СÈ ПОЧЕСТО МОМЧИЊАТА ИМААТ АНОМАЛИИ НА ПОЛОВИОТ ОРГАН: Најпознатиот уролог во регионот дел од тимот на „Аџибадем Систина“

Едно на 100 момчиња има вродена сложена аномалија таканаречена хипоспадија. Станува збор за нецелосен развој на машкиот полов орган и денеска е сè почеста, вели во интервју за Фактор проф. д-р Мирослав  Ѓорѓевиќ,  професор на Медицинскиот  факултет во Белград, детски специјалист уролог хирург. Тој е вистински виртуоз во својата област, доктор кој е еден од најпознатите во регионот, но и меѓународно. Долги години е ментор, едукатор во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и има одлична соработката со уролошкиот оддел. Вели оти во болницата има многу добри услови за работа, особено во операционите сали каде што се изведуваат секакви реконструктивни зафати. Ова според него е многу важно, бидејќи пациентите од Македонија, на овој начин, се лекуваат во својата земја, остануваат со своите семејства за да го поминат периодот на операција, наместо да патуваат во други градови и земји.

Професоре, ве сметаат за вистински виртуоз кога станува збор за хирургијата, признат доктор сте нa Балканот, познат и во светски рамки. Кои се најчестите интервенции кои ги изведувате кај децата?

Ѓорѓевиќ: Детската урологија е во сериозна фаза на развој во последните дваесет години. На вродените аномалии од друга страна, отпаѓаат најголем број оперирани деца денес, иако не смееме да заборавиме дека има деца кои подоцна доживеале некој неуспех, па кај нив се изведуваат корективни операции. Денеска се развива една сосема нова дисциплина во хирургијата, а тоа е транзиторната хирургија. Станува збор за корекции на недостатоците кај децата во пубертет, бидејќи операциите на помлада возраст не довеле до добри функционални и естетски резултати. Најчести аномалии се гениталните аномалии, особено кај момчињата, кои се рефлектираат со деформитети и слаба генитална функција.

Вие сте дел од тимот на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, а вашето искуство е од особено значење и за пациентите во земјава и за тие во регионот.

Ѓорѓевиќ:  Можам да кажам дека сум дел од тимот на „Аџибадем Систина“ речиси од самиот почеток, односно од јуни 2011 година. Во овие десет години мојата работа се состоеше од голем број посети, односно доаѓав овде дури 7 до 8 пати годишно. Правев по 300 консултативни прегледи годишно и хируршки зафати на околу 30 до 40 пациенти годишно. Сакам да истакнам дека имаме многу добра и колегијална работа со персоналот на одделението за урологија, без кои нашите успеси не можеа да се постигнат. Нашиот тим е обучен за изведување најсложени процедури, а она што е особено важно е дека пациентите се под одлична контрола од моите соработници, со оглед на тоа што јас заминувам од Скопје по тридневна посета и изведувањето на интервенциите.


Споменавте дека имате добра соработка со лекарите во „Аџибадем Систина“, а овде се изведуваат и најсложени операции.

Ѓорѓевиќ: Покрај споменатата работа со уролошкиот оддел, јас секогаш велам дека овде има навистина многу добри услови за работа, особено во операционите сали, каде што изведуваме секакви реконструктивни зафати. Ова е многу важно, бидејќи пациентите од Македонија, на овој начин, се лекуваат во својата земја, остануваат со своите семејства за да го поминат периодот на операција, наместо да патуваат во други градови и земји. Така се постигнуваат и одлични постоперативни резултати. Сето ова време, болничкиот систем ни овозможува да работиме со современа опрема и услови, како и во водечките болници во светот каде што работам и каде што сум работел.

Една од најчестите интервенции кои ги изведувате е хипоспадија кај деца. За каков проблем станува збор? Зошто во последниве години е забележителен пораст на оваа аномалија меѓу машките деца?

Ѓорѓевиќ: Хипоспадијата е многу сложена аномалија и е доста честа денес, така што едно момче на 100 се раѓа со оваа аномалија. Порано тој процент беше помал, но денес, во услови на современо живеење, влијанието на околината доведе до зголемување на бројот на новородени машки деца со оваа аномалија. Недостатокот се рефлектира во нецелосниот развој на машкиот полов орган, поради што уретрата не е на врвот, туку под нормалното место. Исто така, можни се и други придружни деформитети, како што е искривување или несоодветна положба во однос на скротумот.

Како може да се забележи овој проблем, кога родителите треба да побараат помош од доктор?  Како се препознава хипоспадијата?

Ѓорѓевиќ: Има полесни и потешки форми. Денес, благодарение на сè поголемите ехосонографски апарати и зголеменото искуство на гинеколозите, во текот на бременоста се препознаваат посериозните форми. Во секој случај, по раѓањето, речиси сите форми се видливи и се евидентираат во породилиштето. Ова е причината поради која родителите доаѓаат на прв преглед во првите месеци од животот на бебето, кога се прави план по кој редослед и кога да се започне со лекување. Најчесто оваа аномалија хируршки се лекува околу првата година од животот. Најтешките форми понекогаш бараат хируршка интервенција во два дела. Она што е најважно е добриот однос помеѓу родителите и лекарите, како и довербата и прифаќањето дека крајниот резултат од лекувањето ќе биде задоволителен.

Дали секоја хипоспадија се решава со хируршка интервенција и каква е оваа операција?

Ѓорѓевиќ: Постојат голем број оперативни техники, а методите ги прилагодуваме според возраста на детето, формата на аномалијата и расположливото ткиво кое може да се искористи за реконструкција на деловите што недостасуваат, пред сèна уринарниот тракт. Операциите се изведуваат под општа анестезија и детето останува во болница една до две ноќи. Ова е голема промена во споредба со некои претходни времиња, кога децата лежеа врзани во кревет и поминуваа недели во болница. Закрепнувањето е релативно брзо и обично трае 10-14 дена по операцијата, во зависност од тежината на аномалијата и обемот на процедурата. По тоа, таквите деца продолжуваат со својот нормален раст и развој.


Каков е квалитетот на живот кај овие деца, има ли некои ограничувања подоцна?

Ѓорѓевиќ: Најважно е постојано да се следат децата. Како што кажав, хируршкиот третман се спроведува во рана фаза од животот и таквите деца мора да ги следиме до крајот на растот и развојот, бидејќи можно е работите да се сменат во текот на растењето. Ова првенствено се однесува на новоформираните деформитети кои можат да бидат психосоцијален и психосексуален проблем кај адолесцентите. Во случаите кога ќе се утврдат овие промени, потребно е се да се коригираат и да се овозможи задоволителен живот на овие пациенти. Во функционална смисла, потребно е да се следи квалитетот на мокрењето, а во случаи на одложена функција да се коригира сè што може да доведе до одложено мокрење, како и до проблеми со плодноста.

Кој е најмладиот пациент на кого сте направиле хируршка интервенција и за каков проблем станувало збор?

Ѓорѓевиќ: Оперираме екстремно тешки аномалии уште во првиот ден од животот, но за среќа, овие аномалии денеска се откриваат уште во текот на бременоста. Се презентираат пред родителите кои, пак, носат одлука да се продолжи со бременоста. Во овие случаи, нашите тимови се подготвени да започнат со адекватни методи на лекување по раѓањето, со цел на најдобар можен начин да се поправат аномалиите и да се овозможи најдобра можна функција.

Зошто се јавуваат аномалии кај децата, дали тоа е генетската предиспозиција од родителите?

Ѓорѓевиќ: Големо влијание има генетиката и овој наследен фактор. Ова е претходник на модерната медицина денес и нема место за медицина доколку не зборуваме и за генетиката. Исто така, условите на животната средина, употребата на зголемен број хемиски агенси (пестициди, инсектициди), подготовката и одгледувањето на растенија и животни за храна имаат силно влијание врз развојот на фетусот и појавата на вродени аномалии.