АНДРЕЈ КЛИНЧАРОВ: Не сакам екстра материјал да ми се плетка низ нозе

Специфичната убавина е негово силно оружје. Најпознатитот наш манекен не се грижи премногу како ќе го видиме на плажа, повеќе е под вода отколку на жешкиот песок


Кога е лето, еден од најпознатите наши машки интернационални манекени, архитект, голем љубител на животни и авантурист, можете да го видите исклучиво на плажа. Дали тоа ќе биде на плажите во Португалија или пак во Шпанија сеедно, тој изгледа во топ форма. Магнет е за женските очи, па и тоа како низ годините научил со какви костими за капење може да биде во центар на внимание, дури и да не го сака тоа. Сепак, има неколку омилени “купаќи” во кои се чуствува пред се удобно.

- Модата се менува скоро секоја година па така и костимите за капење кои ми беа омилени пред две години денес не ми се во топ пет. Моментално имам неколку чивта кратки шорц костими кои пред се се доста функционални и повеќе се за на плажа отколку за во вода (без екстра додатоци, должина максимум над колено, добар материјал кој брзо се суши). Не сум навикнат да пливам со кратки шорцеви затоа што цел живот сум во вода и не ми е природно да се плива со екстра материјал кој се плетка во нозе. Секогаш избирам за пливање кратки костими за капење, ватерполо бренд со одлични дизајни и издржливост, едноставно тоа е навика. Кај нас во Македонија ретко кој носи такви,  но и тоа постепено се менува - вели Андреј.

Инаку, подготвен е секогаш да се соблече на плажа. А, таа самодоверба му ја дава и пливањето во базен преку цела година.

За припрема на плажа пожелно е да си во форма во текот на целата година... Јас лично немам некоја посебна подготовка, класика, колку што ми дозволува времето спортувам, се трудам минимум два- три пати неделно пред пладне да отидам до базен да се испливам- додава Клинчаров.

Можеби чудно за повеќето, ама тој на плажа ретко носи мобилен телефон и сета таа пропратна технологија. Тогаш што носи?

- Не одам на плажа без пешкир и папучи. Секако очилата за пливање се секогаш со мене како и фактор за заштита. Секаков вид на дополнителна опрема ( пераи, маска, го про, часовник ) се трудам да носам со мене затоа што претпочитам  да сум активен во вода и да поминувам повеќе време во вода отколку надвор од неа.

Небојша Толески