Влатко Неделковски: Трофеј на мојата работа е помагањето на другите
Со неговите лидерски способности особено се истакна во спортот. Не само на терен, туку и преку неговиот најнов ангажман во Општина Гази Баба. Влатко Неделковски е еден од најмладите кошаркарски тренери кај нас кој неколку години успешно ги учи сите оние кои сакаат да станат врвни кошаркари. Со неговите клубови до сега има освоено многу трофеи, а успеа за брзо време да реализира крупни проекти и темелни реформи од областа на спортот.
ММ. Каков е вашиот ангажман во општината?
- По неколку години посветена работа, едукација, завршени академии, низа признанија во секој сегмент од спортот, креатор на визии, идеи, проекти како и целиот ентузијазам се чини дека мојот моментален статус и ангажман во општина Гази Баба е она што го викаат трофеј на еден работен циклус. Секако не застанувам овде, но засега сум целосно фокусиран на оваа работа. Станува збор за мое директно инфилтрирање во проектите и менаџирањето во областа на спортот во нашата општина. Заедно со тимот успеавме да направиме темелни реформи од сите аспекти на спортот, па за многу кратко време Гази Баба станува успешна спортска општина која креира, инвестира и нуди можности за сите.
ММ. Вие сте се‘ уште тренер, дали почнавте со натпревари?
- Апсолутно, секогаш велам дека моја професија и љубов е кошарката и тренерството. Тоа е нешто што ќе го работам цел мој живот. Одличните услови и организација на мојот клуб Вардар не дозволија пандемијата предизвикана од Ковид 19 премногу да остави кобни последици врз нас тренерите, сениорскиот тим и младинскиот погон. Засега има најави за продолжување на првенството во младинските категории со некој скратен систем на натпревари, но сеуште нема официјална одлука. Фокусирани сме на нашата форма и секако спремни сме да одговориме на секој предизвик, ветувам успех.
ММ. Како е регулиран спортот, конкретно кошарката во време на корона?
- Искрено не само кај нас, спортот веќе една година е во хаотична ситуација. Сите оние неизбежни прекини поради заболување на повеќето клубови во различни периоди доведоа до дисфункционалност на системот. Нерамномерен број на изиграни натпревари, задоцнети кола, повреди на играчи, пад на колективната форма на клубовите, финансиската нестабилност од економската криза која е резултат на пандемијата а директно влијае во спортот, додатни трошоци на плеќи на клубовите од аспект на ПЦР тестови, дополнителни превентивни мерки итн. Но ете, се чини дека поминува и тој период. Се собраа сили се изнајдоа решенија, можеби не идеални но во вистинско време. Сениорските натпреварувања почнаа, веќе се во завршна фаза. Имаше одлична организација на Купот на Македонија, се надевам во таа насока ќе се финишира и првенството.
ММ. Што е она што би го издвоиле како врвен приоритет во Вашата работа?
- Како што напоменав, од оваа дистанца и мојот комплетен фокус е во секторот Спорт – општина Гази Баба. Полека но сигурно да го кренам на пиедесталот на приоритети на една општина. Како врвен приоритет ми се капиталните и финансиски инвестиции да секое едно игралиште, спортски терен или комплекс, катче за спортски активности изгледаат модерно, урбано, исполнето со насмевки патем и се она што претставува задоволството за моите граѓани да биде реализирано.
ММ. На што сте особено горд кога се во прашање младите спортски кадри?
- Правата и стручна селекција на талентите во различни спортови е од најмали нозе, односно од основните училишта и физичкото образование. Не би имале простор за тоа доколку тие немаат основни услови за работа. Спортска сала, спортски терени итн. Посебно сум горд и од исклучителна важност за мене претставува изградба на две спортски сали во основните училишта Вера Јоциќ и Кирил и Методиј и веќе готов проект за изградба на спортска сала во ОУ Наум Охридск. Потоа преку координација во училишните спортски лиги, најталентираните добиваат стипендии во висина од 12 000 денари и имаат можност да се усовршуваат во клубовите во нашата општина.
Со некои клубови веќе имаме воспоставено пракса за кофинансирање и на деца од социјален ризик, деца без родители, повеќе детни семејства и дечиња со посебни потреби.
ММ. Дали короната Ве успори на професионален план и приватно?
- На самиот почеток навистина ми претставуваше проблем во функционирањето како приватно така и професионално, но со текот на времето се привикнав на темпото на рестрикциите и новата нормалност што се вели. Но секако е нешто што не е во нашиот Life Style менталитетски па фали она слободно време за нас и нашите потреби. Се надевам се гледа крајот на пандемијата.
ММ. Како човек од спортот, што мислите, на кое место ќе се пласира Македонија на Европското во фудбал?
- Како човек од спортот секогаш целиме кон високи дострели, тоа ни е во генетскиот код. За прв пат во историјата сме учесници на Европско Првенство што е дополнителен притисок, но мислам дека оваа генерација на фудбалери покажа и докажа дека е зрела и спремна за изненадување, па да видиме. Им ја посакувам целата среќа и се надеваме на успех.
Небојша Толески