Поради љубовта кон песната „Марама“, Македонец од Италија ги крстил синовите Дуле и Коки: Музичарот Јанков раскажа вистинска животна приказна
Песната на Дуле и Коки „Матрама“ била судбинска за Ѓорѓи, Македонец кој живеево Италија и за неговата сопруга, на своите близнаци да им ги дадат имињата Дуле и Коки. Музичарот Никола Јанков- Коки кој неодамна настапи во Италија на својот Фејбсук профил ја опиша оваа за него многу емотивна средба со близнаците и со нивниот татко.
-Од време на време ќе сретнеш, ке разбереш, ќе слушнеш некоја случка или приказна. Е, ама оваа е вистинска љубовна приказна. Не беше за верување, ама ќе те тресне па ќе се чудиш дали е за верување, или не. Дури свирев таа вечер, имаше еден пар, маж и жена, што некако ми двоеја од останатите луѓе од таа маса, (голема беше масата ) кај што седеа. Нема-нема, па со поглед, човекот како да сакаше да ми каже нешто.. Не знам како, при крај, некој викна, седни Коки, одмори малку и седнав.. ама баш до човекот за кој ви зборувам. Ми рече вака: брат, заминати сме од Македонија одамна, имам двајца синови, близнаци, по 13 години се… е, супер реков, како ќерка ми (му влегов во збор).. Ќе погодиш ли како се викаат, ме праша. Кревам раменици. „Дуле и Коки“, по вас. Штамаааа, кнедлааа..! Чест е а..? Можам да напишам уште нешто.. Ама не можам.. П.С. Му реков на Ѓорги (таткото) да ги донесе утре, да ги гушнам. 26.03.2022 Пиаченца-Италија“, пишува во објавата на Коки.
За Машки маагзин тој ја раскажа целата приказна.
„Многу добри и топли, чесни и внимателни ми се видоа луѓето. Се сретнавме на многу кратко, но ми оставија силен впечаток. Ми раскажаа дека многу ја сакале песната „Марама“, тој и неговата сопруга. Таа беше снимена токму кога близнаците требале да се родат. И поради оваа песна, тие решиле нивните синови да се викаат Дуле и Коки. Не знаев што да кажам кога ми рече дек децата ги крстил по нас, занемев. Летово повторно ќе се видиме, си разменивме контакти. Во јуни ќе дојдат во Македонија и ќе ја продолжиме приказната“, ни раскажа Коки и на шега додаде дека тогаш ќе открие кој од децата е Дуле а кој е Коки.
Драго му е дека близнаците се успешни млади фудбалери во Италија и дека добро напредуваат, а уште подраго што наскоро повторно ќе се видат.
- По 20 и повеќе години заедно, по можеби околу 250 настапи во годината во просек, и по 5 години откако Дуле не е меѓу нас, што човек може да каже во една реченица? Ништо, а можеби и многу. Дали дуото Дуле и Коки постои? Јас би рекол ДА. Затоа што сѐ уште слушам во публиката како луѓето извикуваат: „Марама“, ако може“, „Виолина и гитара“, „Колку треба да се плати“. Ги бараат. Е, некој треба да ги испее тие песни по настапи. Тоа сум јас, заедно со таа публика“, раскажа Коки во претходно интервју за Женски магазин, во 2018 година. Виолинистот вели дека му тешко во тие моменти, но песните треба да живеат, поради Дуле.
М.Џаровска