Директорот на СЗО: Неправилната употреба на маската прави повеќе штета отколку да не ја носите

Директорот на Светската здравствена организација (СЗО) за управување со вонредни состојби Мајкл Рајан изјави дека носењето маски за лице, доколку се користи неправилно, може да направи повеќе штета отколку добро во борбата против ширењето на новиот коронавирус.

Во време кога некои земји се соочуваат со недостиг од маски, Рајан повтори дека СЗО верува дека треба да ги носат само болни за да не го шират вирусот, а и здравствените работници на кои им е потребно.

„Нема конкретни докази кои сугерираат дека масовното носење маски на кој било начин е од некаква корист, всушност, има некои докази што укажуваат на спротивното“, рече Рајан.

Тој, најверојатно, алудираше на можноста некое лице, кога ја става или отстранува маската, може да го нанесе вирусот близу лицето.

Рајан исто така рече дека не слушнал за одлуката на Австрија да им нареди на граѓаните да носат маски кога одат во продавници.