Дали имате профил на Фејсбук од 2007-2022 година? Можеби ви должат пари

Можеби ќе имате право на дел од порамнувањето од 725 милиони долари, или 660 милиони евра, кои Мета се согласи да ги плати во колективната тужба, пренесуваат светските медиуми

Според Дејли Мејл, подобни корисници се оние кои имале профил на Фејсбук од 24 мај 2007 до 22 декември 2022 година, а тие луѓе мора да аплицираат до 25 август 2023 година.

Во тужбата, во која Мета се изјасни за невина, се наведува дека Facebook објавил кориснички податоци и информации за пријателите на корисниците без дозвола на трети лица.

Собрани податоци од 87 милиони корисници на Фејсбук

Сето ова произлегува од скандалот „Кембриџ Аналитика“ од 2018 година, кога беше откриено дека компанијата злоупотребила податоци од десетици милиони профили на Фејсбук дозволувајќи пристап до трети страни.

Кембриџ Аналитика претходно тврдеше дека собрала податоци само од околу 30 милиони профили на Фејсбук, но според новите информации се чини дека собрала лични податоци од дури 87 милиони корисници на Фејсбук.

„Фејсбук наводно знаел за несоодветното собирање податоци на Кембриџ Аналитика од 2015 година и не презел ништо да ја запре активноста или да ги извести корисниците до март 2018 година“, соопштија тамошните власти.

Судијата ја одобри спогодбата

Во тужбата се вели дека Facebook не ги заштитил соодветно корисничките содржини и информации од злоупотреба или неовластен пристап.

Ова им овозможи на апликациите на „трети страни“ да „соберат и продаваат пристап до приватните информации на корисниците на Фејсбук, вклучително и до фирмата за политички консултантски услуги „Кембриџ Аналитика“, без знаење или согласност на корисниците“, се тврди во тужбата.

Федерален судија во Калифорнија одобри спогодба од 725 милиони долари со Мета во март.

Извор: www.alo.rs