Дејан Митровски- УРКО: Тренираниот ум може да се адаптира на секакви ситуации и да совлада многу тешки препреки
Тој е алфа и омега
во фитнес спортот, бодибилдингот и боречките вештини кај нас. Со сто процентно
извајано тело, доведено до перфекција. Единствен и по специфичниот физикус и по
сите нешта кои ги работи. И сите го знамеме, ама многу малку знаеме како овој
човек успеал... Специјално за Машки магазин, Дејан Митровски- УРКО несебично
сподели интересни детали од неговата работа и начин на живот.
Почнал да спортува многу мал, неговите почетоци ги направил во карате и гимнастика, потоа продолжил со атлетика и беше репрезентативец во атлетика во спринтерските дисциплини и потоа долги години остана во кик бокот како натпреварувач и репрезентативец. Поседува црн појас 4дан. Кик бокс. Лиценциран персонален и групен фитнес тренер е од престижната Интернационалната федерација за бодибилдинг и фитнес – IFBB, исто така и лиценциран нутриционист од истатаIFBB . Воедно е и лиценцаиран тренер за маитаи издадена од IFMA - Меѓународната федерација за маитаи аматери. Исто така и за кик бокс тренер издадена од WAKO - Светската асоцијација на кик бокс организации. По професија е дипломиран професор по физичка култура, со доедукација - Магистер по спорт и кинезиологија на Факултетот за физичка култура, Магистер по меѓународно право на ЕУРМ и тековно магистрант на Полициската академија- отсек криминалистика. Во слободно време извршува функција како Претседател на Кик бокс Маитаи федерацијата на Македонија и истовремено е и тренер во неговиот кик бокс маитаи клуб “Шампион” во Магнус. Професионално и во редовен работен однос е во Министерството за внатрешни работи на РМ...
Сето ова е само како увертира во интервјуто. И не може, а да не започнеме со прашањето како го добил прекарот Урко?
- Јас сум растен во фамилија во која не се употребуваат пцовки и други погрдни зборови, па како во детството така и сега како возрасен човек во афект на нервоза бидејќи не знаев и не знам да пцујам, ако сакав/м некого да го навредам или да го искарам го нарекував/м мајмун. Во основно училиште кога бев 6-то одделение, имаше телевизиска серија која се викаше “Планетата на мајмуните” и во таа серија токму Урко беше главниот лик и крал на мајмуните. Прекарот го добив тогаш и истиот ми остана до денес, но иако на почетокот не ми беше мил, се лутев и не се отповикував со него, со тек на време го прифатив и сватив дека на луѓето им е лесно да те паметат по прекарот и дека Дејановци има многу, но Урко е еден- вели Митровски.
ММ. Вие сте еден од пионерите кај нас кој направи своевидна револуција во поглед на своето тело. Како успеавте својата форма да ја доведете до совршенство?
-Па вака, за да го направите своето тело стегнато, јако, а воедно и складно, но при тоа да не ја изгубите експлозивноста, брзината и флексибилноста, има три меѓусебно врзани работи кои треба да се применат.
Прво- Треба да му се посветите на своето тело 100 % и да сватите дека тренингот е задолжителен секој ден, а не како што практикуваат многумина да вежбаат преку еден ден или 4 пати неделно. Тренинзите треба да се редовни и истрајни без подметнувања и да се состојат од тежински тренинзи за градба и тонирање на мускулите, пропратени со вежби за истегнување, експлозивност и брзина. Јас како кардио тренинг многу практикувам пласирани удари на вреќа од кик бокс техники и тоа 6 рунди по 3 минути со 1 минута пауза помеѓу рундите. На овој начин се согоруваат најмногу масти, а во исто време ја подобрувате и својата брзина, рефлекс и вашата креација за комбинирање на серии од удари. Поголемиот дел од денешната младина практикува само вежбање во теретана, со цел за кратко време, најчесто пред лето, да ја покачат својата мускулна маса и да покажат по некое мускулче на плажа, заборавајќи или свесно избегнувајќи ги вежбите за истегнување и кардио вежбите - што е сосема погрешно. Сакам да го истакнам мојот став и убедување за тоа што е убаво и здраво машко навежбано тело – тоа е она тело на кое мускулите се во правилна форма тонирани и телото е симетрично од која страна и да го гледате. Не секогаш набилданото тело е и убаво градено тело. Кога вежбаме треба да знаеме што сакаме да постигнеме со тренингот, а тоа е возможно само со плански тренинзи, исхрана и со поставена цел. Јас често пати кога поради службени обврски не можам да најдам нормално време за вежбање, знам да вежбам и на полноќ или во 5 часот изутрина пред работа, за да си го изработам мојот планиран тренинг. Лојалноста, дадениот збор и одговорноста за исполнувањето на своите зададени задачи како од претпоставен, така и од самиот себе, за мене се од голема важност и според моите животни принципи морам во целост да ги завршувам. Јас сум војник во исполнување на задачите и војнички функционирам. Зборовите „не можам и немам време“, за мене се неприфатливи, може само да го прифатам зборот „не сакам“.
За мене, удирањето на вреќа е најдобар топач на масти и тренинг со кој најбрзо се зацврстува целото тело. Би им препорачал на вашите читатели да пробаат барем 10 дена редовно да тренираат серии удари на вреќа - за почеток три рунди по 1 минута со 1 минута пауза, по што ветувам дека ќе бидат презадоволни од своите резултати и секако од чувството после тренингот.
Второ- Исхраната на спортистот е втората важна алка од синџирот за градење на убаво и здраво тело. Исхраната на спортистот не е иста како на обичниот цовек. Ние спортистите не јадеме колку што можеме, не јадеме се‘што сакаме и кога сакаме. Нашата исхрана е строго наменска и одбрано балансирана според потребите за формата на телото која што сакаме да ја имаме. Ние јадеме што треба, кога треба и колку треба. Јас пред тренинзите конзумирам енергетска храна богата со јаглехидрати кои се брз извор на енергија, додека пак после тренинзите внесувам протеински богата храна и секако не го запоставувам зеленчукот, овошето и растителните здрави масти и секако пијам многу вода. Кога ќе го примените сето ова, резултатите се неизбежни, а чувството е како да имате во себе мотор од 600 коњски сили.
Трето- Вложувајте во себе и инвестирајте и на умствено поле, со јакнење на самодисциплината, самодовербата и концентрацијата, бидејќи умот и телото треба да бидат во постојан баланс и взаемно да напредуваат.
ММ. Кои техники најчесто ги применувате кога вежбате ? А која вежба или справа е најдобра за активирање на сите мускули и доведување на телото до солидна мускулна маса ?
Мојот тренинг се состои од: Тежински вежби за мускулна маса - по една мускулна група дневно.Практикувам 5-6 вежби по мискулна група, 6-8 серии, 12-18 повторувања во серија, со пауза 15-25 секунди меѓу секоја серија. Исклучок правам кога ставам максимална тежина, тогаш правам 2-4 повторувања со помош на партнер и паузата е поголема. Потоа правам вежби за истегнување и флексибилност. На крај на денот работам кик бокс тренинг вежби кои се одличен кардио тренинг и истовремено се добри за подобрување на брзината, експлозивноста и координацијата.
Исто така, водам и тренинзи во мојот клуб “Кик бокс клубот Шампион” во Магнус-центарот за бодибилдинг фитнес и боречки спортови. За да ги активирам сите мускули и да го доведам и одржувам телото во солидна, квалитетна и чиста мускулна маса и форма, јас комбинирам вежби со тегови, трчање, истегнување и кик бокс.
ММ.Важите за човек кој е доста упорен, дали практикувате други спортови или вежбање на отворено?
- Упорноста доаѓа од истрајноста, од стилот и начинот на живеење и секако од желбата да бидам психофизички здрава и комплетна личност, без модерните пороци што ги носи соовремениот свет. Од други спортови покрај кик боксот и теретаната практикувам гимнастика, акробатика, нуркање, бордање на снег и на вода. А сакам да возам и кајак на брзи води.
ММ. Извесно време бевте телохранител на високи политички личности. Што всушност значи оваа професија бидејќи на многумина не им е јасно? Работите во Министерството за внатрешни работи, но бевте и во воено- специјалната единица Волци...
- Таа професија пред се‘ значи сериозност, квалификуваност и пожртвуваност. Истовремено, значи дека на личноста за која што работиш и ги даваш сите приоритети и ја ставаш на првото место во својот живот, пред сите останати, пред својата фамилијата, дури и пред самиот себе. Со таа позиција покрај тоа што го штитиш угледот и животот на штитеното лице, се бориш и со многубројни препреки, местенки, лажни обвинувања и големи животни предизвици и случувања.
Јас се‘ уште работам во Министерството за внатрешни работи, а во оваа институција дојдов уште во далечната 2000 година со превземање од воено-специјалната единица Волци, за што сум посебно горд и чест ми е што во моето професионално искуство и ЦВ пишува сум дел од оваа единица во која гордоста, лојалноста, тренингот и другарството се на прво место.
ММ. Во Магнус фитнес центарот ја имате најдобрата опрема. Дали сте личен тренер на некого?
- За се‘ во животот или правам нешто како што треба или воопшто не го правам. И секогаш се стремам да сум најдобар во тоа што го правам, а при тоа никогаш да не ги потенцирам и да не ги покажувам маките и проблемите кои ги надминувам за да ја постигнам целта. За мене важен е само крајниот исход. Фитнес салата комплетно е опремена со најновите линии на Technogym машини за тежински и кардио тренинзи, а во партер салата се одвиваат кик бокс, актуелниот кик фит за девојки, аеробик, пилатес, поле фитнес, и тазе воведените aerial hoop и aerial јога тренинзите. Секако, има познати личности кои редовно го посетуваат центарот и кои практикуваат здрав начин на живот и ги користат услугите и советите. Но, тоа се наши клиенти и заради дискреција не би ги коментирал.
ММ. Дали е отворен фитнес центарот и какви мерки спроведувате или ќе спроведувате во поглед на заштитата од вирусот?
- Центарот како и останатите фитнес центри во држвата е затворен уште на почетокот на појавувањето на коронавирусот (12 март) според упатството дадено од Министерството за здравство. Во моментов, центарот се‘ уште не работи, а ќе биде отворен кога за тоа ќе дадат насоки од Министерството за здравство. Како и досега, така и понатаму, во центарот многу се внимаваше и ќе се внимава на хигиената и дезинфекцијата на справите и реквизитите, на проветрување и вентилирање на просторот. Во центарот се запазени сите ергономски, технички и здравствени предуслови за овој тип на работа и има соодветна вградена вентилација и климатизација. Секако, доколку се наметнат и нови превентивни услови заради моменталната состојба со вирусот, ние ќе го следиме барањето и трендот на заедницата.
ММ. Вие сте иПретседател на Кик бокс Маитаи федерацијата... Што значи оваа функција?
- Да, и еден од основачите. Во мојата спортска кариера јас бев натпреварувач, репрезентативец, тренер, селектор и сега сум и Претседател на оваа федерација. Ги следам стапките и искуствата на мојот покоен тренер и бившПретседател на тогашната Кик бокс федерација на Македонија, господинот Љупчо Неделковски, кој заедно со доктор Славе Пашовски го донесоа кик боксот кај нас. Со моето доаѓање на оваа позиција, јас го прифатив предизвикот да го преточам целокупното мое кик бокс искуство во менаџирање и унапредување на овој спорт и на федерацијата. Оваа функција бара многу работа, организација, знаење, но и љубов кон овој спорт. Во периодот на моето управување со федерацијата, успеавме повеќе да го омасовиме спортот, се отворија многу нови клубови, бројот на натпреварувачи на државните првенства драстично се зголеми, се зголеми и бројот на репрезентативците кои ја претставуваат нашата земја на многубројните меѓународни, европски и светски натпревари. Можеме да се пофалиме со многу европски и светски медали. Со еден збор - станавме поуспесни!
ММ. Покрај мажите, дали и жени вежбаат кик бокс и како тие напредуваат во овој специфицен спорт. Дали спроведувате натпревари на ова поле?
- Кик боксот е вештина која ги плени жените и интерсот е голем. Важи за актуелен спорт во поновото време и е во постојан пораст. Во нашиот клуб како и во останатите кик бокс клубови кои членуваат во нашата федерација, жените вежбаат паралелно и исто напорен и интезивен тренинг како и мажите, а потврда за нивната работа се остварените резултати на редовните национални првенства во кик бокс и маитаи кои се организираат од страна на Кик бокс Маитаи федерацијата на Македонија. Дополнително, сакам да напоменам дека жените се дел и од македонската кик бокс и маитаи репрезентација и раме до раме заедно со машките репрезентативци ги бранат боите и редат успеси и медали за нашата држава. Уште од самото отварање во 2006 година, имаме формирано група само за девојки и жени, која актуелно е именувана како Кик фит. Името на оваа дисциплина е измеслено од наша страна и истото не постои како класична кик бокс дисциплина, но во тоа време пред 14 години ние направивме модификација на интензивен кардио тренинг со употреба на удари од кик боксот и тајландскиот бокс во вреќа и истите се во поблага форма прилагодени за дамите кои сакаат да вежбаат рекреативно. Кик фит тренинзите ги има исклучиво само кај нас во Магнус, а вежбите кои им ги даваме на дамите се внимателно избрани и дозирани наменски, а испирирацијата за ваков тип на тренинг е наша и произлезе како последица и инспирација од моето долгогодишното искуство како натпреварувач и тренер во кик бокс и маитаи спортовите. На Кик фит тренинзите не се работи борбен тренинг туку, преку кардио вежби во кои има застапено разни движења со потскокнувања и потклекнувања, пропратени со координирано поврзани комбинации од серии на удари со нозе и раце со ракавици на долги висечки вреќи, со вметнати избегнувања (ескивази)... девојките неосетно и на интересен начин, ја подобруваат својата физичка состојба и психичка рамнотежа, ја јакнат својата самодоверба и храброст, а воедно и успешно се ослободуваат од вишокот на килограми и слабеат, се затегнуваат и си го оформуваат своето тело.
ММ. Кој е најдобриот совет кој им го давате на оние кои вежбаат посветено?
- Сакам да ги посоветувам сите, да не им завидуваат на изгледот на другите туку да бидат упорни за да го постигнат тоа што го посакуваат, да бидат позитивни и постојано да вложуваат во себе си и при тоа да се надградуваат умствено, здраво да се хранат, да водат грижа за сопственото здравје и да го вежбаат редовно своето тело. Сето ова е пат кон сигурен успех кој ќе придонесе да зрачат со позитивна енергија и ќе предизвика симпатии од околината и секако поголемо дружење. Со други зборови, секогаш им препорачувам повеќе да си се сакаат себе си бидејќи да за бидеш сакан од другите, најпрво треба самиот себеси да се сакаш!
ММ. А, како се справивте- справувате со изолацијата, како во карантин? Што научивте?
Како сите така и јас ги почитувам дадените предлог заштитни мерки да се заштитиме себе си и насите блиски од коронавирусот. Во вакви околности, кога движењето е ограничено и кога треба да се седи дома, тренинзите си ги изведувам импровизирано за домашни услови, а останатото време го користам за одмор, растеретување на гардеробата од плакарите, средување документи за федерацијата и други домашни активности и секако за дружење со мојата фамилија.
Изолацијата не ја доживеав како нешто страшно, бидејќи јас сум дисциплиниран човек, поранешен војник и истраен спортист, а сето тоа бара и во текот на нормалниот живот да бидеш изолиран и дисциплиниран. Тренираниот ум може да се адаптира на секакви ситуации и да совлада многу тешки препреки.
ММ. Ваш стручен совет за оние кои сакаат да почнат со вежбање и тренинзи...
- Мој совет за оние кои сакаат да почнат да вежбаат е да не изнаоѓаат разни изговори и причини за да почнат да вежбаат од утре, од задутре, од понеделник, .... и постојано да го одложуваат почетокот. Да почнат со тренинзи и да вежбаат, сега, одма и веднаш! Најтешката работа е стартот и првото доаѓање во фитнес центарот, потоа работата е полесна и им ја препуштате на тренерите и тимот.
ММ. Кога би можеле нешто да смените, што би смениле во спортот кај нас?
- Прво би почнал со селекција на спортски таленти и мониторинг на моторичките способности врз децата од прво до четврто одделение, за чие спроведување ќе бидат задолжени квалификувани стручни лица од Факултетот за физичка култура во соработка со наставниците по физичко образование од основните училишта. Овие лица покрај селекцијата би требало да им ги презентираат на учениците сите спортови и во зависност од талентот и способностите на децата, да ги насочат и поттикнат децата од рана возраст да го изберат спортот што им прилега. Воедно, би предложил формирање на школски спортски клубови, кои би се натпреварувале во школски систем на натпревари и тоа во основно, средно и високо образование од каде исто така под надзор на квалификувани стручни лица од Факултетот за физичка култура би можела да се прави селекција на спортски таленти и на истите да им се овозможи директен влез во елитни спортски клубови. На овој начин ќе се влијае врз младината професионално да се занимава со спорт и ќе им се даде можност да бидат дел од спортските амбасадори и идни репрезентативци.
Небојша Толески