Ексклузивно - Разговор со евроамбасадорот Дејвид Гир: Луксузот е мерило за тоа колку пари имате и колку сте подготвени да потрошите, ништо повеќе
Нешто повеќе од 2 години ја врши должноста на шеф на Делегацијата на ЕУ во МК, поточно од септември 2020-та. Уште од самото доаѓање во земјава, буквално од првиот ден им се восхитува на историјата, луѓето од кои вели дека научил доста, мултикултурата, пејзажите, храната. Но сепак не може да замиже пред загадувањето, и на водата и на воздухот и на почвата, непочитувањето на животната средина и секако, неконтролираното градење на згради, особено во Скопје каде што се чини дека на околината не ѝ се обраќа внимание, односно ја игнорира. Дури и пред да биде назначен за евроамбасадор тука во Македонија, кариерниот развој на Дејвид Гир е навистина импресивен - работел како адвокат, се занимавал со заштита на човековите права (директорувал со меѓународна организација), поголемиот дел од 1990-тите го поминал во земјите на поранешниот Советски Сојуз, меѓу нив и Грузија и Ерменија, бил и во тимот кој го спроведува иранскиот нуклеран договор... Без оглед на сериозните проблеми со кои се соочува државава, шефот на Делегацијата на ЕУ е оптимистичен кога во прашање се македонските евроинтеграции, а одговорноста е на владата, секако. Но и на другите, заеднички.
Интервјуто, разговорот со него го направивме само неколку дена пред заминувањето во Кентербери, Обединетото Кралство каде што пораснал и секако, во родната земја - Белгија за божиќните и новогодишните празници да ги прослави со блиските роднини, пријатели. Неминовно ги опфативме и темите врзани со нив, уживањето во доброто вино, убавиот ручек..., за луксузот. Но сепак, интегрирањето на РСМ во ЕУ некако се чини дека е водечко бидејќи тоа нѐ засега буквално сите, најмногу од сѐ.
ММ: Крајот на годината обично е ретроспективен, оттаму и прашањето - по што ќе ја паметите 2022-ра генерално? И се разбира, како ќе ја оцените работата на Делегацијата на ЕУ во земјава, имајќи ги предвид големите предизвици и тука и во светот?
-Се наоѓаме на крајот на една година која ја одбележаа огромни предизвици и за Европа и глобално. Видовме нешто што само до минатата година беше незамисливо - војна на европско тло, предизвикана од неиспровоцираната и неоправдана воена агресија на Русија против Украина. И сите ние го почувствувавме и продолжуваме да го чувствуваме влијанието на војната со зголемените цени на енергијата и проблемите во безбедноста на снабдувањето. Но, ние во ЕУ заедно со меѓународните партнери се соочивме со овој предизвик со единство и решителност. Од своја страна, Северна Македонија покажа вистинско лидерство во нејзината поддршка за Украина, вклучително и со целосно усогласување со санкциите на ЕУ насочени кон оние во Русија кои се одговорни за војната.
За Северна Македонија и ЕУ оваа година имаше уште еден голем предизвик, тоа беше конечното отворање на пристапните преговори. И тоа успеавме да го постигнеме во јули. Да, овој голем пробив дојде по тежок компромис. Но, стави крај на 17-годишното чекање и го отвори патот на Северна Македонија кон членство во ЕУ.
Земјата исто така успеа да го потпише договорот со Фронтекс - првиот договор меѓу Северна Македонија и ЕУ, потпишан и преведен на македонски јазик и на сите 24 јазици на ЕУ при што сите јазични верзии се подеднакво валидни. Овој договор, кој беше потпишан како директна последица на пробивот во јули, предвидува подобрена безбедност на границите на Северна Македонија.
Овие достигнувања се резултат на постојаните напори на Северна Македонија и сите нас во ЕУ, вклучително и во Делегацијата на ЕУ.
Среќен сум и што ЕУ беше првиот партнер кој дојде со значителна поддршка за земјата во услови на енергетска криза. Исплатата на околу 80 милиони евра за буџетска поддршка ќе се случи веќе во јануари. Можеме да очекуваме и повеќе во иднина.
ММ: Од почетокот на Вашето назначување за евроамбасадор во Македонија досега, сигурно дека ја забележувате промената на перцепцијата на македонските граѓани за ЕУ, нејзината поддршка. Во надолна линија е воспримањето и на граѓаните на останатите земји од Западен Балкан, не постои напредок во евроинтеграциите, што е поприлично фрустрирачки. Дали е оправдана, во што е проблемот, каков е?
-Можам да зборувам само за ситуацијата во Северна Македонија каде што, точно е, имаше многу разбирлива фрустрација поради одложувањето на почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ. Имаше и чувство дека земјата има направено многу жртви за да напредува кон ЕУ. Но, сега преговорите започнаа сериозно со скринингот, цврсто на вистинскиот пат. Исто така, сега треба да биде јасно дека патот кон ЕУ не повлекува жртвување на идентитетот на граѓаните или македонскиот јазик, како што се покажа со потпишувањето на Договорот со Фронтекс.
Значи, кога станува збор за Северна Македонија, во 2022 година видовме забележителна еволуција за интеграција на земјата во ЕУ со почетокот на пристапните преговори. Сега на самата земја ѝостанува да продолжи со реформите за да ги исполни очекувањата на граѓаните и да напредува на нејзиниот пат кон ЕУ.
Што се однесува до ЕУ, наша одговорност е да се погрижиме за напредокот на оваа земја на патот кон ЕУ да се оценува врз основа на заслугите, т.е. како земјата напредува во однос на реформите, а не по други прашања. Ова беше заложба што ја дадоа и претседателката на Европската комисија и претседателот на Европскиот совет кога го посетија Скопје на почетокот на годината.
ММ: Граѓаните не го кријат и незадоволството од живејачката во земјава, очигледно дека им е доста од живот без ред и функционален систем. Дури 90% од младите сакаат да си заминат од Македонија, што е поразително. Главната причина е корупцијата. Едноставно кажано, дали таа е основната причина што ЕУ не нѐ сака? И покрај непрестајното укажување, државата тоне во неа. Ме интересира, има ли некои проекти, настани на Делегацијата за борба против корупцијата, што сметате дека не го добија заслуженото внимание од јавноста, медиумите...?
-Во право сте, напорите за борба против корупцијата се во срцето на процесот на пристапување во ЕУ. Следствено, сега кога започнаа преговорите, оваа област е под многу поинтензивна проверка. Всушност, како што продолжуваат преговорите, областа на владеењето на правото, вклучително и борбата против корупцијата и функционирањето на судството, ќе се оценува на секој чекор наспроти законодавството и стандардите на ЕУ. Оваа проверка ќе вклучува и да се осигури дека таквото законодавство се спроведува и применува и дека институциите кои се одговорни за тоа си ја вршат својата работа. И покрај тоа што има напредок, ова е област во која Северна Македонија има уште долг пат да оди.
ЕУ ја поддржа и ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во унапредувањето на реформите и испорачувањето на резултатите во овие области. За повеќе од една деценија,ЕУ инвестираше повеќе од 140 милиони евра во над 220 проекти во областите на демократијата, доброто владеење и владеењето на правото. Тие вклучуваат справување со прашања како што се економски криминал, перење пари и финансирање тероризам, промовирање на транспарентност и отчетност во јавната администрација, поддршка на Државната комисија за спречување на корупцијата.
ММ: Различните интерпретации на извештаите на Европската комисија за Македонија се поприлично чести, редовно меѓу себе се караат власта и опозицијата. Кога е последниот во прашање, ќе ни го протолкувате со неколку зборови - накратко, за да нема недоразбирање? Моментално одиме нагоре или надолу?
-Извештајот за земјата е всушност јасен документ, кој го опишува нивото на подготвеност на земјата за пристапување во ЕУ врз основа на спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ. Целокупната порака од извештајот од минатиот октомври е дека со исклучок на некои важни области, како што е усогласувањето со санкциите на ЕУ кон Русија, напредокот во реформите во многу области е ограничен. Повторно има потреба од нов поттик. Позитивните случувања што денес ги гледаме во процесот на скрининг - првата фаза по отворањето на преговорите - треба да се усогласат со реални, практични реформи на терен.
ММ: Дали сте загрижени дека резултатот, ефектот на долгото чекање за интеграција на земјата во ЕУ може да биде спротивен, па наместо да се подобриме да станеме уште полоши, земајќи ја предвид и непрофесионалната и себична политика, меѓу останатото? Наведената 2030-та не буди многу надежи.
-Сега кога пристапните преговори се отворени, напредокот на патот на Северна Македонија кон членство во ЕУ во голема мера зависи од самата земја. Ова пред сè е одговорност на владата. Но и другите имаат важна улога. Всушност, она што е потребно е сите чинители на државата да се здружат - владата, собранието, бизнис заедницата, граѓанското општество и партиите од целиот политички спектар и да го третираат пристапувањето во ЕУ како национален проект. Тоа треба да биде процес кој обединува наместо дели.
Јас лично сум оптимист за иднината. Секако, пристапниот процес е предизвик, но други успеаја во минатото. Ова не е голема земја. Иако некои проблеми можат да изгледаат непремостливи, искуството покажува дека тие можат да се решат ефикасно. Земете ги Словенија, Хрватска или балтичките земји како позитивни примери за тоа што може да се постигне. Северна Македонија е разумно добро напредната во реформите, па дури во некои области е пред другите земји кандидатки. И земјата може да се потпре на поддршката на ЕУ и многу земји истомисленички, додека ги спроведува реформите, на секој чекор од патот.
ММ: Повеќе од 2 години ја вршите должноста на шеф на Делегацијата на ЕУ овде, но како се одвиваше, т.е. развиваше Вашата кариера пред да дојдете ваму, во Македонија?
-Имав среќа. Има многу малку работни места во кои не сум уживал. Започнав со право, како адвокат во судовите, а потоа преминав во областа на меѓународната заштита на човековите права. Неколку години бев директор на меѓународна организација за човекови права.
Голем дел од 1990-тите поминав работејќи на земјите од поранешниот Советски Сојуз, особено со граѓанското општество. Поминав време во Москва, потоа работев во тогашната Делегација на Европската комисија во Грузија и Ерменија. Подоцна работев во седиштето во Брисел на различни прашања како што се изборите, Украина и земјите од Магреб, последно за време на арапската пролет. Исто така бев и шеф на санкции во ЕЕАС во фасцинантно време и имав привилегија да бидам дел од тимот што го спроведува иранскиот нуклеарен договор.
Поминав четири години во Ерусалим, фокусиран на Западниот Брег и Газа и на блискоисточниот мировен процес. Тоа е неверојатен регион и со многу предизвици. Со доаѓањето во Северна Македонија можев да донесам искуства од многу различни контексти додека уживав во искуството на запознавање со особеностите и историјата на Балканот.
ММ: Каква е Вашата досегашна импресија од престојот во земјава, од неа и македонскиот народ, без оглед на фактот дека во Македонија дојдовте за време на вирусната пандемија, во нејзиниот ек? Што Ви се допаѓа особено? Стекнавте пријатели? Ќе се пожалите на нешто - можеби на загадувањето, нечистотијата...?
-Уште од првиот ден бев целосно восхитен од Северна Македонија, нејзините пејзажи, историја, различни култури, нејзината храна и секако, луѓето што ги запознав.
Тука има голем број извонредни луѓе од кои научив многу. Претпоставувам дека квалитетите што најмногу ги ценам се фактот дека луѓето одвојуваат време за нас и во најголем дел се отворени за дискусија. Секако, имаше неколку тешки моменти. И луѓето секако не се плашат да го кажат своето мислење. Како што секогаш велам, наидувам на млади луѓе кои се особено инспиративни во нивната решеност да донесат позитивни промени.
Работите кои се најфрустрирачки се,да - загадувањето на воздухот, водата и почвата и широко распространетото непочитување на животната средина. Ова може да се поправи. Но, тоа бара сите да се здружат за животот да го направат подобар. Едноставно не е во ред што неколку месеци во годината во Скопје треба да размислувате дали излегувањето надвор може да ви наштети поради лошиот квалитет на воздухот што го дишеме. Истото важи и за другите градови како Битола, Куманово, Кичево итн.
Но, постои и фактот дека многу луѓе не ги гледаат извонредните работи што им се пред очи. Толку многу убави, историски или, на друг начин, исконски парчиња од културното, природното и историското наследство се оставени занемарени, додека многу нови градби честопати се застрашувачки, не одговараат на потребите на луѓето и се лошо изведени.
Во однос на прашањето за изградбата, често има недостаток на имагинација во новите згради. Ова е чудно со оглед на тоа што има толку многу прекрасни примери на инспиративна модерна архитектура низ Европа. А и во Скопје, само помислете на ГТЦ, МКЦ, зградата на МАНУ или НОБ.
Премногу често се градат згради, особено во Скопје, кои изгледаат како да ја игнорираат околината. Тие го заземаат целото земјиште на кое се изградени, не оставајќи зеленило на улицата да дише и се чини дека немаат никаква врска со пошироката заедница. Сметам дека меѓусебната врска меѓу приватниот и јавниот простор е од витално значење за успешен град. Приватното секогаш треба да го почитува јавното, подобрувајќи го, а не намалувајќи го. На крајот на краиштата, тоа е значењето на зборот „град“, кој е извлечен од латинскиот „civitas“, што значи заедница или сите членови на една држава, кои живеат заедно.
ММ: За божиќните, новогодишните празници ќе бидете тука, во Македонија или...? Како ги минувате обично, со кого?Бидејќи потекнувате од Белгија, се придржувате кон белгиските обичаи, традиции врзани со нив - Божиќ и дочекот на Новата година? Што е карактеристично за Белгијците кога се овие празници во прашање?
-Оваа годинадел од празниците ќе ги поминеме во Белгија. Ќе се видиме со семејството и пријателите на начин на кој сите го праваттоа во овој период од годината. Ќе ни се придружи и ќерката на мојот партнер по речиси четири години во Австралија.
Но, јас сум и Британец. Всушност, јас пораснав во Обединетото Кралство, а не во Белгија. Така, на самиот Божиќ, ќе одам да се видам со мајка ми, сестра ми и поширокото семејство во Кентербери, Кент. И како и обично, деновите ќе ги поминеме заедно, да се видиме, да играме игри, да јадеме и пиеме и само да уживаме во друштвото.
Ќе се вратиме за православниот Божиќ и ќе можеме да уживаме во него и тука, во Скопје.
ММ: Со празниците се врзува и сетилното уживање (во убавиот ручек, доброто вино...), т.е. хедонизмот - „слаткиот живот“? Се доживувате ли себеси како хедонист? Во што уживате најмногу?
-Хедонист некако е силен збор. Не верувам дека потрагата по задоволство треба да биде водечки принцип во животот, но верувам дека треба да уживате во добрите работи и да ги цените многуте позитивни работи што ги носи животот. Да, добро шише вино со убав ручек може да биде многу задоволувачко. Но, најдоброто нешто во врска со тоа е да го споделите со другите. Седнувањето да јадете и пиете со луѓето што ги сакате или во чие друштво едноставно уживате, самото поминување на времето заедно може да биде едно од најголемите задоволства во животот.
ММ: Оттука и прашањето - каква е Вашата филозофија до која се држите во животот, Вашето убедување? Што Ви е примарно - материјата како добро или пак идејата (свеста, духот)?
-Исто како и повеќето луѓе, јас немам една кохерентна животна филозофија. Јас сум мешавина од времињата во кои живееме, моето потекло и образование, луѓето со кои сум се сретнал и она што сум го читал и доживеал во текот на речиси 60 години.
Така, накратко, претпоставувам дека мојата филозофија каква што е всушност е прилично едноставна. Обидете се да запомните дека другите луѓе се луѓе исто како што сте и вие. Затоа третирајте ги со почит. Истото важи и за заедниците, запомнете дека ние сме социјални суштества. Истото важи и за природата во сите нејзини аспекти. На лично ниво, обидете се да останете отворени, љубопитни и да продолжите да учите. И не престанувајте да поставувате прашања, вклучително и за едноставната „филозофија“која штотуку ја опишав. А и погрижете се да останете блиску до работите што ви носат позитивна енергија, без разлика дали тоа е музика - малку џез во бар или концерт, пијачка со пријателите, прошетка со кучето, добро пливање или да седнете со одлична книга или филм.
ММ: А, успесите во работата и приватниот живот - ќе ни кажете ли какво е Вашето видување за нив? Тука се поистоветуваат со бројот на возилата, марките, становите... Луксузот е мерило?
-Луксузот е мерило за тоа колку пари имате и колку сте подготвени да потрошите. Ништо повеќе. Тоа не ви кажува многу за личноста. Тоа секако не е мерка за доблест, па дури и за „успешен живот“, што и да значи тоа.
Писателите и филозофите се обидувале да дефинираат добар живот низ вековите без целосно да се согласат за тоа што би можело да биде тоа. Претпоставувам дека мерката на животот за мене, како што реков предмалку, е дали некој е способен максимално да ги искористи талентите што ги има и дали успева да остане љубопитен и да го задржи чувството за хуманост и поврзаност со другите. Но, признавам дека ова е многу нејасно и во многу нееднаков свет во кој живееме, луѓето неизбежно ќе имаат различни капацитети.
ММ: Како ја одржувате рамнотежата меѓу работата и приватниот живот, Ви се нарушила ли некогаш? Сметате дека времето го управувате успешно? Дали понекогаш се чувствувате исцрпен, изморен и како ја обновувате енергијата?
-Сигурно не е лесно да се одржи добра рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот. Работата многу често одзема значителен дел од мојот викенд или вечери. Но, генерално, работите што ги правам во еден ден ми се многу стимулативни. Запознавам некои извонредни луѓе и имам шанса да посетам многу различни делови од земјата. Ова ми дава енергија. Секако, доброто пливање на овдешниот базен („Борис Трајковски“) или убавото пешачење се одличен начин за полнење на батериите. Исто така имам доволно среќа да можам да спијам многу, кога и каде и да ми треба. Тоа е голем благослов.
Но, највредното од сѐ е да имам можност да разговарам со мојот партнер на крајот од секој ден и да кажам што се случило и што чувствувам. Тоа е одличен начин за детоксикација. Како резултат на тоа, успеав да не почувствувам исцрпеност.
ММ: И на самиот крај, што ќе Ви биде приоритет за 2023-та, и Вам и на Делегацијата на ЕУ во РСМ во врска со нејзиното интегрирање. Каква иднина ѝ предвидувате на Македонија?
-Па јас секако ја гледам Северна Македонија како членка на Европската Унија во иднина. Ова има смисла имајќи предвид дека ЕУ нуди најдобра надеж за стабилност, безбедност и просперитет, засновани врз демократски вредности и почитување на основните слободи. Но, тоа е и во интерес на ЕУ од истите причини.
Така, мислам дека приоритет во 2023 година е да се надгради фактот дека пристапните преговори сега се отворени со фокусирање на реформите кои се неопходни за напредок на патот кон ЕУ. Тие започнуваат со вистински напредок во борбата против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото и градење на државна служба заснована на заслуги, која може да управува со оваа огромна транзиција и истовремено да испорачува квалитетни услуги за јавноста.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна и архива на Делегацијата на ЕУ