Новиот шеф на BMW е Србин: Балкански стандарди ќе владеат со меѓународниот сообраќај
Милан Неделковиќ на 14 мај 2026 година ќе ја преземе функцијата претседател на Управниот одбор на BMW AG, одлучи Надзорниот одбор на компанијата.
Неделковиќ ќе го наследи Оливер Ципсе, кој е член на Управниот одбор повеќе од десет години и претседател од август 2019 година. Надзорниот одбор изрази искрена благодарност до Ципсе за неговите големи заслуги за BMW групацијата.
„Поседува лидерски квалитети“
Претседателот на Надзорниот одбор, Николас Петер, изјави дека Неделковиќ носи јасна стратешка визија, силна способност за спроведување планови и изразено претприемачко размислување.
„Милан Неделковиќ се залага за прецизно управување со ресурсите, без разлика дали станува збор за економски или еколошки прашања. Тој знае да инспирира луѓе со идеи, да ги обедини околу заеднички вредности и да ги мотивира за врвни резултати. Тоа е клучна лидерска особина за продолжување на успешниот курс на BMW групата во тековната трансформација“, рече Петер.
Мандатот на Ципсе беше продолжен во 2023 година до 2026 година, а по главното собрание на 13 мај 2026 година тој ќе ја заврши својата кариера по 35 години работа во компанијата.
Роден во Србија
Петер го истакна и големиот придонес на Ципсе:
„Оливер Ципсе направи исклучително многу за BMW групата. Ја водеше компанијата низ глобални кризи како пандемијата на коронавирусот и беше силен поддржувач на проектот Neue Klasse, најголемиот развоен проект на BMW. Дури и во тешки времиња успеа да го одржи стабилниот курс на компанијата.“
Милан Неделковиќ, роден во Крушевац, Србија, е член на Управниот одбор на BMW AG од 2019 година, задолжен за производството. Петпедесет и шестгодишниот менаџер ја започнал кариерата во BMW во 1993 година како приправник и низ годините стекнал богато меѓународно искуство.
Бил директор на фабриките во Оксфорд, Лајпциг и Минхен, како и раководител на корпоративниот квалитет. Неговиот мандат како претседател на Управниот одбор ќе трае до 2031 година.
Извор: Телеграф / Фото: BMW промо