Ексклузивно - Разговор со најпознатиот оперски пејач од Хрватска, баритонот Роналд Браус: Жал ми е што не го угостив Тоше бидејќи му гостував во Македонија, во неговиот роден град на Илинден

Силината, длабочината на баритонскиот глас, која често била инспирација за пишување композиции од страна на голем број автори, меѓу нив и Моцарт и Верди, кои не ја криеле својата наклонетост кон неа, дури и фасцинираност, е карактеристична и за познатиот оперски пејач од Хрватска, чиј префикс „нај“ е далеку од случаен, би рекле негов заштитен знак - Роналд Браус.

Освен препознатливоста на баритонот, својствени му се и перманентното работење на себе, држењето високо ниво во секој поглед, особено кога е квалитетот во прашање и секако, истовремената ангажираност во повеќе домени, околу манифестацијата „Роналд Браус и гостите“ (од 2000-та), патувачката „Опера б. б.“, прва од ваков тип во овој регион (од 2006-та), фестивалот „Ровињ арт енд мор“ (од 2018-та), дури и во услови на вирусна пандемија. Неретко може да се види и како водител и како учесник во различни популарни шоуа, меѓу кои и „Танц со ѕвездите“, а неговата присутност во медиумите е голема, поради интересот кој го побудува кај публиката, јавноста генерално.

Раководејќи се од неговото пркосење на стандардизацијата, се обидовме и разговорот со него да биде таков - нееднообразен. Монотонијата не му е типична, поради неговата природа и очигледно, нема време за неа - здодевноста. 

ММ: Бидејќи Ве најавив како најпознат, префиксот не е ставен тукутака, можете ли на самиот почеток да ни кажете што е потребно за еден уметник, оперски пејач во овој случај, да ја заслужи таквата придавка, не само граматички? Славата никогаш не е случајна, како и сѐ друго. Секако дека годи, но е резултат на голем труд, напорна работа, неретко и на понекоја жртва...

Р. Б.: Најпрво поздрав до Вас и читателите и Ви благодарам за поканата.Па ете, траам долго, се трудам да опстојам и секогаш да бидам на висината на задачата.Некогаш успева повеќе, некогаш помалку, но настојувам да ги задржам високите критериуми... Многу работам на себе и ретко ѝ се препуштам на случајноста.Го сакам тоа што го работам - всушност, мислам дека во животот ја споив работата со хобито во едно.Имам широк спектар на интереси: работам како пејач, диригент, водител, организатор, уметнички директор... Во суштина, никогаш не ми е здодевно.

ММ: Влијаат ли медиумите на тоа? Колкава е нивната моќ на дејствување кога се работи за нечија популарност, за некој да стане општопознат? Сметате ли дека Ви се наклонети? Често Ве има во нив. Што мислите, кога е доста - каде се границите?  

Р. Б.: Да, мислам дека медиумите се многу важни, често и пресудни бидејќи ако вашата работа не допре до јавноста, тоа е исто како воопшто да не се случила.Искрено, не сум „инцидентен“. Некогаш можеби сум им здодевен - затоа се трудам да им понудам добра приказна.На новинарите секогаш им стојам на располагање, но и на организаторите на настаните каде што се појавувам бидејќи знам дека едното без другото не може да функционира.Немам проблем на медиумите да им го покажам своето живеалиште, да им го раскажам своето патување итн.Но, каде е границата?Кога учествував во некои од попопуларните емисии, некои медиуми претеруваа бидејќи работите ги вадеа од контекст, но и тоа минува.Ете, мислам дека сум им добар партнер на медиумите.

ММ: Како и да било, Вашите успеси во работата не се без причина. Имате доста ангажмани, не само во опери, оперети, па дури и балети, како дел од ансамбли, туку и солистички. Баритонскиот глас Ви е белег. Во овој момент за претставата „Карлота Гризи од Вижинада до вечноста“ се бара и влезница повеќе, и во Хрватска и надвор од неа. Изведбата е поприлично емотивна... Во што е нејзината привлечност?

Р. Б.: Да, гласот ми е заштитен знак. Често ги слушам луѓето на улица, велат обично: „Ве препознав по гласот“. Искрено, тоа ме прави многу среќен. Мило ми е што ме „прати“ добар глас, Ха, ха, ха! Карлота Гризи навистина е посебна изведба која ја воодушевува публиката.Посебна е затоа што ја создадовме ние самите - текстот го напиша Ана Марија Серда, одлична млада актерка која ја игра Карлота, музиката е на Даријан Ивезиќ, во режија на Лилјана Гвозденовиќ.Претставата говори за животот и љубовта на Карлота и Перот. Драго ми е кога луѓето велат, обично по изведбата: „Вечерва ќе ‘прогуглам’ за Карлота, многу ме заинтригира приказната“. Бевме во Белград, Загреб, Заечар, Истра, Лондон..., наскоро во Трст. Патот можеби ќе нѐ одведе и во Скопје, што многу би не израдувало.Прекрасен мал драмски мјузикл кој никого не остава рамнодушен.

ММ: Паралелно имате и други настапи - кои се актуелни? Тежок ли е преминот меѓу нив? Колку време Ви е потребно за да се приспособите на улогата, изведбата која Ви претстои? Се уморува ли грлото?

Р. Б.: Најважно е грлото да биде одморено. Се трудам да се наспијам бидејќи штом ќе излезам во зачадена кафеана, две вечери по ред, како минатиот викенд, неколку дена потоа не сум во форма.Потребни се неколку месеци за да се подготви една претстава, но штом ја научам, таа ми останува долго во сеќавањето.Преминот всушност е забавен бидејќи секогаш сте некој друг и никогаш не ви е здодевно. Настапи имам многу, навистина.Во изминатиот месец имав неколку изведби на Шишмиш, неколку божиќни концерти, голем гала-концерт во театарот во Пула... Се одморив малку и одиме понатаму, во белградскиот Битеф театар и културниот центар Студентски град, потоа, на почетокот на март, следува концерт во Виена, во прекрасната концертна сала на Ратхаус (Градското собрание) со колегите музичари од Хрватска, па започнуваме со подготовките за оперетата Грофица Марица со која ќе се отворат неколку фестивали.Го обновуваме и балетот Ромео и Јулија каде што го играм Капулет и можам да кажам дека добро ми дојде знаењето, искуството од шоуто Танц со ѕвездите. Покрај тоа, со задоволство работам и како водител, за да можам да се одморам малку од пеењето.

ММ: Од Ваша гледна точка, не теоретски, како би го опишале баритонскиот глас? За какви улоги е совршен, идеален би рекол? Чии композиторски имиња обично се врзуваат со нив - улогите, но и баритонот? Претстави? Би направиле отстапка од стандардизацијата, на пример?   

Р. Б.: Баритонската боја на гласот мене лично ми е најтопла, а за нас баритоните е добро што траеме долго. Гласот е идеален за улоги на татковци, негативци, кралеви, но и на љубовници, браќа и сѐ останато. Сите композитори пишувале за баритони, но Моцарт и Верди особено ги сакале. Ах, многу радо отстапувам од стандардизацијата... Едвај чекам нов предизвик. Можеби најхрабар беше излетот во драмата Слугинки на Жан Жене, во која ја играв госпоѓата. Претставата беше во продукција на ИНК во Пула.Изведбата навистина беше извонредна, а и критиките за мене како актер беа фантастични исто така.Следува ли нешто друго? Па се надевам.

ММ: Како основач на фестивалот „Ровињ арт енд мор“, ќе ни кажете ли која е неговата цел? Ако се раководиме од името, разнообразен е. Што сѐ опфаќа? И покрај тоа што е летен, подготовките се веќе почнати. Каква е Вашата уметничка замисла во врска со овогодишниот? Патем, Ровињ е Вашиот роден град.  

Р. Б.: Фестивалот веднаш по Опера б. б. и концертот насловен Роналд Браус и гостите, каде што сум домаќин на моите колеги, ми е трето дете.Конципиран е така што има за цел да ја зголеми културната понуда на градот. Финансиски се одржува преку јавно и приватно партнерство.Програмски, замислен е така што има и оперски и драмски и балетски претстави, како и изложби и концерти и модни ревии и промоции на книги... Публиката навистина е многубројна, верна, а и медиумите нѐ следат убаво.Овогодишната програма ќе биде многу интересна.Впрочем, тоа е 5-то издание.Ќе дадам сѐ од себе да ги надминам претходните. Горд сум што успеавме и во пандемиски услови да одработиме како што треба, со цел да имаме одлични фестивалски години.

ММ: Како што кажавте, Вие сте основач и на првата патувачка опера во Хрватска, која е своевидна атракција. И за манифестацијата „Роналд Браус и гостите“ секогаш се говори во суперлатив, веќе 20 години. Од нив (гостите) ќе издвоите некои имиња, познати и на македонската културна јавност? Кого би поканиле од Македонијa, со задоволство?

Р. Б.: Опера б. б.е прва од ваков тип во овој регион и постои од 2006 година. Вклучени се голем број уметници и навистина уживаме во синергијата на нашата работа. Концертот насловен Роналд Браус и гостите го доживува своето 23-то издание.Се одржува на крајот на август и навистина можам да кажам дека е настан на годината.О, да, досега имаше неколку, кои се или од Македонија или се поврзани со неа - Љупка Димитровска,Маја Оџаклиевска, потоа актерката Костадинка Велковска, кои се легенди во својот занает, па прекрасниот млад пејач Давид Темелков, кој ја воодушеви публиката.Секако, жал ми е што не го угостив Тоше бидејќи му гостував во Македонија, во неговиот роден град на Илинден, но знаеме што се случи, за жал. А што, пак, се однесува до гостите кои би ги поканил, ги има... Можете и да ми дадете некоја препорака.

ММ: Со задоволство. А, планирате да допатувате и тука, во Македонија со патувачката опера? Можеби на „Мајски оперски вечери“, би било интересно. Предизвик Ви се? Едно време чинам дека и се сретнавте со директорот.

Р. Б.: Одамна не сум бил во Македонија, но кога и да одев - беше прекрасно.Луѓето се толку пријатни, гостопримливи.Дури и гостував на цедето на пејачката Ребека со песната Кажи, кажи либе Стано, која оттогаш е дел од мојот репертоар.Инаку, сакам да пеам македонски песни затоа што мислам дека се квалитетни, емотивни, од срце... Со задоволство би настапил на Мајски оперски вечери, Охридско лето. Имаше некои договори.Се надевам на покана...Скопје има голема оперска традиција, благодарение и на големиот диригент Ловрo фон Матачиќ, кој во Македонија помина неколку години и постави високи стандарди, а народот сам по себе е многу талентиран.

ММ: Живеете на релацијата Загреб - Ровињ и обратно. Што би им препорачале на читателите на „Машки магазин“ да посетат во хрватската метропола за време на престојот во неа, кога ќе отпатуваат? Мислам на загрепската шема. Што е во жижата на вниманието? Во овој период од годината и напролет. Цветниот плоштад или...?  

Р. Б.: Загреб е убав средноевропски град кој, за жал, претрпе земјотрес и никако да се оправи од него.За споредба, Скопје беше девастирано по големиот земјотрес и жал ми е што тоа не беше опомена за другите, кога градат - да градат поквалитетно.Но, Загреб е сепак прекрасен и многу го сакам.Омилен ми е и Кавказ (театарска кафеана), навистина ми се допаѓа, и Цветноиот плоштад бидејќи е собиралиште на целиот културен и забавен свет во саботите и навистина сакам да одам таму затоа што можете да се сретнете со секого без да се договорите, и пазарот Долац - срцето на градот, и Илица со дуќаните и рестораните кои нудат одлична храна.Всушност, Загреб е една голема дневна соба.Има сѐ повеќе туристи.Мислам дека треба да дојдат за време на адвентот, кога градот се претвора во една голема сцена со одлична понуда и тогаш живее 24 часа. Но и летните месеци се убави од причина што е топло, сите се во кафулиња (тоа често ги изненадува странците).Неодамна се преселив од Илица во северниот дел на градот со поглед на Сљеме и полека се навикнувам на прекрасната тишина која владее во него.

ММ: А, Ровињ - бидејќи е приморски, каков е животот во градот зиме? На што се сведува? Ме интересира, се раселуваат младите? Во лето е фантастичен, не случајно е омилен и на доста Македонци. Плус е и рибарски. Полн погодок за хедонистите.

Р. Б.: Ровињ сигурно е број 1 на Јадранот.Преубава природа, прекрасен стар град со историја и културни знаменитости, а во Ровињ се и најдобрите хотели и ресторани на Јадранот.Градот во текот на зимата е малку потивок. Сепак, бидејќи имам многу пријатели, никогаш не ми е здодевно.Се собираме и се дружиме кај мене дома, освен на салонските концерти и изложби, бидејќи имам убаво уреден салон со пијано.Младите остануваат затоа што има работа, во мал град е полесно за семејства со мали деца.Секако,  доаѓаат на одмор и Македонци, а многу од нив и работат.Колку што знам, на сите им се допаѓа и често остануваат подолго отколку што планирале.Блиску е Трст, па често одам на кафе и аперол. И да, Ровињ е хедонистички рај.

ММ: Да се вратиме на фестивалските вечери, настапите... Веднаш по нивното завршување се чини дека дружењето со посетителите, пријателите е неизбежно. Уживате во нив? Без оглед на тоа, визави дружбата, познато е дека сакате да готвите за блиските, да ги нагостите. Што најчесто приготвувате за пријателите, за свое и нивно задоволство? Се држите до нешто испробано, некој рецепт или пак знаете и да експериментирате во кујната? Во што сте ненадминлив? Во риба, можеби?

Р. Б.: Да, на луѓето им се допаѓаат такви дружби затоа што подобро се запознаваат, а ги запознаваат и уметниците што ги слушале или пак гледале. Секогаш има промоција на вина, коктели..., тоа ги интригира луѓето дополнително.Што се однесува до мојата кујна, сакам да експериментирам.Се темели на истарската, која е разновидна. Од риба до тартуфи, тестенини..., сакам да пробам сѐ, некогаш не ми оди од прв пат, но не се обесхрабрувам.

ММ: Кога веќе го спомнавме готвењето, што мислите - има шанса со него да се заведе, освои? Мнозина се колнат во тоа, дури и врвните кулинари.  

Р. Б.: Велат дека љубовта минува низ желудикот... Секако дека може да се заведе со кујната, но може да се освои и со посета во некој добар ресторан или пак со некоја шармантна ситница од домашната „работилница“.

ММ: Годинава зимата Ви се погоди за скијање? Сезоната уште не е завршена, но... Кој е Вашиот омилен ски-центар?

Р. Б.: Да, но засега само накратко.По гостувањето во Белград ќе отпатувам за Ортисеј каде што моите пријатели го имаат најубавиот хотел во Вал Гардена - Албион.Ќе уживам во скијањето, природата..., но претходно ќе навратам во Верона, сакам да ја гледам операта Аида, која за прв пат се поставува во затворен театар.

ММ: Февруари е месец на карневали. Познати сеопатискиот, риечкиот, ровињскиот - селанската маскарада. Во што е нејзината посебност? На кого му давате предимство или еве, кој е најатрактивен?

Р. Б.: Искрено, не сум тип што многу сака маскари, веројатно затоа што цел живот сум некој друг на сцената. Венецијанскиот го држи приматот, другите карневали се различни и тематски и концепциски.Риечкиот ми се допаѓа кога е нашиот регион во прашање, а би сакал да го доживеам и оној во Рио де Жанеиро.

ММ: За крај, што е тренд во модата за мажите во Хрватска? „Стиле италијано“ Ви е најблизок. Вие, лично - ги следите модните тенденции или пак ја преферирате класиката? Џорџо Армани вели дека обувките се најважни - основата на гардеробата.

Р. Б.: Модата е важна, но најубава е кога не е наметлива.Велат дека имам стил, иако мислам дека секогаш сум во сигурна зона: црна, плава, кафеава... Ретко ќе ме видите во светли бои.Ја следам италијанската мода, но не сум роб на брендови.Мислам дека всушност деталите се важни за една комбинација, на пример очилата кои често ги менувам, но и ги губам.Чевлите?Да, важни се, а често и пресудни.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Роналд Браус

Галерија: