Бедекер: Ватикан - Каде што се пие најмногу вино, 74 литри по жител на годишно ниво...
Нема сомевање дека папската држава, седиштето на папата во Рим е најпосетено
за време на престојот во италијанската метропола, без оглед на
вероисповеданието, а бројот на посетители на годишно ниво е нешто повеќе од пет
милиони. Туризмот е извор на приходите, имено - економијата на Ватикан се
заснова на него и покрај тоа што просторно е мал - 0,44 квадратни километри, а
нема ни 1.000 жители (поточно 825, од кои 135 се гардисти). Базиликата „Свети Петар“ и
ватиканските музеи, како и желбата да се види поглаварот на католичката црква,
обично во недела во 12 часот, кога и благословува од својот апартман, но и во
среда во 10.30 часот (за време на зимата во аудиториумот „Паоло Шести“ -
формално, за што е неопходна и резервација), се главните причини за посетата на
градот-држава. Сепак, многу од настаните се одржуваат и на самиот плоштад, кој
го носи името на базиликата. Инаку, „Свети Петар“ е најголемата црква во
светот.
Погребната церемонија на Бенедикт Шеснаесетти (папа емерит - пензиониран, почесен), започна токму на плоштадот, која и покрај неговата лична желба да биде скромна, не само што беше свечена туку и протоколарна, неиздвоена од останатите - смртните останки беа положени во три сандаци: како и обично, првиот е чемпресов, во кој се става и вреќичка со златници (нивниот број е идентичен со годините помината во понтификат - папство), вториот е оловен, каде што се изгравирани папското име, почетокот и крајот на понтификатот, а дрвен е и третиот, напревен од брест или орев и така се положува во земјата. Папата Франциск го предводеше обредот. Меѓу присутните делегации беше и црковната, на МПЦ-ОА.
Се препорачува и базиликата и ватиканските музеи, вклучително и градините да се разгледуваат со туристички водичи, за да се избегнат долгите редици, особено во периодот меѓу 14:15 и 15:00, кога обиколката на црквата „Свети Петар“ е бесплатна. Инаку работи од 7 до 19 часот. Музеите се отворени од 09:00 до 16:00 во работен ден и последната недела во месецот, до 12.30 часот. Градините, пак, можат да се видат само организирано - отворени се три дена во неделата: вторник, четврток и сабота, од 10:00. Влезницата за ватиканските музеи и Сикстинската капела чини 25 евра, а цените на турите се движат меѓу 44 и 94,95 евра (на базиликата, сосе црковната купола, ватиканските музеи и Сикстинската капела - трае 5 и пол часа). Ако имате можност, изберете го раноутринското разгледувањето на ватиканските музеи и Сикстинската капела - ВИП турата чини 69 евра, а трае 2 и пол, некогаш и 3 часа. Зиме куполата е отворена за посетителите од 08:00 до 16:45. Како и да било, обиколките започнуваат на плоштадот, каде што сефонтаните, дела на Бернини и Мадерно, обелискот кој е донесен од Египет (37-та н.е.), а некогаш, поточно во времето на Нерон, таму се осудувале христијаните на прогонство. Не ја испуштајте шансата за четирите колони колонади да ги видите во една, од иста гледна точка - застанувајќи на две камење. Секако, визуалот импресионира благодарејќи на архитектурата во ренесансен стил, наместа и барокно нијансирана. Така се облечени и гардистите - припадниците на швајцарската гарда, која е одговорна за безбедноста на папата од 1506 година. Нивната облека не само што е својствена за ренесансата туку плени и со изразитиот колорит, без разлика дали е зимска, летна. Ги има на сите излезни точки (влезови). Обично се на возраст меѓу 19 и 30 години, високи околу 173 см, мораат да бидат христијани и секако, да имаат сертификат за диплома, безбедносна.
Базиликата, старата христијанска црква е позната меѓу другото и по куполата, инаку дело на Микеланџело. Пропорционална со големината на храмот, неговата внатрешност - нејзината мајсторска изработка предизвикува воодушевувања, јавни пофалби. Сепак се чини дека ентериерот, неговата декорација по малку ја засенува, вклучувајќи ја и самата импозантност, која произлегува од димензиите што потсетуваат на Кипот на слободата во Њујорк - 120 м. Безбедноста е на највиско ниво, секој посетител задолжително минува низ детектор за метал, а криптата во која е и гробот на Јован Павле Втори не смеете да ја заобиколите. Дозволено е фотографирање, но не и непристојна облека. На куполата можете да се качите со елеватор или пеш, по скали - 320 на број. Оттаму се гледа и Ватикан и Рим, а визумот е еднаков на претставата, сликата на фантазијата.
Ништо помалку атрактивни се и ватиканските музеи, стари 500 години, а убавина на Сикстинската капела, нејзините скали во вид на спирала, како и собите на Рафаело, се повеќе од восхитувачки. Ренесансата е присутна секаде, во секој поглед. За да се избегне турканица, движењето е еднонасочно. На изложените ремек-дела можат да им позавидат и галериите во дворците со светски глас, а нивни создавачи, автори се Да Винчи, Караваџо, Тицијан..., без исклучок на грчките, римските пронајдоци. Фреските на Микеланџело се сметаат за најдобри во неговиот живопис, но и на останатите, од почетокот на 16 век. Забрането е да се фотографира за сликите да не се оштетат со блицовите на фотоапаратите.
Фасцинацијата од кастелот во рамките на Ватикан е оправдана, поради што градбата важи за една од поубавите и во италијанската метропола. „Сан Анџело“ го изградиле папите во 14 век, кој претходно бил мавзолеј на императорот Адријан - 12 века подоцна. Долго време служел како затвор, а Николај Трети предложил кастелот да се спои со базиликата. Сега е музеј каде што може да се види местото на кое е снимен холивудскиот блокбастер „Ангели и демони“, вклучително и покривот од каде што централната фигура на операта „Тоска“ на Пучини се фрлила во прегратките на смртта. И ватиканските градини почнале да се прават во времето на гореспоменатиот папа - Николај Трети, од три страни. Денес заземаат половина од просторот на градот-држава. Стилот е препознатлив - ренесансен, со барокни примеси. Нивната драж е и во фонтаните и во скулптурите и во градбите од периодот на средновековјето. Напролет и налето можеби се најубави, поради зеленилото, цвеќињата..., но и зиме се посебни, дефинитивно.
За обиколките да бидат поинтересни, секако дека придонесуваат и туристичките водичи со занимливостите на Ватикан, кои ги раскажуваат, одново и одново и одново... На пример, фактот дека во папската држава нема затвор, туку само неколку притворски ќелии е интересен како и податокот во врска со издржувањето на затворската казна на нејзин трошок, согласно Латеранскиот пакт, секаде во Италија. Се разбира, ништо помалку не изненадува фактот дека во него се пие и најмногу вино, 74 литри по жител на годишно ниво - двојно повеќе од римјаните, парижаните... Една од причините секако е групното пиење, својствено за нив, како и неоданоченото вино во единствениот ватикански супермаркет. Градот-држава, кој може да се изоди пеш за неколку минути, има дури и железница од времето на Пиј Единаесетти - две пруги во должина од 300 м, исклучиво за пренос на стока. Италијанскиот е официјален јазик на Ватикан, но не и на Светата столица каде што службен е латинскиот. Седиштето на католичкиот папа се смета за негов чувар, де факто. Дури и инструкциите на банкоматите на „Ватиканската банка“ се на латински. Од друга страна, криминалот е перманентен и разбирливо, се однесува на џепчиите, апашите кои генерално оперираат по дуќанчињата, тезгите. Постојано се предупредува на него. Внимателноста е неопходна, особено ако носите ранец, торба, чанта. Раздвиженоста се чувствува додека е отворена базиликата, докај 19 часот - потоа е мирно, тивко. И жителите и посетителите, туристите се префрлаат во соседните улици, квартови, меѓу нив и Ватикано, Прати, Тестачо, Сан Лоренцо..., на вечера можеби, забава... Се разбира, доколку не испиле кафе, вино..., обедувале во музејскиот бар, кафе-ресторан, пицерија. Други и нема. Цените се високи, посебно на месото (особукото, пршутата), овошјата, палентата, пиците, ризотото, сирењата, слатките (тирамисуто), тестенините (лазањите, њоките, шпагетите). Публикациите, сувенирите со верски, религиски мотиви (од крстови до празни шишиња во форма на дева Марија за света вода, кои можат да се наполнат во црквата) се продаваат во книжарницата, музеите, дуќанчињата, на тезгите меѓу колонадите... Долги редици има и во поштата за да се испрати разгледница со поштенска марка од Ватикан.
Надвор од папската држава, обично во кафеаните се шират секакви приказни, па дури и за седиштето на Римокатоличката црква, скриените нешта во него, меѓу кои и причината за оставката на Бенедикт Шеснаесетти, првпат по 1415-та, и покрај тоа што официјално беше наведена здравствената состојба, и егзерцирањето за кое се говореше и на Би-би-си во 2018 година, и помагањето на нацистите да побегнат од Европа во Аргентина, Бразил и Чиле, за што еден харвардски истражувач напиша книга, и продавањето на уметничките изработки, вредности конфискувани за време на холокаустот, и апостолскиот казненопоправен дом, трибунал..., обелоденет во 2009-та, и скандалите врзани со „Ватиканската банка“ и Хитлер итн. Махинациите се чести, исто како и шпекулациите. Вистината е непобитна, вклучувајќи го и гласот на совеста, нејзиното испитување, за кое често говори и папата Франциск, истакнувајќи дека ѓаволот, демонот, сатаната ги демне секојдневно - „елегантно, со цвеќе во раката“, екумените да не паѓаат на искушенијата. Впрочем и безгрешноста на папата е апсолутно вистинита, каква што е всушност и ватиканската догма. И убавината на базиликата „Свети Петар“, музеите на градот-држава, неговите градини... Секогаш, дури и сега, во текот на зимата - под снег.
Игор Ландсберг
Фотографии: Ватикан