Денес слави роденден, а уште утре може да му се исполни една голема желба - која е таа?

Кирил Лазаров. Нашиот Кире. Светскиот Кире. Ракометна легенда. Еден од најдобрите ракометари на сите времиња, рекордер по постигнати голови на многу натпреварувања, но и сѐ подобар и поценет како тренер на РК Алкалоид и како селектор на Македонија. Нема човек во нашата земја кој повеќепати не го скандирал неговото име. Гол машина. Мотиватор и голем борец, кој за себе вели дека сепак има трема. Голем спортист, но и човек. Далеку од тоа дека е едноставен, но секој што подобро го познава знае и дека воопшто не е арогантен, како што многумина мислат. Бара многу од своите соработници, но,дава и повеќе отколку што бара. Не сака инстант успех, а совршено точно знае во секој момент што сака, што очекува и на што инстистира.

Денеска ќе го прослави својот 45 роденден. А на патерицата на неговиот родеднден, на 11 мај, се надеваме дека нашите ракометари ќе му честитаат со победа над Литванија поголема од два гола и со нов пласман на Европското првенство. 

Што вели историјата? Кире Лазаров е прв ракометар кој станал најдобар стрелец и на Европско и на Светско првенство. Тој е најдобар стрелец во европските купови на сите времиња, со 1000 голови. Борбен, самоуверен, мудар, решителен, дисциплиниран, храбар... Голем во победите, а уште поголем во ретките порази. Секогаш на победа, секогаш за својата земја. Го гледаме за македонската репрезентација од 1998 година. За неа, на 232 натпревари постигна фантастични 1709 голови. Секој негов скок шут беше половина гол.

А денес... Строг во критките кон себе и кон играчите, витез и џентлмен на ракометните терени, свесен за своите квалитети, но и почитувач на туѓите дела и резултати. Човек кој сите свои постапки ги прави со своето срце и со своето непогрешливо чувство. Прв македонски спортисткој се осмели да напише книга за себе и својата кариера. Полн со самодоверба, на терените, но и надвор од нив. Строг, праведен, но и доста емотивен. Исто како неговите родители, кои биле храбри и на 16 години му дозволиле да го напушти домот и да летне кон ракометниците височини. А сето друго одамна е историја. На македонскиот, на европскиот и на светскиот ракомет.

Можеше да живее во Барселона, Нант или барем Загреб, но го избра Скопје за своја ракометна престолнина, од која ќе го пренесува своето знаење на младите луѓе и ќе диригира кон нови победи и успеси. 

Животот на спортистите е непредвидлив и предизвиците што се нудат треба да се прифаќаат, но честитајќи му го денешниот роденден, се надеваме дека нашиот Кире ќе остане во Македонија уште долго време и ќе нѐ радува со уште многу успеси и победи, како со Алкалоид, така и со репрезентацијата на Македонија.

СОЊА АЛЕКСОСКА - НЕДЕЛКОВСКА