Бедекер: Белградската и елитата од светски размери оди во хотел Москва, така е точно 115 години
Белград дефинитивно е една од метрополите на Балканот, која се развива со
немерлива брзина. Ист е и неговиот растеж, во секој поглед - идеен, културен...
Всушност, главниот град на Србија едноставно ја продолжува традицијата на
перманентен развиток од времето на поранешна Југославија, па и претходно.
Неговата атрактивност во последните десетина години, од 2014-та ја зголеми и проектот
Белград на вода, но сепак, без оглед на неговата привлечност, вклучително и на
бројните сплавови кои пулсираат во ритамот на боемскиот живот чија
неконвенционалност ѝ парира на Скадарлија, ама во малку поинаков контекст,
делумно и поради генерацискиот јаз, српската метропола е позната особено по
срцето на стариот град. Имено, тамошните кафеани, кафулиња секогаш се на листите
за посети во бедекерите, кои не смеат да се заобиколат по никоја цена, заедно
со дискотеките кои исто така придонесуваат за високото позиционирање на европската
мапа кога се работи за ноќниот живот, забавата.
Во големиот број знаменитости, покрај црквата Свети Сава, обете палати - градското собрание и претседателската резиденција, музеите..., па дури и шопинг-центрите, се вбројуваат и Калемегдан и Кнез Михајлова, Теразије, а меѓу нив и Балканска улица каде што на самиот почеток - број 1 е хотел Москва чие 115-годишно постоење во исто време е синоним на истрајност, настојчивост, упорност и секако, за шарм кога е угостителството во прашање, неизбежно и гостопримството. Не случајно белграѓаните го именуваа „шармер“, за кого и ден-денеска се наполно согласни дека толку долго е и меркез не само на белградската туку и на елитата од светски размери, се разбира од самиот почеток - на 14 јануари 1908-ма, кога Петар Први Караѓорѓевиќ со концерт на Кралската гарда ја отворил Палатата на осигурителното друштво на Русија и денес позната како ленд-марк, едно од посебните обележја на Белград со друго име - хотел Москва.
Како што се развивала метрополата, така и преноќевалиштето растело за накрај да прерасне во центар на сите важни случувања од културно, историско значење со светски глас. Велелепноста на зградата се надополнувала со градскиот начин, стил на живеење, кој го негувале господата, дамите чија репутација никогаш не била под знак прашалник. Не само што нивното реноме придонесувало за угледот на хотелот туку и обратно, заемната врска едноставно се подразбирала како своевидна обусловеност.
Пиењето кафе или нешто жестоко, уживањето во кондиторските производи на слаткарницата, но и во ресторанските јадења се само една причина за да се седне во него, внатре или пак на терасата, во пролет и налето, а нивните амбиенти се толку пригодни што гарантираат чувство на добро расположение. Погледот на улицата, минувачите, колите исто така е дел од задоволството. Емоциите отприлика се идентични како некогаш, според раскажувањата на гостите кои често ги запишувале своите впечатоци од посетата во спомен-книгата, без разлика дали преноќевале во хотелот чија архитектура секако е руска - сецесија. Во времето на проектирањето, изградбата и уметничкото обликување на палатата се сметала за последен збор, нешто ново. Таму се пишувала историјата која се раскажува и денеска, навраќајќи се на двете светски војни кои ги преживеала, осумте државни уредувања... Кога би можеле да зборуваат и ѕидовите, сигурно дека приказните за љубовта, преговорите, целовечерните разговори, членовите на кралските семејства, познатите уметници, писатели, меѓу нив и добитници на Нобеловата награда..., би биле повеќе од занимливи, но тајните сепак се бришат со правта. Во изминатите 115 години хотел Москва угостила повеќе од 40 милиони луѓе, од кои 4,5 милиони преспале во него.
Многумина од посетителите се живи легенди (Бред Пит, Габи Новак, Мајкл Даглас, Мила Јововиќ, Раде Шербеџија, Робер де Ниро, Роман Полански), некои се преселија во вечноста (Алберт Ајнштајн, Алфред Хичкок, Ана Павлова, Арсен Дедиќ, Бернардо Бертолучи, Индира Ганди, Кирк Даглас, Леонид Брежњев, Лучиано Павароти, Максим Горки, Махатма Ганди, Милош Форман, Ребека Вест, Реј Чарлс, Тома Здравковиќ), но сите ѝ припаѓаа(т) на елитата, без исклучок. Нивните фотографии се закачени на ѕидовите, до собите во кои биле сместени, а 6 ги носат нивните имиња. Хотелот е реновивиран во 2011-та, согласно тенденциите во хотелиерството. Сепак, оригиналноста е зачувана и во 123-те соби, од кои 2 се кралски. Зградата инаку е споменик на културата, под заштита на државата од 1968-ма, а во 1979-та е прогласена за културно и материјално богатство - добро од големо значење.
Нема сомневање, и кафе-слаткарницата и ресторанот Чајковски придонесува за големата посетеност на хотел Москва, не само од страна на белграѓани, Срби туку и на странски туристи, меѓу нив и Македонци, и тоа во голем број. Пиењето кафе, еспресо или домашно, со парче торта и звуците на пијаното сигурно ќе ве одведе во друг свет, кој потсетува на 1900-тите. Сочувана е и традицијата на послужувањето. Келнер(к)ите и ден-денес се држат до правилата, со бела крпа на раката и задолжителна папилотка. Бидете слободни, прашајте ги за минатото, сигурно ќе ви го раскажат накратко, обучени се и за тоа. Кафе-слаткарницата е отворена во 1974-та, инспирирана од концепцијата на современите идеи. Оттогаш е и шнитот, големиот тркалест колач во неколку слоеви (освен француски крем со путер, има и праски и вишни и ананас, посипан одозгора со бадемови ливчиња), кој дефинитивно е најбаран. Дневно се продаваат дури 300 парчиња, може и повеќе, а има и 1.000 испораки на различи адреси.
Според направените пресметки, на годишно ниво се прават дури 20 тони. Обично се служи со црвено вино. Едно парче чини 650 динари (нешто повеќе од 340 денари), а иста е цената и за чаша црвено вино. За еспресо или домашно (традиционално) кафе ќе платите 280 динари (безмалку 150 денари), додека коктелот Кога сте во Москва (мешавина од аперол, булет бурбон, монтенегро и свеж лимон) чини 790 динари (точно 415 денари). Распонот на цените е голем, исто како и изборот. Менито навистина е богато.
Нема дилема и кога се работи за ресторанот Чајковски - изборот на јадења е сведен на деликатеси, традиционални со иновативна, модерна интерпретација на готвачот Ѓорѓе Клипиќ и гарантира автохтоно гастрономско искуство. Специјално приготвени се и белградските ќебапи (1.550 динари - 815 денари) и гурманската плескавица (1.650 динари - безмалку 870 денари) и свинските ребра во црно пиво (1.850 динари - нешто повеќе од 970 денари) и телешката бајадера (2.550 динари - 1.340 денари).
Со вино, музика од рускиот композитор и варијации, чувството на пријатност е осигурано. Како и задоволството поради заедничката дегустација на географското потекло, пиењето отменост со елитата, со легендите кои седеле на истата маса на која обедувате и вие, можеби - а, зошто да не. За долго, убаво сеќавање на Белград.
Игор Ландсберг