Џамбо Оздан Агушев: Многу е важно вистинскиот маж да ги има во себе пристојноста, учтивоста, смиреноста, мудроста и огромната посветеност за својот комплетен изглед
Секоја брада испраќа сигнал за типот на личноста на мажот што ја носи. Без разлика на стилот, должината, обликот, уредноста, дали е со мустаќи или не, таа е забележана. На прв поглед тоа го прави мажот помажествен и посериозен. Во комбинација со однесувањето или карактерот, нејзиниот целокупен стил создава впечаток за изгледот, карактерот и личноста на мажот зад неа. Затоа, додека некои луѓе се обидуваат да го сокријат својот тип на личност со бричење, други не сакаат да го прават тоа, туку ја користат брадата за отворено да испраќаат сигнали за себе - нивниот карактер и тенденции.
Не секогаш горенаведеното е така, ама во повеќето случаи игра голема улога. Брадата и мустаќите “создаваат” визуелно машкост и мачо стил, доминантен алфа мажјак…Брадата ја зголемува перцепцијата за машка доминација, особено ако е подолга. Без разлика дали станува збор за пократка должина или полна брада, тоа му дава на лицето мачо допир што го прави да изгледа, самоуверено, мажествено и посакувано. Истражувањата покажуваат дека брадата може да биде повеќе од мажествена и доминантна. Затоа, станува збор за храбри, љубезни личности, доверливи, дарежливи, вредни и исклучително атрактивни мажи, особено ако зрачат со самодоверба.
Дополнително, неодамнешното истражување покажа дека жените имаат поголема доверба во брадестите мажи кога се во прашање семејните односи, бидејќи ги сметаат за посилни заштитници на семејството и попосветени татковци.
Виртуозот Џамбо Агушев е македонскиот крал на трубата. Со оркестарот “Агушеви” го пропатува целиот свет, свиреше пред стотици илјади, доби огромни признанија, а каде и да се појави со трубата, прави неверојатна забава.
Машки магазин се придружи на светската кампања “Мовембар” која месецот ноември го окарактеризира како месец на машкото здравје и грижата за него, посебно навремените контроли и подигање на свеста за ракот на простатата. Симболот се брадата и мустаќите, а Џамбо постојано ги носи на себе.
- Секако дека по тоа прашање има различни размислувања и ставови. И низ самата историја помеѓу светските традиции и култури имало различни размислувања и ставови околу тоа. Кај некои тоа било одраз на машкоста, сериозноста, кај други тоа било одраз на општествениот статус итн. Многу историско важни личности имаат брада и мустаќи. Дали тоа биле философи, научници или пак најголемите војсководци. Е сега, дали од сето тоа се произнесувал некој симбол или некоја порака, не знам, но логично е дека сето тоа имало некое значење. Кога јас лично би го кажал својот став, можам слободно да кажам дека ништо од претходно наведеното не било повод и инспирација за мене. Тука мене ме воделе, пред се моето лично чувство, но секако и моменталниот тренд- вели Џамбо.
Ноември е окарактеризиран како месец на машкото здравје, како тој се грижи за неговото? Што е најважно, на што придава најголем приоритет?
- Со оглед на тоа дека живееме во турбулентно време, проследено со многу динамика и стресови, секако дека грижата за здравјето е исклучително важна. Од мој личен аспект, како човек кој што професијата не му дозволува многу да води мирен, спокоен и здрав живот, можам слободно да кажам дека во тие услови знам одлично да се организирам и да посветам внимание на себе и сопственото здравје.
Секако дека во таа моја организираност спаѓаат и редовни лекарски прегледи и анализи. Без некои конкретни приоритети, едноставно сето тоа што јас го спроведувам како моја лична обврска е грижата за комплетното мое здравје и следење на комплетната функција на мојот организам- потенцира Агушев.
Инаку, во последно време и мажите страдаат од синдромот наречен „природно подмадување“ каков што е случајот со повеќето жени. Процесот на стареење е неминовен, а еве што мисли виртуозот:
"Ха ха ха секако дека воопшто не се плашам од староста. Мислам дека има неколку причини зошто е тоа така. Една од нив е тоа што духот ми е сеуште многу млад, така што во мојата помисла многу ретко ми поминува староста. Од друга страна, гледајќи ги моите деца како растат, се повеќе го посакувам моментот да ги видам како зрели, возрасни и успешни личности. А за сето тоа да се случи, неизбежна е староста, нели. А исто така, како една од причините зошто сум смирен по ова прашање, мислам дека е и фактот што сум и семејно и професионално реализиран, па затоа ништо не ми прави притисок за да се плашам од староста“.
А, општа дефиниција сеуште важи дека мажот е "посилниот пол", алфа маж... но од друга страна имаме и мажи џентлмени... Дали тој едно од двете или нешто помеѓу или сосема друго?
- И по тоа прашање има повеќе размислувања и ставови споредувајќи го минатото со денес. Секако дека секој сегмент, секој детал е од голема важност за самиот статус на еден маж во општеството. За мене јас нескромно би рекол дека сум и едното и другото. Во мојата работа, за да се биде успешен и да можеш да бидеш забележан и во светски рамки, треба да си навистина "алфа маж". Јас некако го имам тоа природно во себе, можам лесно да се носам со сите предизвици, докажав дека можам да бидам лидер и да преземам многу работи во свои раце. Од друга страна, моето мислење околу џентлменството е многу јасно. Мислам дека главните работи за да се биде џентлмен се карактерот на човекот и комплетниот начин на неговото однесување. Верувајте ми, јас давам секогаш големо внимание кога се работи за мојот карактер, моите манири, принципи и секако, комплетниот начин на моето однесување.
Ова е неговата порака до мажите околу нивното здравје:
"Околу мажите и нивното здравје, јас секогаш ја имам истата порака
Мора однапред да се постави вистинскиот колосек по кој што треба да се движи личноста во животот. Притоа е многу важно вистинскиот маж да ги има во себе пристојноста, учтивоста, смиреноста, мудроста и огромната посветеност за својот комплетен изглед ( внатрешен и надворешен). Со овие сегменти секако дека би имал и подобро здравје во основа. За се да биде комплетно, само треба да ја додаде својата одговорност и конкретната грижа за здравјето, а тоа е начинот на живот и секако, честото "дружење" и консултации со лекари".
Небојша Толески
Фото: Приватна архива