Објавено е што му пишала Меланија Трамп на Путин во писмото

Првата дама на САД, Меланија Трамп, во писмо кое наводно му го доставила на рускиот лидер Владимир Путин преку нејзиниот сопруг, претседателот Доналд Трамп, го повикала рускиот претседател да ги заштити децата, објави „Фокс њуз“, повикувајќи се на документот.
„Со заштита на овие невини деца, ќе направите повеќе од тоа да ѝ служите на Русија – ќе му служите на самото човештво. Таквата смела идеја ги надминува човечките разлики, а вие, господине Путин, можете да ја исполните оваа мисија со еден потег на пенкалото денес. Дојде времето“, стои во писмото.
„Ројтерс“ претходно објави, повикувајќи се на претставници на Белата куќа, дека Трамп лично му го доставил писмото на Путин за време на самитот во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон во Анкориџ, Алјаска. Според нив, писмото се осврнува и на наводните киднапирања на деца за време на украинскиот конфликт. Сепак, верзијата на писмото објавена од „Фокс њуз“ не го споменува украинскиот конфликт.
„Како лидери, ние сме должни да ги поддржуваме нашите деца, а ова оди подалеку од удобноста на неколкумина. Нема сомнение дека мора да се стремиме да создадеме свет исполнет со достоинство за сите, за секоја душа да може да се разбуди во мир и за самата иднина да биде сигурно заштитена“, се наведува во вториот дел од писмото.
Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот Доналд Трамп во петокот вечерта се сретнаа на Алјаска, но не постигнаа договор за примирје во Украина.
Извор: Фактор