За машкиот „климактериум“ со проф. д-р Милчо Богоев: Физичките промени обично се состојат во губиток на физичката моќ и масата, дебелеење, зголемување на градите...
И покрај тоа што месецот на машкото здравје - ноември веќе помина,
разговорот со проф. д-р Милчо Богоев
за андропаузата или народски кажано - машката „менопауза“, односно „климактериум“
не случајно го објавуваме денеска, 5 декември, од причина што за него
(здравјето) неопходно е да се грижиме постојано (и во другите месеци од
годината), не само кога мас-медиумите ќе нѐ потсетат на тоа. Се разбира, темата
на која говоревме со еден од најстарите ендокринолози во Македонија, целосно
посветен на работата во полето на андрологијата, дијабетологијата и тироидната
патологија, што и денес, по 45-годишно работно искуство, па дури и повеќе,
максимално ѝ е предаден во интерес на пациентите во приватната здравствена
установа која го носи неговото име, нѐ засегнува буквално сите бидејќи физиолошката
промена е неизбежна по навршувањето на четириесеттата-четириесет и петтата
година, демистифицирајќи ја истата - дали се работи за болест или пак нешто друго.
Едновремено се осврнавме и на нејзините консеквенции, вклучително и на стравот
од импотенција - дали е оправдан или не и уште повеќе. Како и да било, разбирањето
и прифаќањето на андропаузата во целост за нормална појава е всушност
најбезболниот начин да се соочиме со неа.
ММ: На самиот почеток би сакал да ми одговорите децидно - „климактериумот“ („менопаузата“) кај мажите е мистификација, заблуда или пак вистина? Прашањето Ви го поставувам од причина што мнозина не веруваат, односно се сомневаат во неговото постоење. Зошто не се говори за истиот? Се чини дека е табу, а упатените велат дека е полош и од женскиот.
М. Б.:Машката менопауза е позната од 40-тите години на 20 век под името андропауза. За овој проблем се зборува сѐ повеќе и проблемот е многу поблаг отколку кај жените, симптомите се помалку нагласени. Истиот повеќе не е тaбу-тема.
ММ: Кога се жените пак во прашање, работата е сосема јасна - менопаузата настапува откога ќе престане нивната менструација, но кај нас мажите всушност е поинаку. Кога се јавува андропаузата, обично на која возраст? И како се „дијагностицира“, без оглед на фактот што не е болест? Дали стареењето е главната причина за неа?
М. Б.: Се смета дека нивото на тестостерон кај мажите опаѓа за 1% по 40-тата или 45-тата година што е и нормална појава со стареењето на организмот и репородуктивниот систем.
Периодот не можеме да го означиме како болест, туку е една очекувана физиолошка промена.
ММ: Ќе ни кажете ли што се случува со организмот, во него? Какви се промените до кои доаѓа? Мислам на физичките. Кои се индикациите за влегувањето во машкиот „климактериум“, ако може да се каже така? Што е знак дека андропаузата нѐ стигнала? Исклучоци нема?
М. Б.: Настануваат повеќе групи на промени: кондициони, психолошки, репродуктивни и физички. Иако има исклучоци, сосем ретки се и со поблага забележливост.
Физичките промени обично се состојат во губиток на физичката моќ и масата, дебелеење, зголемување на градите, како и промени на кожата во смисла на појава на брчки, разредена брада, кршливост на косата, опаѓање на гениталната косма, зголемена кршливост на коските, евентуално намалување на половиот орган - поради промените на неговата кожа и крвните садови, како и сѐ поголемо отсуство на утринска ерекција и одржување на нормална и целосна ерекција.
ММ: А психолошките, психичките - се чувствуваат? Логично е донекаде, ако го имаме предвид фактот што жените за време на менопаузата се раздразливи, нервозни... Проблемите се идентични? Може да има и други нарушувања?
М. Б.: За разлика од жените во периодот на менопаузата, мажите почесто се депресивни, меланхолични, но и поретко раздразливи. Често можат да реагираат неадекватно на нормални случувања. Овој период е пропратен и со физички нарушувања од поблага природа.
ММ: Кога се работи за промените од психолошка природа - кој е Вашиот совет, каков е тој? Мнозинството само си „припишува“ лекови - таблети за смирување (податоците се статистички). Во овој случај што е неопходно?
М. Б.: Поради промените од психичка природа не би се советувала терапија, туку подобро е избегнување на самоизолација, чуство на немоќ. Се советува да се прифати дружењето и следењето на културните настани, физичката активност.
ММ: Дали во прашање се доведува и половиот живот? Има ли простор за грижа? Ме интересира, може ли андропаузата да биде причина за импотенција, сексуална немоќ? Стравот е рационален или не?
М. Б.: Што се однесува до половиот живот, забележливо е негово опаѓање, заинтересираност и ефективно намалување на либидото и можностите. Стравот од импотенција е сепак реален бидејки опаѓа и интересот, а така и репродуктивната моќ.
ММ: А дали постои начин на кој може да се надокнади тестостеронот? Кога се припишува хормонот, во кои случаи пак не се препорачува такво нешто? Дали простатата и нејзиното зголемување во текот на машкиот „климактериум“ влијае на тоа - да се даде, зема или не?
М. Б.: Да, постои и секако, можна е - тоа е хормонот тестостерон. Предходно мора да се направи уролошки преглед на простатата, но и одредени маркери кои укажуваат на нејзината функција и какви било промени, кои мораат да бидат во границите на нормалата. Ова е од голема важност бидејќи додавањето на тестостеронот може негативно да влијае на промените на простатата, особено доколку веќе постојат. Би сакал да напоменам дека сепак дејството на тестостеронот врз простатата кај возрасната популација е сѐ уште контрадикторно.
ММ: Оттука и прашањето - андропаузата се лекува? Кои се неговите бенефити - на лекувањето? Комплексен е процесот или..?
М. Б.: Специфичен лек за андропауза не постои. Периодот ќе помине најбезболно доколку особата го разбере и прифати како нормален. Ефектите од каков било третман не се доволно докажани, односно не постои специфичен лек, за разлика од менопаузата кај жените, каде што терапијата со дополнителни хормони може да биде многу поуспешна.
ММ: А постои ли можност за природно лекување, што би рекле старите - иљач? Ме интересира Вашето мислење за примената на алтеративната медицина во лечењето на андропаузата...
М. Б.: Природно лекување, односно алтернативна медицина секако дека постои, но до денес ниту има прифатени ниту има докажани ефекти.
ММ: И секако, неизоставно е прашањето за неговите консеквенции, на машкиот „климактериум“... Дали поминува или пак е траен, а организмот се навикнува на промените, проблемите..? Или можеби се влошува?
М. Б.: Консеквенции од посериозна природа по траење на животниот век и здравјето нема, иако промените се од траен карактер. Организмот треба да се подготви за овој период, пред сѐ психички, со позитивно прифаќање на промените и појавите и со конвертирање на животната енергија во други правци и насоки.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на проф. д-р Милчо Богоев