Единствениот Македонец со почесната виза за траен престој во Австралија: Блага и Стојне, Баже и Благица ќе ја откријат душата на кларинетот на Илија Ампевски

После 35 години успешна кариера во Македонија и многу настапи низ Европа, Канада, Америка и Австралија, познатиот виртуоз на кларинет и саксафон Илија Ампевски, со прекар Ампе, ќе одржи солистички концерт во Скопје на 8 мај насловен како „Душата на кларинетот“ придружуван од маестрални музички изведувачи со кои соработува долги години. Настанот ќе се одржи во Домот на Армијата во Скопје. 

Од неговиот голем музички опус публиката ќе има можност да ги слушне „Ој ти момче Охриѓанче“во изведба на Благоја Груевски и Стојне Николова, како хитовите на Блага Петреска и на Благица Павловска, изведувачи со кои Ампевски соработувал во изминативе години.

На сцената ќе го придружуваат музичари - „Оркестар Драчево“:Мишел Трајковски – хармоника, Дамир Имери – клавијатури, Нико Сребров – клавијатури, Јане Рафаиловски – саксофон, Орце Лазаров – бас гитара, Елдин Усеиновски - ритам гитара, Ристе Плуковски – тапани, Михаил Парушев – тапани, Ратко Даутовски - перкашен.

Илија Ампевски е роден 1974 година во Скопје, Македонија каде што и завршува музичка школа кај професорите за кларинет Манол Јанев и Стојан Димов во МБУЦ ,,Илија Николовски – Луј” и Штипската Музичка Школа во класата на професорот Раде Стојчев.

Препознатлив по неговиот нов начин на импровизирање и креирање на модерни фолклорни ора и чочеци во македонски и балкански етно фолк стил. Илија почнува на своја 15 годишна возраст веќе да настапува на домашни веселби, веридби, свадби, банкети и по три години добива професионална понуда од музичката група ,,Калабалак” по што следува настапот на „Фолк хит на годината“ по покана на познатата македонска дива Блага Петреска, каде ја добива и најважната понуда во неговиот живот да стане член од легендараната група „Македонски Мерак“ каде рамо до рамо има чест да музицира со легендарниот македонски маестро на хармоника Милан Завков.

Музицирањето со групата „Македонски Мерак“ го издвојува како најубав дел од неговиот живот, како и една огромна ризница на спомени кои остануваат засекогаш врежани во неговите сеќавања излеани во 140 авторски теми снимани на 11 носачи на звук.

Не може а да не се споменат соработките со најголемите звезди на македонското естрадно небо од калибарот на Васка Илиева, Петранка Костадинова, Александар Сариевски, Виданка Георгиевска, Благица Павловска, Блага Петреска, Војо и Биљан Стојановски, Орце Стевковски, Елена Георгиева, Јасмина Гуњова, Јордан Митев, Зоран Ванев и многу други пејачи во светот.

Илија е единствениот Македонец кој ја има добиено почесната виза за траен престој во Австралија од страна на Австралиската влада, како оригинален талент различен од другите.

Во последните неколку години живее и работи во Австралија и настапува со македонскиот бенд „Деспина“, но и со многу австралиски музичари, меѓу кои би го издвоиле последниот настап во Сиднејската опера 2024 година.

С.А.Н