Доделување на наградата „Пегаз“ и промоција на победничкиот роман „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков

Свечено доделување на наградата „Пегаз“ за 2021 година и промоција на победничкиот роман – „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, ќе се одржат на 6 април (среда), со почеток во 19 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје.

На доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман ќе се обрати жирито во состав: проф. д-р Владимир Мартиновски (Катедра за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“), Фросина Пармаковска (писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2017 година) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“).
По врачувањето на статуетката „Пегаз“ и обраќањето на Русјаков, ќе биде претставен првонаградениот роман „Хотел меѓу две војни“, чијашто промоторка ќе биде уредничката на изданието – Оливера Ќорвезироска.

 „Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.

На конкурсот пристигнаа 44 ракописи, а покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2021 година влегоа „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција.

Ова е трето издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината, што ја организира издавачката куќа „Арс Ламина“, во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности, „Славко Јаневски“.

Романот „Хотел меѓу две војни“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, наскоро ќе биде достапен во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, а ќе може да се набави и на промотивниот настан во Младинскиот културен центар.

Ве очекуваме!

ПР објава