Бедекер - Париз во претпразнично расположение... Вечните ривали Café de Flore и Les Deux Magots имаат една, заедничка цел: да им угодат на сите граѓани
Француската метропола и годинава, како и сите претходни со децении, па дури
и столетија наназад, го зазема првото место на листата на дестинации чија
посетеност урива рекорди,
што ја објави „Euromonitor International“. Нема сомневање, градот за кој се врзуваат голем број епитети (највеќе
постојани) припаѓа токму таму, на врвот. Секако дека неговите определби, меѓу
другите и градот на љубовта и градот на светлината, произлегуваат од долгите
приказни за него - романтичните места (Ајфеловата кула, кејот на Сена, Лувр,
Луксембуршките градини, Триумфалната порта...), Французин(к)ите чие изразување
на силното чувство е своевидна уметност, вклучително и нивниот јазик со кои се врзува
и придавката секси („Je t’aime“ неодоливо ќе ве
привлeче, бидете сигурни), деликатесите, т.е. специјалитетите на француската
кујна и секако, блесокот на светлината од сијалиците ноќе (дури 300 локации се
целосно осветлени, 33 од вкупно 37 мостови, а само кулата има 20.000 светилки),
без оглед на вистинската причина што нѐ враќа во 1667-ма, кога Луј Четиринаесетти,
со цел да се намалат кражбите, наредил да се осветлат неговите улици покрај
воведувањето на т.н. позорникари. Се разбира, метафората доаѓа и од
просветлувањето на умовите во 18 век.
Илуминациите во голема мера придонесуваат и за претпразничното расположение, а во Париз не изостанува ни малку, го има во изобилство. Наводно се дуплира самото осветлување, а погледот на Елисејските полиња е фасцинантен. Особено кога се палат светилките. Целата метропола се кити, буквално сé, нема исклучок. Дури и енергетската криза не ја попречи градоналаничката Ен Хидалго да ја украси онака како што ѝ доликува. Исто беше и за време на вирусната пандемија. Богато осветлени, украсени се излозите на дуќаните, магазините, продавниците..., кафе-рестораните, слаткарниците..., внатрешноста на која не се штеди ни малку. Кога е декорот во прашање, парижаните го избираат најскапиот. Ентериерот на галеријата Лафајет на булеварот Хаусман спаѓа во поатрактивните. Годинава висечката елка е сино-зелена.
Маркетите исто така придонесуваат за комплетниот впечаток, но се поврзуваат исклучиво со божиќните празници. Денеска веќе не работат, со понекој исклучок. Сепак, до пречекот на Новата година нé делат уште 5 дена, а расположението и натаму не стивнува. Подготовките се одвиваат согласно агендата на претседателката на градот бидејќи посетата на Париз тогаш се зголемува неколкукратно. Нормално, меѓу посетителите има и Македонци кои одат или со туристичка агенција или пак сами, во своја режија. Хотелите се пребукирани, без оглед на високите цени. Престојот во нив е привлечен и заради романтиката која им се припишува - продирањето на првите сончеви зраци во собата, појадокот во постелата..., на приказните им нема крај. Тие се всушност најпродавани, како и минатото, историјата. Од тие причини се и најпосетени. Во последно време приватното сместување, во смисла на изнајмување станови, зема сѐ повеќе замав. Изборот на интернет навистина е многу голем. Како било, можностите се бројни, важна е само желбата за Новата година да ја дочекате во француската метропола.
Светлосното шоу на Ајфеловата кула е задолжително (огнометот не, само неколку - сопствени). И шампањот, се разбира. Парижаните не ја пропуштаат ни гозбата, свечената вечера со морски плодови, „Foie gras“ - деликатес од шаткин, односно гускин дроб (џигер), а домашната птица обично се тове со сонда. Локациите се добро познати: кулата, Елисејските полиња, платото пред базиликата Светото срце на Монмртар од каде што се има убава прегледност и Трокадеро. Интересот за пречек на Новата година во „Мулен руж“ секогаш е голем, како и за маскарадата во „Елисеум“, на 100 метри од познатиот булевар. Овогодишната цена на влезницата, која вклучува и жетони (од 2 до 4) за пијалаци, но и чаша шампањско вино (плус) е 55 евра. Дотогаш уличните свирачи се одговорни за веселата атмосфера во градот, а тука е и лизгалишето и Дизниленд и... Топлите напивки сигурно ќе ве загреат, на улица. Зошто да не и во Café de Flore и во Les Deux Magots, вечните ривали за кои се вели дека големото соперништво е измислено, само наводно, а чија цел има еден контекст - заеднички: да им угодат на сите граѓани, меѓу кои и туристите.
Обата инаку спаѓаат во групата на 5-те историски кафе-ресторани во Париз, а придавката има две значења - едното се однесува на времето, од кога датираат, а другото е врзано за нивната важност, и тоа во секој поглед. Останатите 3 се Le Procope (1686-та), Café de la Paix (1862-ра) и Café de la Rotonde (1911-та). Без оглед на фактот дека Les Deux Magots е постар од Café de Flore за една година, првиот е отворен во 1884-та, вториот во 1885-та, ривалството како што велат парижаните е оддалечено само четириесетина метри. Двата се во Сен Жермен де Пре. Од постојката на квартот во 4-от арондисман се стигнува за две минути, пеш. Анегдотите поврзани со нив се дел од сликата на кафе-ресторанската култура во Париз и нејзината мапа. Една од многуте стории е секако и онаа за познатите, кои оделе таму. Кога нивните фанови доаѓале во едниот да им бараат автограми, да ги фотографираат..., тие се криеле, од едниот бегале во другиот. И денес, кога нема место во првиот на пример, келнерите неретко ќе ви го препорачаат вториот. Ептен сопернички. Настрана шегата, колективизмот во Париз е особено изразен, за разлика оттука. Често се случува и жителите на метрополата и туристите да го започнат денот во едниот, а да го завршат во другиот, некогаш и едноподруго, веднаш. Заедничко им е и доделувањето на книжевните награди од причина што книжевноста е врзана за обата на ист начин. Па дури и менито, со понекој исклучок.
Café de Flore инаку е именуван по староримската божица на цвеќињата, пролетта и плодноста - Флора чија скулптура се наоѓа во близина, на самиот булевар. Во него всушност е крстено движењето во литературата и уметноста, кое има за цел да го истражува и изразува потсвесното - надреализмот. Името му го дал Гијом Аполинер. Кафе-ресторанот бил и „дом“ и „канцеларија“ на Симон де Бовоар и Жан Пол Сартр, на првиот кат. Отсекогаш важел за помирен од Les Deux Magots, а тишината ја користеле и Албер Ками, Ернест Хемингвеј, Морис Мерло-Понти, Рејмонд Арон и Труман Капоти за пишување. И модата е дел од него. Токму таму се одржувале ревии на „Ив Сен Лоран“, „Пако Рабан“, „Шанел“..., се снимале кампањи за „Луј Витон“, „Лонгшамп“..., а Карл Лагерфелд ги читал новите изданија на „Вог“ исклучиво во Café de Flore, долу.
Без оглед на ентериерот кои речиси и не е сменет од 1930-титe, кога мебелот од махагон, црвениот тапацир и месинганите огради се сметале за раскошни, седењето на терасата е повеќе од уживање, само со кафе или пак и со нешто друго, зошто да не и појадок. Се послужува исто како и некогаш, во бел порцелан на кој е испишано логото во зелена боја.Цената на краткото еспресо е 4,60 евра, долгото чини 6,80 евра. Кроасанот е 2,50 евра, со кафе со крем (5,70 евра) е фантастичен, исто така и со топла чоколада ( „флора“ - 7 евра, виенска - 8,70 евра).
Шампањското вино се движи меѓу 90 и 450 еврa, колку што чини Magnum Dom Pérignon Vintage. Бакшишот е пресметан во цената. Само погледите на случајните минувачи со кои неретко ќе се сретнете се бесплатни, загарантирано.
Les Deux Magots е во близина на Café de Flore, оддалечени се само четириесетина метри. Заради големиот интерес да се ужива во погледот на верскиот објект, и дење и ноќе, некогаш е потребна резервација, но не е задолжителна.
Поради наградата за литература што ја доделува од 1933-та, кафе-ресторанот е познат и како литерарен. Иако 1884-та фигурира како година на неговото отворање, почетоците се врзуваат со 1812-та, кога сопствениците започнале да се занимаваат со продажба на ткаенини..., а за името се инспирирале од театарската претстава Les Deux magots de la Chine. Во 1873-та се преселиле на сегашната локација за 11 години потоа да се зафатат со угостителство. Двете мандарински фигурини се извајани на столбот во внатрешноста.
По завршувањето на Првата светска војна, познатите симболисти Артур Рембо и Пол Верлен го посетувале речиси секој ден, подоцна и Андре Бретон и Ернест Хемингвеј и Жан Пол Сартр и Пабло Пикасо и Џејмс Џојс. Листата е долга, исто како и на вечниот ривал. Фотографиите на славните личности кои биле редовни посетители се изложени на ѕидовите, а декорацијата на ентериерот е во арт деко, својствен за 1930-тите во Париз. Убавината секако е во седењето на терасата, за кое некогаш се чека и половина час. И за појадок и за ручек и за вечера. Менито е доста богато, без исклучок и винската карта. Најскапиот шампањ чини 290 евра. Обично се нарачува со бранч, а неговата цена се движи од 52 до 62 евра. Чаша пенливо вино е 10 евра, со него. Храната е органска. Покрај месо, има и морски плодови - цените на порциите се меѓу 29,50 и 64 евра, со ракчиња од Мадагаскар... Пиењето кафе и таму се ритуализира, како и секаде. Топлата чоколада приготвена старински е 9 евра и му парира на „флора“, нема дилема. Капучиното чини 6 евра, идеално за комбинирање со слатките чии вкусови ќе ве примамат без пардон. Хедонистички во секој поглед. Типично за француската метропола, кога и да ја посетите.
Игор Ландсберг
Фотографии: Café de Flore и Les Deux Magots