На претстижниот саем ISM 2020 во Келн, Витаминка се претставува осма година по ред
Витаминка има успешно претставување на својот асортиман производи на најголемиот саем за кондиторски производи – ISM 2020 во Келн, Германија што започна на 2ри и ќе трае до 5ти февруари 2020 година. Саемот претставува одлична можност за претставниците на нашата најголема компанија која работи во прехранбената производствена индустрија, да ги продлабочат односите и соработките, како и да остварат нови контакти со потенцијални дистрибутери ширум светот.
Настапот на саемот ISM 2020 е од големо значење за изложувачите, затоа што на тој начин се обезбедува успешно пробивање до светските пазари.Прилепска Витаминка традиционално зема активно учество на овој престижен саем осум години по ред и се претставува со целиот асортиман на грицки и слатки производи, кои што предизвикуваат особен интерес од страна на посетителите. На тој начин компанијата го потврдува фактот дека преку континуирани вложувања во асортиманот и квалитетот на производите, како и со креирање конкурентна понуда за задоволување и на најспецифичните барања од страна на потрошувачите се олеснува патот до глобалниот пазар.
Оваа година на ISM беа преставени и најголемите технолошки иновации и сите трендови во кондиторската индустрија, со главен фокус врз потребите на потрошувачите и стимулирање на компаниите за проширување на својот спектар со нови и иновативни производи што ќе одговорат на барањата на консументите. На саемот во Келн оваа година учествуваат повеќе од 1600 производители од 65 земји од светот, а се очекува посета од повеќе од 38 000 посетители од 140 земји од светот, на простор од 120 000 м2.