Промоција на збирка детски песни „Чичко маестро Џамбаз - во светот на децата“
На 03 февруари (сабота), со почеток во 12 часот ќе се оддржи промоцијата на книгата „Чичко маестро Џамбаз - во светот на децата“ во Дебар Маало, на улица „Орце Николов“, посветена на композиторот и диригент Александар Џамбазов, од познатите македонски музички публицисти Бранка Костиќ-Марковиќ (автор на воведниот текст) и Марко Коловски (автор на нотографиите). Ова издание претставува збирка на песни од маестро Александар Џамбазов, еден од нашите најистакнати македонски композитори, диригенти и втемелувачи на македонската популарна и детска музика. Изборот на композициите, кој опфаќа 52 песни за деца од предучилишна и училишна возраст, е направен од страна на самиот Џамбазов за време на неговиот живот.
Како што вели авторката Костиќ-Маровиќ во воведот, насловот на збирката не е случаен. Сите „славејчиња“, поранешни солисти на познатиот фестивал на детска песна „Златно славејче“ и хористите на детскиот хор „Развигорче“, го нарекуваа својот диригент Александар Џамбазов, кој ги водеше низ живата фестивалска изведба, „Чичко маестро Џамбаз“. А тој возвратно, на шега, ги нарекуваше „златни гавранчиња“. Песните издвоени во оваа збирка денеска претставуваат своевидни детски евергрини за сите генерации, а авторскиот тим и издавачот ценат дека изданието ќе биде и одлично дидактичко средство и извор на квалитетен дополнителен материјал за денешните одделенски и предметни наставници во реализирањето на наставата по музичко образование, но и на секој истражувач и љубител на детската песна, вклучувајќи ги и децата.
Книгата е достапна во поголемите книжарници како и онлајн преку www.literatura.mk на следниот линк https://www.literatura.mk/filmmuzikaopera-i-teatar/44916-cicko-maestro-dzambaz
*пр-објава