„Не сакам да имам слободно време, со 64 години сакам авантури“: Еден од најдобрите македонски диџеи на сите времиња

Фуриозен, со нескротлив дух. Живее со 200 на час па и Америка му е мала... Славе Келешовски е еден од најпознатите македонски диџеи кои имаше фантастична кариера во 80- те и 90- те години. Човек со изострен слух, невидена моќ да ја спојува и ресоздава музиката, спремен секогаш за добра забава и одлично расположение. Ги сплотуваше македонските и југословенските најпознати музички групи менаџирајќи ги нивните настапи и не залудно го доби прекарот „Крејзи Славе“

Сега живее во Мајами со целото негово семејство, ама не мирува. И таму често е активен и пушта музика. Вели дека сака да му се радува на секој ден од животот... За Машки магазин ни открива дел од неговата богата кариера и живот...

ММ. Како започнува вашата приказна со музиката? Што ве привлече првично- звукот или мелодијата? Како и кога станавте диџеј?

- Во 1978 година, најпопуларното списание во Македонија „Екран“ објави конкурс за избор на најдобар диџеј во Македонија. Условот за да учествуваш на натпреварот беше да снимиш касета со музика и некој говор на неа. Ја снимив касетата, ја пуштив и на мое големо задоволство ме прифатија. Натпреварот се одвиваше во диско Турист Скопје. Го памтам моето доаѓање во Скопје... Слегов на автобуската и прво прашање ми беше каде е хотел Турист? Тогаш прв пат дојдов во така убава дискотека. Настапувавме по двајца диџеи со елиминирање на едниот. По неколку елиминации дојдовме во финале неколку диџеи. Финалето се одржа во летната бавча Сарај. Спектакуларно со настап на познати пејачи и групи од тогашната Македонска естрада меѓу кои и Леб и Сол кои тогаш почнуваа со кариерата. Жирито ме прогласи мене за победник- на мое огромно задоволство секако. Утредента имав чест да настапам во живо на МТВ во емисијата Неделно попладне. Тоа беше нешто најубаво што сум го доживеал. Имаше избори за најдобар диџеј и натака... Учествував уште два пати на кои победив така што бев избран за најдобар диџеј во Македонија по трет пат. Веќе беше глупаво да настапувам па потоа јас бев во жири. Па по некое време изборот продолжи во дискотеката Бисер во Струга под покровителство на весникот Вечер. Каква музика и каков настап беше тоа!!! Музиката беше исклучиво на плочи и грамофони. Пуштав познати диско хитови набавувајќи плочи од Трст. Ју и Македонска музика. Најважно сепак од се беше мојот сценски настап. Комуницирање со публиката, пеење, претставување на групите. Така почнав... Голема благодарност до Ревијата Екран, Вечер и на сите добри луѓе што веруваа во мене. 

ММ. Како се одвиваа нештата… Веројатно пуштавте музика по ноќни клубови и кафулиња и каде?   

- Со самата победа, крајот на седумдесетите и почетокот на осумдесетите години ги посетив скоро сите градови во Македонија со својата Патувачка Дискотека, а и повеќе градови во тогашна Југославија. Најмногу бев присутен во дискотеките Алга и Бисер во Струга, диско Крани, Битола Орфеј, Младински дом Кавадарци, Прилеп дом на Култура, Ипон, Неготино кај Авионот, Гевгелија Ава, Богданци, Струмица,Турист Скопје и други места...

ММ. По што бевте препознатлив?

- Препознатлив по долгата коса хаха и по дисџокејското име ДЈ Крејзи Славе- Осуден на вечност... По уникатниот начин на презентирање на музика, посетување и правење забави и во мали места. Покрај диџејството, повеќе години работев како музички уредник во Радио Струга добивајќи многу награди од сверата на музичката програма на натпреварите на локалните радио станици на ниво на Македонија. Имав и некои настапи на МТВ како и водител на Видео Метроном, гостин на Три гонга, Веце уз радио и 202 во Белград. Крајот на осумдесетите години отворив кафуле „DJ“ во Струга и почнав да работам како менаџер организирајќи концерти и настапи по дискотеки низ Македонија започнувајки со Зана, Ален Славица, Масимо Савиќ, Црвена Јабука, Плави Оркестар, Бајага, Галија, Бора Чорба, Рамбо Амадеус, Даниел, Бејби Дол, Леб и Сол, Меморија, Ристо Бомбата, Ластовица и многу други. И како куриозитет- српската фолк дива Цеца со првата касета уште одеше во средно училиште... Ѝ направив одлични концерти во неколку градови во Македонија. А сум бил и кај неа дома во Житораѓа на покана на нејзиниот тато Слободан, прекрасен човек кој ја возеше Цеца со едно црвено Југо.


ММ. Колку се изменија работите од тогаш до сега? Сега каква техника е потребна за добар звук, што сега пуштате? 

- Секако дека се изменија! Да миксаш музика од плочи секако дека е многу потешко отколку да пушташ од лаптоп Програмер, ЦД готови миксови и слично. Стилот е изменет, ритамот. Ние постарите диџеи останавме верни на нашите Техники СЛ-1200 и нашите плочи. Нормално, со денешната техника звукот е многу подобар кога зборуваме за озвучување, но сепак многу поблаг и поприроден е пуштен на плоча. Меѓу другото, плочите се враќаат, што мене ме радува. Имам илјадници плочи претежно оригинали кои со задоволство ги слушам на секое мое летно доаѓање во Македонија. Имам и илјадници цедеа, но ретко слушам. Многуте касети летоска при престој во Македонија ги поделив на луѓе што сакаат да ги имаат. 

ММ. Како се случи Америка? Што правите таму и дали и таму работите како диџеј...

- Америка одсекогаш сум ја сакал. Сум бил низ цела Европа, Австралија и повеќето Источно европски држави. Но во Америка се наоѓам себе си. Прв пат дојдов 85 година туристички. Имам и пишувано некои текстови во Екран за музички збиднувања во САД. Често доаѓав во Америка и почетокот на деведесетите се решивме фамилијарно да одиме. И така почнавме фамилијарен ресторански бизнис. Искрено- и Македонија ни е во душата. Затоа во сите овие години не сме пропуштиле секое лето да бидеме во Струга и Охрид. Последниве 6- 7 години велосипедизмот ми е хоби повеќе опсесија да речам, па нема ден без велосипед. Особено во Македонија на оние оф род тури Мариово, Алшар, Азот, Галицица, Тресонче, Слива, Бистра...

Задоволство кое не се плаќа со никакви пари. И затоа ја сакам Македонија. На овие тури често пати пуштам музика на обострано задоволство. Овде во Мајами каде каде што живеам исто така возам велосипед, но на рамно по плажа има одлични услови така што сум извозел и до 230 км. во еден ден. Кога станува збор за диџејството, тоа останува во тебе не се трга, не се брише. Не работам професионално, но пак сум активен .Особено кога ќе дојдам во Македонија настапувам со ретро журки по кафулињата во Охрид, Струга, Прилеп, Битола.

Во САД правиме забави на пикници каде што често пати јас пуштам Македонска музика. Среќен сум што имам фамилија, сопруга ,два сина, ќерка, женати, мажена, двајца внуци, две внуки. Сите сме во САД. Време слободно немам и не сакам да имам. Сакам да имам обврски со фамилија, со велосипед, на плажа, од време на време по журки клубови (пред коронава) и на 64 години сакам да му се радувам на секој ден од животот. 

А, ја паметам и годината помината во болница која беше пресвртница во мојот живот.

Небојша Толески