24. Моден Викенд Скопје води на пат кон кружна иднина

Дваесет и четвртата сезона на најголемото модно случување во земјата, овојпат e во знакот на мултимедијалниот проект #NоWаsteMК, со богата тридневна програма што ќе се реализира од 1-ви до 3-ти октомври, и тоа на три различни македонски локации: Скопје, Битола и Штип.

Дигитални модни презентации и ексклузивен шоурум со новите колекции на млади и докажани имиња од нашата сцена, уметнички перформанси и изложби и на продукти од светски признати домашни иноватори, едукативни работилници, тркалезни маси и онлајн дискусии со врвни професионалци од креативната индустрија, како и дегустација на најдоброто од македонската гастрономија, претставува само дел од она што јавноста ќе има прилика да го искуси првиот викенд од месец октомври.

Под слоганот „Beyond the Fields”, есенскoто издание на Моден Викенд ќе се одржи премиерно во Битола и Штип во периодот од 01.10 (петок) до 03.10 (недела). Изборот на различни локации надвор од градот Скопје е во духот на занимливиот проект #NoWasteMК, кој ќе се одвива во рамки на дваесет и четвртата сезона на настанот, реализиран со грант од Circular Design Assembly доделен од British Council со фасилитација од Ellen MacArthur Foundation.

„Моден Викенд Скопје отвора ново поглавје за животоносна кружна иднина, кое ќе ги поврзе најпрогресивните поединци и групи од индустријата. Обединувајќи ги уметноста, науката и бизнис иницијативите со иновативниот дизајн, технологиите и материјалите кои го елиминираат отпадот и загадувањето, нашата мисија е да оствариме позитивно влијание врз модниот синџир на вредности низ целата земја. Инспирирани од природата за природата.“ – истакнуваат организаторите на настанот.

Настанот е фузија од физички и виртуелни активности поддржани од Текстилно Трговско Здружение Текстилен Кластер и македонскиот огранок наFashion Revolution, кои ќе ги валоризираат вредностите на циркуларната економија како модел за одржлив развој и ревитализација на животната средина на локално и глобално ниво.

Иницијативата се роди како одговор на Responsible Fashion Series Skopje, интернационалниот вебинар организиран од МВСК во соработка со Иан Кинг, професор по естетика и менаџмент на Istituto Marangoni. Одржливата мода, зелените иновации и совесната потрошувачка, проникнаа како главни клучеви денес - за одговорна иднина утре.

Идејниот концепт на проектот е и да ги прикаже модата и агрикултурата во заедништво, откривајќи како производството на облека и храна се поврзани и повеќе одошто можеби претпоставуваме, со изработка на експериментална колекција што ќе ги спои двете навидум неспоиви гранки, како и краток документарен филм за сите фази при креативниот процес - од идеја до финален продукт.

 „Живееме во земја каде отсекогаш се негувал посебен однос кон одгледувањето и конзумирањето здрава и органска храна од поднебјето. Можеме ли ваквата традиција и дисциплина да ја пресликаме и во нашите современи модни навики? Како организатори на настанот, нашата визија е да ги образуваме новите генерации на оваа тема. Темелно да ја истражиме врската меѓу „slow food“ и „slow fashion“ и да ги едуцираме како сè можe да се вкрстат двата концепта за плодна иднина.“ – заклучуваат од тимот на МВСК.

За повеќе детали, новини и изненадувања, како во однос на програмата, така и на листата на учесници кои ќе ѝ се претстават на публиката oваа есен, јавноста може од ден во ден да се информира на официјалната веб страница на Моден Викенд Скопје и социјалните мрежи Инстаграм, Фејсбук и Твитер.

Промените започнуваат овде и сега! Заедно.


ПР објава