Пет минути пред несреќата ми се јави да ми каже дека е добар и брзо ќе си дојде: Ема Нешковска, сопруга на починатиот д-р Трајче Нешковски
Секој збор е премал, а секоја приказна е прекратка,за да се опише Трајче Нешковски, доктор од ЈЗУ УК за пулмологија и алергологија.
На овој начин, неговата сопруга Ема Нешковска (26) го започнува разговорот за својот сопруг, кој почина пред седум месеци, но остави голема трага во професијата. Лекарската комора постхумно му ја додели плакетата „ Св. Наум Охридски“ за 2020 година. Неговите колеги , пријатели, пациенти велат дека бил симбол за сето најдобро што го поседува една личност.
1. На вашиот фб профил напишавте „Празни се деновите затоа што премногу недостигаш, а 'недостигаш' е мал збор, со него да се опише што точно душата чувствува, а срцето проживува секоја минута во сиве овие шест месеци без тебе“. Каков беше Трајче кога ќе го соблечеше мантилот, во домашна атмосфера како сопруг и татко?
- Трајче беше секогаш достапен, многу грижлив и многу, многу внимателен. По завршувањето на работното време и соблекувањето на белиот мантил, Трајче продолжуваше да биде доктор, секогаш, ама буквално секогаш достапен за секого и во било кое време. Беше многу чувствителен и секогаш се трудеше да направи баланс и добра атмосфера. Неговите обврски да се завршени, а притоа јас и Јована да не се почувствуваме запоставени. Беше многу принципиелен и голем работник. Дури и добар дел од моментите одбрани за одмор тој знаеше да ги потроши работејќи, слушајќи се со пациенти, делејќи разни совети и решавајќи милион проблеми. Беше чивек што знае да ужива и да го живее животот, исполнет до неисцрпна енергија и авантуристички дух. Сакаше многу патувања. Секое слободно време го користевме планирајќи каде да отпатуваме и секогаш гледавме тоа да биде што почесто. Далечината воопшто не беше битна, зошто Трајче обожаваше да вози. Има толку многу да се каже за Трајче, а притоа не може да се процени што е повеќе или помалку битно. Но, и покрај неговата преголема посветеност и љубов спрема професијата, а и желбата да биде секогаш достапен за секого, Трајче знаеше да сака бескрајно и тоа да се чувствува насекаде. Често знаеше да рече, "колку и да сум уморен, кога ќе дојдам дома и ќе ве видам Вас, моите две принцези, веќе ништо не ми е тешко". Трајче беше еден посебен, редок тип на човек каков што ретко се среќава, а можеби и да го нема. Беше прекрсен сопруг и одличен татко, кој беше спремен на се само за наше добро.
Пет минути пред несреќата ми се јави да ми каже дека е добар
2. Кога започна вашата љубовна приказна. Со што ве освои?
-Се запознавме пред околу 11-12 години и прво воспоставивме однос на едно чисто, искрено пријателство кое се темелеше на доверба, меѓусебно почитување и многу разбирање во секој поглед. Бевме пријатели кои беа поддршка еден на друг, ветер во грб во тешки моменти, рамо за плачење во порази, но и одлично друштво за прославување на победи и убави работи. Помеѓу нас, имаше некоја посебна хемија, посебно разбирање и комуницирање со поглед. Од пријателството на површина исплива една убава, силна, вистинска, искрена љубовна приказна која што никој и ништо не можеше да ја скрши. Кај него најмногу ми се допаѓаа манирите на културно и фино момче со џентлменско однесување. Но, и неговата одлучност, упорност и истрајност во различни искушенија и моменти. Ми се допаѓаше неговата племенитост, неговата искреност и неговата хуманост, а посебно тоа што знаеше вистински да почитува и да сака. И тоа со целото свое срце.
3. Се слушнавте ли пред кобниот настан, што си кажавте еден на друг? -
-Ние постојано бевме во комуникација, кажувајќи си ги сите работи што ни се случуваа во моментот, како да ќе нема после. Така и тој кобен ден, се слушнавме околу 5-10 минути пред да се случи несреќата. Тоа беше по завршување на работното време, а Трајче беше тргнат да се сретне со еден од најдобрите пријатели, за да му даде подарок за Јована, која неколку дена пред тоа наполни две години. Беше многу уморен од постојаната работа во ковид центрите и изминатите дежурства, но не се предаваше и секогаш било која состојба или симптом го препишуваше на замор. Тој ден, ми кажа дека чувствува некоја нелагодност и болка, но пак истото го препиша на заморот што навистина го имаше и беше голем. И во последниот разговор, 5-10 минути пред несреќата, неколку пати ми повтори "Добар сум Емке, добар сум. Не се грижи, за кратко ќе дојдам дома. Добар сум."
4. Причина за неговото прерано заминување беше сообраќајката предизвикана од инфаркт. Се жалеше ли некогаш на здраствени проблеми?
-Никогаш не се жалеше на ништо и немаше никакви здравствени проблеми. Никогаш. Но, стресот, заморот и нередовниот живот си го земаат својот данок, дури и кај луѓе како планина, каков што беше Трајче.
Беше опседнат да успее да спаси што повеќе животи
5. Кога короната го зема својот замав тој застана на првата линија. Какви беа неговите размислувања за болеста, го исцрпи ли емотивно фактот што почна да се зголемува бројот на жртви?
-Уште од самото започнување на целата приказна околу короната, Трајче беше убеден и решен да даде се од себе за да помогне и да даде свој придонес во борбата против короната, секаде каде што здравствениот систем ќе имаше потреба. Воопшто не се штедеше и не знаеше да се затскрие за да не биде на удар во првата борбена линија, туку напротив. Без оглед на целата тежина, напор и стрес, него го одржуваше во живот желбата да помогне, да даде нешто од себе во целокупната борба, да се вложи самиот себе до максимум за да предизвика нечие, но и општо добро. Имаше многу непроспиени ноќи поминати во работна опрема, со маски и скафандери, но и тогаш кога беше дома, сакаше постојано да е во тек со сите новости, сите сознанија, сите истражувања за текот на болеста, за делувањето на лековите и третманот на пациентите. Трајче не мируваше. И во слободните денови одеше да си ги види пациентите, дали им е поделена терапија, дали и како реагираат на терапијата.Беше опседнат да успее да спаси што повеќе животи. Секој проблем на пациентите го доживуваше стресно и се соживуваше со истиот како да е негов, личен проблем. Додека беше на дежурство, доцна во ноќта знаеше да ми пишува дека е многу загрижен ако некој пациент се влошува, но не можам да ја опишам неговата среќа и исполнетост кога пациентите ќе почнеа да заздравуваат и да ги испишува за дома. Мислам дека тие денови му беа празник за душата, полнење на батериите и мотив за уште поголема и посветена работа. Генерално, беше многу исплашен од вирусот. Често знаеше да ми раскажува што гледа и што проживува секој ден во ковид центрите, а живеењето со сите тие искуства и глетки воопшто не е лесно, или како што велеше, тие моменти остануваат трауми за цел живот.
6. Луѓето што го познаваат велат дека секогаш бил достапен за пациентите не само на телефон, туку одел и на домашни посети. Се случуваше ли некогаш да каже доста е, се уморив?
-Трајче беше достапен за секого, не само за пациентите. Трајче беше пример за човек во целокупното живеење. Познат или непознат, за него беше исто. Со целата енергија ќе се вложеше и ќе стореше се за да излезе во пресрет. Во однос на неговата професија, беше доктор со сите нишани, што би се рекло по книга. Ако некој имаше мака, во ниедно време ќе отидеше, ќе го прегледаше, ќе однесеше потребни лекови и на 2-3 часа ќе се јавуваше да препраша како е човекот. За него зборовите "замор, не можам, доста е" не постоеја.
6. Како вашата ќерка Јована прифати дека тато веќе го нема?
- Јована е сеуште многу мала и не може до крај да ја сфати целата ситуација и реалноста која што ја живееме веќе неполни девет месеци. Иако и објаснувам и постојано и кажувам дека тато цел живот бескрајно ќе не сака и ќе не чува од небото, но ние веќе никогаш нема да можеме да го видиме и бакнеме, сепак таа сеуште живее во некое очекување дека тато еден ден ќе се симне од небото и повторно ќе бидеме сите заедно.
Беше симбол за искрено другарство
7. Ќе се осврнам на уште еден ваш статус посветен на Трајче„ Ти кој беше неуморен зацртаното да го оствариш, а ветеното да го исполниш. Ти за кого немаше нешто невозможно и нешто недостижно. Кои беа вашите планови, соништа?
- Така е, тие реченици навистина беа реалност. За Трајче, немаше нешто невозможно и нешто недостижно. Трајче значеше ветување дека се што кажал ќе се исполни. Имавме многу соништа, многу желби, многу планови... Но, за жал судбината си поигра со нашата среќа и ме остави сама да чекорам по нашиот пат. Оставајќи ме во ситуација кај што немам што да изберам, освен да продолжам напред, гордо и со крената глава поради сите негови доблести и да се соочувам очи в очи со предизвиците и препреките. Помислата на тоа кој беше Трајче ми дава сила и мотив да го продолжам она што заедно го почнавме, заради нашта Јована, зара мене, него, заради нас. Една од најголемите желби на Трајче беше во иднина да стане многу познат и почитуван доктор, а си замина од овој свет незнаејќи дека таа желба му е целосно исполнета.
8. Традиционалниот младински летен камп на СДММ од оваа година ќе го носи името на личноста што беше доајен на манифестацијата и моторот за организација - Летен камп "Трајче Нешковски" под мотото 'Секоја генерација си има своја борба, секое време свои херои'. За кои идеали се бореше?
-Трајче беше дел од социјалдемократското семејство отсекогаш. Беше оној кој ги поставуваше темелите на младината, оној кој неуморно се бореше за правата на младите и подобро утре. Беше борец за слобода, за правдина, за подобри услови за живеење. Трајче беше симбол за искрено другарство, но и за искрена и вистинска љубов спрема една политичка партија, идеологија и идеја. Трајче беше моторот, душата на СДММ, но и СДММ беше душата на Трајче. Тој беше учител и пример за многу претходни, а се надевам и идни генерации за тоа што значи да се биде храбар, упорен, истраен, непоколеблив, борбен и бунтовен. Се трудеше да покаже и докаже дека младите се двигател на светот и промените и само со поголема младинска застапеност во политиката од страна на образовани, храбри, истрајни млади луѓе, можен е прогресивен и здрав напредок во сите сфери на општеството.
9. Под истото мото младината на партијата на власт неодамна организираше крводарителска акција во чест на Трајче. Задоволни ли сте од одзивот?
-Сакам јавно да ја изразам мојата благодарност спрема целото раководство на СДММ за укажаната чест и почит кон Трајче. Изминатава недела, СДММ одлучи да ја посвети на Трајче и како прва активност беше крводарителската акција која беше организирана под мотото "Секоја генерација си има своја борба, секоја борба си има свои херои." Одзивот беше задоволителен, а целата организација беспрекорна. Младината преку еден таков хуманитарен гест сакаше да му оддаде почит на еден од најголемите хуманитарци воопшто, кој не штедејќи се себеси, го даде својот живот во борбата да спаси што повеќе туѓи животи. Во тек е традиционалниот младински летен камп кој од оваа година ќе го носи токму неговото име- Летен камп "Трајче Нешковски".