерот за надворешни работи, господинот Никола Димитров. Секогаш облеката му одговара на неговата фигура, остава впечаток со својата усогласена и умерена силуета, а и колоритот е секогаш во рамките на дозволеното и протоколарните правила и норми. Понекогаш знае да  ја освежи целата комбинација  со впечатлива вратоврска, но во еден идеално суптилен фазон. Освен него би го издвоил и министерот за образование, Арбер Адеми, кој е тука некаде на слична скала во естетиката како и Димитров. Единствено што ги разликува е настапот и гестикулациите ако ги земеме во предвид како составен дел на целокупниот впечаток кој го остава една личност. Кај господинот Адеми се посмирени, поодмерени. Инаку, најдобро облечен е поранешниот министер за економија Ваљон Сараќини, и професионално и приватно.

Небојша Толески

Фото: Фејсбук