Деновиве сите патишта водат кон Бигорски: Манастирот одбележува 1000 години од основањето
Македонија е
библиска земја, за неа пишува во Библијата. А нејзината територија ја красат многу
божји домови. Само 365 цркви и манастири има околу македонскиот Ерусалим,
нашиот туристички бисер Охрид.
Манастирите кај нас сведочат за чудата кои се случувале таму благодарение на светците и на Бога. Еден таков манастир од ризницата богатство на манастири и цркви во нашата земја е Бигорскиот манастир.
Манастирот бил основан од страна на монахот Јован во 1020 година, а годинава се одбележуваат 1000 години од неговото основање. Во XVI век манастирот бил разрушен од страна на отоманската власт и од целиот комплекс останал само како мала црква. Од помениците исто така се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој бил и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време.
Манастирот бил изграден од бигор, оттаму потекнува и неговото име Бигорски.
Патот за да стигнете до манастирот е обележан и обновен, пред самиот паркинг на манастирот за време на викенд ве пречекува домар кој ги упатува стотиците автомобили кој каде да паркира, бидејќи според неговите зборови, во време на пандемијата од коронавирус во викенд манастирот го посетуваат околу 5000 верници, но пред корона кризата за една седмица над десетици илјади верници од земјава, регионов па и од целиот свет оделе во манастирот, се молеле за здравје и благосостојба.
Домарот, со кој успеавме да помуабетиме вели дека пред пандемијата со ковид-19 манастирот имал целодневни бдеења и повеќе верници останувале да преноќат во конаците. Додека, сега на неделно ниво околу 7.000 верници го посетувале манастирот, 5.000 за викенд и 2.000 верници во текот на работната недела.
Пред самиот влез на Бигорскиот манастир, комплекс кој го сочинуваат манастирската црква која е посветена на Свети Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци, се гради нов конак и поради градежните активности се создава поголема гужва.
Овој манстир е машки, во него денес живеат околу 25 монаси, кои живеат според општежителните правила на Света Гора Атонска.
Иконостасот во манастирската црква е еден од најубавите во земјава, но и пошироко. Најубавиот украс во црквата и она по што е најпознат овој храм, е прекрасниот и единствен од ваков вид во Православието – иконостас, врвно дело на мијачките копаничари, кои, по својата вештина на обработка на дрвото, останале ненадминати и до ден денес. Тоа се прочуените Петре Филиповски – Гарката од с. Гари, со својата тајфа и Макариј Фрчковски од Галичник. Тие ова монументално дело го завршиле за зачудувачки кратко време, од 1830 до 1835-та год.
Манастирот е полн за време на викенд, таму за време на нашата обиколка затекнавме и крштевка, а голем број на верници од целата земја во викендите, особено во недела доаѓаат на молитва во овој божји дом.
По повод 1000 години од основањето, наскоро за манастирот ќе излезе документарен филм кој е насловен: Сведок на светлината. Документарец за постоењето на Бигорскиот манастир, преживеаните голготи и опстанокот, филм кој го доловува и духовниот монашки континуитет низ вековите на еден цел милениум.
Доколку сеуште не сте одлучиле кое место да го посетите за време на викенд или доколку годинава ваша агенда е посета на сите попознати манастири и цркви, Бигорскиот манастир е дестинација број еден која вреди да се посети.
Р.М.М.
Фото: Машки магазин