Ало, токсикологија: Пијан сум и се прејадов

Празниците се замка за прејадување и пијанење. Баш тогаш треба сѐ да се изеде и испие. Баш тогаш мора да се наздрави со неколку литри вино или ракија, пиво или вотка... нормално, шишето во рака и „среќна Нова година“... Без осет се јаде, празник е, мора да сѐ јаде и да се прејаде... Годината да била плодна, да се имало од сѐ по масите и од се' да се пробало, изело, испило... 

Ние сме познати по сево ова. 

И после извесно време... „ме боли стомакот, главата, незнам каде се наоѓам, ми се повраќа, многу ми е тешко, се' ми се врти“... А некои знаат и да се јават на токсикологија или да ги однесат до таму, па таму да им тргне среќна Нова година. 

Во Скопје за изминатите новогодишни ноќи на Клиниката за токсикологија имало разни случаи на прејадување и премногу големо количество испиено алкохол. Претежно млади лица. А од истата оваа клиника со години апелираат на умерен внес на алкохол и храна за празниците за да не завршите таму. Па бирајте!

Иако различни јадења се готват во големи количини на новогодишната ноќ, Бадник и Божиќ, треба да се почитуваат основните правила што важат во сите периоди од годината и храната треба да биде редовна, умерена и разновидна.

Менито треба да се прилагоди на сезоната и внимателно да се планира.

Кога станува збор за празничен ручек, умереноста подразбира дека можеме да го прескокнеме предјадењето и да избереме едно од главните јадења што се нудат по супата, на пример, само сарма или само печено месо, а не заедно и едното и другото.

Умерена исхрана е начин да се избегнат непосредни здравствени проблеми, како што се чувство на надуеност, нагони за повраќање или болки во стомакот, но и долготрајни ефекти кои можат да бидат различни, во зависност од нашата здравствена состојба, од скок на крвниот притисок до проблем со варење, што го отежнува хранењето.

Многу е важно да се нагласи дека доброто расположение не треба да е засилено со големи количини на алкохол, туку од добро друштво!

Пред прославата треба да размислиме како да се вратиме дома безбедно, а не да не знаеме каде се наоѓаме.

Значи, клучот е во умереноста за сѐ! 

Н.Т.