Ексклузивно - Разговор со пијанистот Симон Трпчески: Политиката е сеприсутна, особено во мали држави како нашата, во секоја пора на општеството што е апсолутна катастрофа
Мајсторските изведби на делата и на класиците и на современиците, и во
престижните сали, како на пример њујоршкиот „Карнеги хол“, лондонскиот „Вигмор
хол“ (каде што дебитираше)..., и на отворено, кои во многу голема мера зависат
од техничките способности, зрелоста и секако - чувствата, емоциите кои се и
своевидна гаранција за суптилноста во смисла на префинетоста, меѓу другото,
кога е пијанистот Симон Трпчески во
прашање, со нив се врзува и прилогот „несомнено“ - нема сомневање. 2022-ра која
изминува бргу дефинитивно му беше наклонета. Бројните награди, признанија се
само уште една потврда за неговите постигнувања, успеси..., покрај слушателите,
публиката што исто така е во огромен број - меѓу нив и речиси десетте илјади
гости на двата концерта во Скопје, каде што конечно го промовираше
„Македонисимо“, дури пет години по неговата прва изведба во германскиот град
Лудвигсбург. Оттаму и нашата желба за овогодишните интервјуа во „Машки магазин“
да ги заокружиме со него.
Всушност, причините да си помуабетиме непосредно се повеќе, исто како и темите - од новогодишните и божиќните празници, нивното славење во кругот на семејството до настапот на ќерката Лара на годинашната јуниорска Евровизија, вклучително и музиката која им се пласира на децата во овој момент - дали е таква каква што навистина и треба да биде. Но сепак говоревме и за други нешта, кои се вообичаени, а може и не, како на пример за возможноста на невозможното, во контекст на „Per aspera ad astra“. Дури и уште повеќе. А и покрај неговата презафатеност, чии интервјуа се букирани и за 2024-та, повеќе од странските магазини, поканата за разговор ја прифати со задоволство, удостојувајќи нѐ и нас и вас - порталните читатели.
ММ: Само уште неколку часа нѐ делат од 2023-та. Ги сумиравте ли впечатоците од 2022 година? Какви се генерално? Што ќе издвоите како најважно, по што ќе ја паметите најмногу?
С. Т.: 2022-ра навистина беше многу убава. Се разбира, од причина што одговорноста за сите концерти да бидат на највисоко ниво е голема, обрнувам доста внимание на нив. Но добро, ете, силен впечаток ми остави фактот дека по ковидот бев првиот меѓународен солист на најетаблираниот оркестар во Австралија и воопшто, на источната хемисфера, со уште два оркестри од австралискиот континент и Јапонија би рекол - „Сиднеј симфони“, Беше убаво да се настапи повторно во Австралија на напорни концерти, во изведба на Концертот бр. 1 на Јоханес Брамс. Од друга страна, она што и несомнено и неспоредливо ќе ми остане во најубаво сеќавање како уметник секако е македонската премиера на проектот „Македонисимо“, која се случи оваа година, конечно - и претпремиерата во август и премиерата во септември, а се надевам и на сите оние кои имаа можност да ја почувствуваат енергијата што ја споделивме сите музичари на сцената. Годинава ја одбележа и претставувањето на мојата ќерка Лара на Македонија на „Детскиот Евросонг“ со една навистина прекрасна енергија што ја оставија и што ја споделија со сите учесници и се разбира, со сите оние кои можеа да го видат настапот. Накрај, еве, како заокружување веројатно е признанието од престижниот британски магазин „Грамофон“ за една од најдобрите изведби на Бетовен на носач на звук за 2022 година, како и за еден од најдобрите албуми, носачи на звук за 2022-ра, а се однесува на дискот наречен „Варијации“ со дела од Моцарт, Бетовен и Брамс, така што мене ми импонира тоа, секако. И драго ми е што така се заокружи оваа, 2022 година.
ММ: Хронолошки, последно е неодамнешното учество на Вашата ќерка во Јереван (Ерменија), на овогодишната јуниорска Евровизија со песна на која стои и Вашиот потпис, коавторски. Ќе ни кажете ли каква е импресијата што ја понесовте со себе, оттаму? И секако, дали музиката која моментално им се пласира на децата е вистинската - ком ил фо, што би рекле Французите (а пропо нивната победа)?
С. Т.: Навистина сум горд и среќен што ќерка ми Лара, заедно со своите другарчиња на сцена, ја претставуваше Македонија и се разбира, националниот сервис - Македонската радио-телевизија на „Детскиот Евросонг“ оваа година во Јереван, Ерменија. Чувствата се многу убави бидејќи е многу важно да имаш чиста, јасна слика во однос на разбирањето на целосната манифестација, пристапот кон подготовката на песната и секако, свеста и сфаќањето на она што значи желба, посветеност и се разбира, одговорност за претставувањето на Македонија и МРТ на еден ваков гламурозен настан како што изгледа на телевизија. Децата го оставија срцето на сцена, мислам дека и енергијата и желбата и релаксираноста со која настапија таму може лесно да се забележи, да се почувствува. Фактот дека нашата песна беше пеена и од страна на разочараните фаворити би рекол е показател за впечатокот што истата го остави, вклучително и односот на Лара како водач на целата група, но и на сите дечиња кои беа таму како Македонци да ја претставуваат својата земја, и тоа на исклучително достоинствено ниво, како што ѝ личи на една ваква манифестација, без оглед на разноразните останати случки што очигледно секоја година изненадуваат многу од националните сервиси кои вложуваат поприлично во неа, мислам на големите европски земји - ја споменавте Франција која победи, на исклучително изненадување на сите.
Во однос на прашањето дали музиката која моментално им се пласира на децата е вистинската, одговорот дефинитивно е не. Затоа, кога човек навистина е свесен и работи по одредени принципи, би рекол и нормалитети во поглед на домашното воспитување, а тоа дефинитивно е присутно во нашето семејство и се пренесува на нашите деца, но и на децата во групата - Јован, Ирина, Мила и Сандра, тие ја сфаќаат големината на целосната идеја на песната со наслов „Животот е пред мене“, по текст на мојот брат Јован Трпчески, аранжман на Дарко Димитров, за која мислам дека е аналогна на оваа возраст бидејќи гледаме дека многу, многу лесно се заборава фактот дека децата сега се деца, дека треба да им се обрне внимание на нештата кои се аналогни на нивната возраст и токму нашата песна беше забележана од оние луѓе што се трудат да навлезат подлабоко во размислувањето. Од една страна ми е жал што само уште 2-3 песни беа на тоа ниво, од аспект на деца, сѐ останато е имитација или желба да се порасне брзо. Оттаму и мислам дека на децата им се скратува детството на суров начин, но за среќа, сѐ уште има такви кои шират позитивна, човечка, искрена енергија и порака. Повторне ќе кажам дека сум среќен што како коавтор сум еден од нив и кога ќе ја видите прекрасната енергија, сјајот во очите и потпевнувањето на учесниците, многу од домаќините оти Ерменија и како култура и како менталитет е блиска до нас. Тоа всушност е најголемата награда бидејќи сите ние што учествуваме во подготвувањето на песната и претставувањето на Македонија на „Детскиот Евросонг“ бевме со јасна претстава, визија за тоа што треба да се претстави како порака од страна на 12, 13 или 14-годишни деца, а не на 25 или 30-годишни, така што сите се вративме многу исполнети оттаму и секако, горди на тоа што достојно ја претставивме Македонија.
ММ: Нема сомневање дека и премиерата на „Македонисимо“ тука, во државава, ја одбележа 2022-ра, дури по 5 години од неговата прва изведба во Германија, на Лудвигсбуршкиот фестивал. Зошто се чекаше толку долго за Македонците да го чујат во живо? Патем ме интересира што мислите за негова оркестрација, можеме ли да очекуваме негово продолжение или пак во план е нешто друго - македонско исто така?
С. Т.: Точно така, како што напоменав и претходно, многу сум горд и среќен што „Македонисимо“ конечно ја виде белината на денот во земјата од каде што потекнува, од каде што е целиот овој материјал, изнедрен пред народот на кој му е посветен. Исклучителна љубов и енергија и време беше вклучено во подготовките на овие четири концерти кои ни се случија, почнувајќи од претпремиерата во селото на мојот татко - Збажди на планината Караорман, што беше своевиден подвиг. Неверојатна енергија и магија се случи таму на 1.000 метри надморска височина, во тешко достапен предел, пред околу 3.000 Македонци кои нѐ почестија со својата љубов, искра од цела Македонија. Се разбира, и на концертите во Скопје, пред речиси 10.000 гледачи, и во Штип и во Битола, толку љубов, толку искрена емоција од страна на публиката навистина е нешто што не може да се опише со зборови. Целата екипа, и на „Македонисимо“, со моите колеги, вклучително и композиторот Панде Шахов, и на „КултурОп“ како организатор и на сите помагатели кои се бројат на прсти, вложи многу љубов. Сите се покажаа како луѓе кои веруваат во својот код, во својата историја и во своите корени. Токму заради тоа, сѐ беше чисто. Концертите беа бесплатни, на отворено, за народот, без никакви други непотребни примеси и мислам дека сите оние луѓе што се чувствуваат како Македонци и знаат од каде потекнуваат, знаат кои се, што се, зошто се..., дојдоа и го почувствуваа тоа, за кое можам да кажам дека е најголемата награда за нас. Се чекаше толку време поради тоа што веројатно за одредени нешта има причина зошто се чека, работите едноставно треба да се вклопат во сложувалката за да се доведе до одредено ниво на реализација. Свој удел имаше и двегодишниот коронавирус кој го застана животот во целиот свет, па дури и не сметајќи го него..., слободно ќе кажам дека ниедна културна институција од Македонија не се заинтересира да го презентира. Од друга страна, колку и да ми е криво што поминаа 5 години од светската премиера, во исто време ми е и мило поради тоа што се случи сега, со еден чист ентузијазам на луѓе кои, како што кажав, веруваат во себе, во своите корени, во својот идентитет и се случи на овој прексрасен, спонтан начин во еден тежок период за нас, но човекот е човек кога има право да си го каже она што си го мисли и мислам дека тука навистина блескаше македонството и она што нас нѐ опишува како код, како народ и во тоа нема ништо страшно, ништо срамно, напротив - тоа е една неопислива гордост и затоа сум им благодарен на сите што помогнаа и на оние што не одмогнаа, но пред сѐ на публиката која навистина ни подари љубов.
„Македонисимо“ има и оркестарска верзија, за квинтет со оркестар што уште повеќе ќе ја дооплемени нашата народна музика и ќе го допокаже потенцијалот кој го има. Сето тоа е направено од страна на композиторот Панде Шахов, а светската публика ќе има можност да ја чуе ни помалку ни повеќе на 2 март во престижната сала „Музикферајн“ во Виена, заедно со Тонкинстлер оркестарот и нивниот шеф-диригент, познатиот Јапонец Јутака Садо.
ММ: Класичната музика е сепак Ваша специјалност, би рекол. Ќе ѝ останете доследни? Кога се Вашите настапи во прашање, изведби - како ги конципирате репертоарите, врз основа на што? Постојат ли композитори, автори чии дела никогаш не ги симнувате од нив? Можеби руските (визави „Приказни од Русија“)?
С. Т.: Секако, класичната музика ми е приоритет, главна насока. Апсолутно дека ќе ѝ останам доследен, нема причина зошто не би, но секогаш сум отворен за најразлични стилови, не само во класичната туку и во некласичната музика, како што можете да забележите. Јас сум пораснат со народната музика, со хармониката како моја прва љубов, а пораснав и со други стилови кои се дел од забавната музика, но во секој случај - приоритет ми е класичната. Репертоарот секогаш го конципирам во договор со желбите и плановите на промоторите, во корелација и дослух со менаџментот, кога ги правиме плановите. Се трудам да биде разновиден, но сепак да го вклучува и тоа што мене ме исполнува. Ги споменувате руските автори - не можам да ги одвојам посебно, нив и ги сакам и ги изведувам, но во зависност од периодот на концертирањето и конципирањето на репертоарот, вклучувам разновидни композитори, без разлика на националноста, така што не се водам од тоа, мене животот ми е интересен токму поради разновидноста на репертоарот, инаку навистина би ми било досадно.
ММ: А има ли современи композитори, автори чии дела можат да се носат со безвременоста на музиката на Прокофјев, Мусоргски, Римски-Корсаков..., на пример? Ќе издвоите некој, еден-двајца?
С. Т.: Секако дека голем предизвик во денешно време е современите композитори да се претстават со нешто што ќе биде пооригинално, нешто свое и од тој аспект, како што е ред - си помагаат едни со други, со изведувачите - всушност, едни без други не можат да постојат. Ќе ги одвојам Панде Шахов од Македонија, Јерг Видман, Ана Клајн... Има доста кои се интересни, од разни земји, а и секогаш е убаво да се види различен пристап во едно време кога се кажани многу работи, но секој се труди да си го искаже своето јас и секако, да најде посебен начин на изразување, на експресија. Во тоа всушност е и богатството, правејќи го животот поинтересен и на самите автори и на самите изведувачи, па и концертниот живот, сѐ што ѝ се пружа на публиката како нешто поинакво.
ММ: Концертирате во престижни сали во сите делови на светот. Ме интересира, што ги прави толку посебни, угледни - извонредната акустика, настапите на популарните музичари...? Во што е убавината на изведбата во њујоршкиот „Карнеги хол“, на пример? Или пак во лондонскиот „Вигмор хол“, ми се чини дека таму дебитиравте. Истото важи и за филхармониите (големите симфониски оркестри). Какво е чувството?
С. Т.: Прекрасно е чусвството кога свирите во концерната сала, па дури и на отворено, каде што условите се толку добри што се осеќате како дома, кога седите со чаша добра ракија или со добро јадење во кое уживате или гледате добар филм, фудбалски натпревар или пак душата си ја насладувате со поглед во некое прекрасно уметничко дело, така што салите што ги споменавте, како „Карнеги хол“, „Вигмор хол“, без разлика на тоа што се различни по димензии, меѓу другото, придонесуваат за чувството да биде многу комотно, човек едноставно не се бори со изразување на звукот, со претпоставка да има прекрасен инструмент за изразување на своите чувства и на својата визија за уметноста која ја има за одредени дела што ги исполнува во тој момент. Тука најважната работа си ја завршуваат експертите за тоа - архитектите и акустичарите. Тоа покажува дека нема никакви усилени нешта кои самиот уметник треба да ги прави во поглед на звукот, т.е. волуменот на звукот што треба да го даде или некоја голема суптилност која треба да ја изведе во некој тивок момент или пак каква било сувост што може да ја почувствува доколку салата не е добра. Од тие причини, луѓето учат и архитектура и акустика, што е голема уметност, а салата ти овозможува буквално да пееш на својот иструмент и да се чувствуваш максимално слободен да направиш што и да посакаш на него и на тој начин да се изразиш најдобро што можеш. Се разбира, тоа има исклучителна важност, улога во успехот на самиот концерт.
ММ: Некако само по себе се наметнува и прашањето што е тоа што еден пијанист го прави најдобар, врвен? Техниката на свирењето? Бетовеновата интерпретација на пример била револуционерна во неговото, т.е. времето во кое живеел, творел - ја споредувале со стрелањето со лак. Емоциите, чувствата? Во што е мајсторството?
С. Т.: Кога станува збор за добрата интерпретација, изведба на едно дело, самата терминологија техника или мајсторството кое го споменувате, несомнено е во безусловната поврзаност на самите технички способости на уметникот со неговата зрелост и визија во интерпретацијата бидејќи техничката способност е средство со кое се изразува таа интерпретација, што значи дека доколку уметникот и двете нешта не ги поседува на највисоко ниво, тогаш претпоставката е дека нешто ќе недостасува за целосен впечаток. Се разбира дека самата музика се развивала во текот на вековите, изразот на самите уметници, пред сѐ композитори се менувал, живееле во разни времиња, разни опкружувања, уметноста се развивала во сите правци, оттука и архитектурата се менувала, технологијата одела напред, а напредувала и самата техника, почнувајќи од Бах па натаму, па Моцарт, Хајдн, Бетовен, во романтичарите, па Брамс, па Чајковски, во доцниот романтизам чиј претставник е Рахмањинов, кој направил врвни нешта во чекорот напред за пијанизмот, како и Прокофјев се разбира и секако, виртуозите Франц Лист, Шопен... Од друга страна и Равел и Дебиси - секој со својот израз, нивниот чекор напред во техниката во свирењето на пијано. Самата техника произлегува од нивната водечка мисла, тоа е самата музика и секако, идејата за делото кое го прават, дали тоа е дескриптивна или апсолутна, не е важно. Затоа реков дека самата техничка способност е во неразделна врска со интерпретацијата на делото. Всушност, музиката која нѐ допира како чувство е резултат на тие две нешта.
ММ: Неоспорен е фактот дека звуците на пијаната се менувале низ историјата, толку што денес тоновите кои некогаш ги произведувале не можат ни да се замислат, а камоли да се чујат. Според Вас, подобри се пијаната од минатите времиња или сегашните? Притоа се зборува дека и јапонските и кинеските се доста квалитетни. Сте свиреле на стар раритет?
С. Т.: Да, се менувале и самите инструменти, се развивале истите, меѓу нив и пијаната, вклучително и технологиите. Луѓето се труделе да ги подобруваат и своите вештини, аналогно на тоа и самите инструменти. Мислам дека неколку брендови, како што се од постарите: Bechstein, па Steinway, потоа Petrof од Чешка, кој беше еден од најприсутните тука во Македонија, барем додека јас учев, се труделе да направат висок квалитет, а денес најистурениот да кажам е Steinway, со право. Апсолутно е прекрасен, кој се надградува постојано, меѓутоа во исто време мојот последен албум „Варијации“ што ги доби овие признанија на крајот на годината се направени на пијаното Bechstein, кој во последните години има направено голем напредок и верувам дека ќе оди и понатаму во поглед на софистицираноста на звукот, механиката со цел да има помеко целосно функционирање во тој синџир на многу нешта кои функционираат заеднички. Денес пијанистите имаат многу убав избор на инструменти за достојно претставување на својата програма, се разбира во оние простори, сали, организации кои можат да го дадат тоа како услов. Да не ги заборавиме и другите, еве ги споменувате јапонските, кинеските..., Yamaha оди напред, со Kawai немам некое посебно искуство, брендот Fazioli напредува исто така, имаме голем избор. Претпставувам дека заради подобрувањето и развојот на технологијата, вештините, осознавањето, па и визијата на крајот, денешните пијана даваат многу поголем дијапазон на суптилност отколку оние претходо. Јас имав можност да пробам неколку постари. Факт е дека имаат свој шарм, но ова денес што ни е достапно - навистина ни овозможува многу, многу прексрасни нешта.
ММ: Лара свири на виолина, не му е наклонета на пијаното? А, близнаците? Во кој правец се движите кога се работи за нивното воспитување, но и образование - музичко? Им укажувате на моќта на музиката, нејзините придобивки?
С. Т.: Да, Лара доби одлична поставка, основа за свирење на виолина, би рекол и повеќе од тоа во музичкото училиште „Пијанофорте“, водејќи ја ретко прекрасниот педагог Марина Чадо, со помош и на Дијана Мирчевска. Тоа е едно богатство кое засекогаш ќе ѝ остане во животот како прекрасно искуство, како почитувач на музиката. На пијаното не му е нешто посебно наклонета, но е дете, како и другите две, кое живее во уметничка куќа, така да кажам, во куќа каде што уметноста се дише би рекол. Да, помалиот син Андреј сака да си седне на клавирот и да си отсвири нешто сам, па ќе видиме во кој правец ќе се одвива понатаму. Но, она што е најважно е дека ние ги учиме да ја сакаат, да ја почитуваат, да живеат со уметноста, со кој било тип на уметност. Книгите се присутни, на сите страни се, во сите агли на собите се расфрлени. Можеби звучи глупаво, но така се оставени, што значи дека се чита доста. Како што ние ѝ обрнувавме внимание на Лара кога расташе во поглед на книгите, така сега и таа им го пренесува тоа на своите браќа, заедно со нас, родителите. Си правиме и театар дома... Придобивките од сите уметности се непроценливи, тоа го храни човекот и го прави многу, многу побогат за разлика од оние што не ги привлекува одреден вид на уметност, на пример. Од тој аспект сме многу среќни.
ММ: Какви се Вашите планови за 2023 година? И очекувања, се разбира. Букирана Ви е? Што Ви претстои - на кој настап особено се радувате, го очекувате со нетрпение, каде?
С. Т.: 2023-та за мене ќе почне прилично бомбастично. По еден празен простор кој беше резултат на одредени дупки од откажани настапи за време на ковидот, период што практично беше и добредојден за мене од причина што имав исклучително напорен период уште од крајот на зимата, преку пролетта, летото беше прилично полно, а пак од крајот на август до средината, крајот на ноември би рекол и навистина наситен, што како музичар сум благодарен за шансите воопшто да го споделам тоа што го работам со толку публика насекаде, низ целиот свет, но ова беше добредојдено бидејќи ми следи еден огромен проект на почетокот на следната година, што значи изведба и снимање на концертите на Јоханес Брамс, но годината ќе ја почнам со Концертот бр. 3 на Сергеј Рахмањинов, едно од најтешките дела за пијано воопшто, во Хановер, потоа и во Ница. Следува и големата премиера на оркестарската верзија на „Македонисимо“ во Виена, турнејата со Прашката филхармонија, почнувајќи од Прага, па потоа во Германија, вторите настапи во САД, за првпат ќе настапам во Сараево како пијанист, на што се радувам искрено. Претстојат убави нешта, интензивно се подготвувам бидејќи се работи за огромен репертоар.
Блиц прашања
ММ: Дека политиката е сеприсутна - тоа е факт. Во колкава мера ја има во музичката уметност, Ви пречи ли тоа? Ја чувствувате? Како им се противставувате на нејзините влијанија?
С. Т.: Да, политиката е сеприсутна, особено во мали држави како нашата, во секоја пора на општеството што е апсолутна катастрофа. Иако сѐ уште постои, јадрото на луѓето кои вистински се образовани, коишто имаат свое јас, кои се интелектуалци, апсолутно разбираат дека политиката само ѝ штети на уметноста, мислам на лошо водената, и воопшто и на општеството и на опстојувањето на државата, сепак е многу мало. За жал, сето тоа покажува дека во Македонија навистина има голем број на луѓе коишто очигледно немаат цврст карактер, а својата личност ја изградиле лесно да потпаѓаат под влијанија на другите, што мене лично ми пречи, а верувам дека и на секој нормален човек му пречи. Без разлика на мојата разочараност, не ѝ дозволувам на истата да влијае на тоа во што верувам и го правам како уметник и како човек или кој било професиоалец што е успешен во својата професија. Иако е мала, Македонија поседува голем број на таленти во најразлични области, луѓе од кои можеме само да се воодушевуваме, со кои треба да се гордееме. Ако некој успее да промени нешто, мислам дека тоа се тие, но само доколку се здружени и успеат да го пребродат периодот во кој владее струја што многу лошо влијае на целото општество би рекол и на нешто што треба да биде столб на едно суштествување во која било држава, така што сметам дека доколку секој си ја врши работата на најдобар можен начин, тоа е единствениот пат за прогрес.
ММ: Од оваа дистанца, мислите дека ништо не е невозможно, дека сѐ е остварливо? Или...?
С. Т.: Секако, тоа емоето мото во животот. Впрочем, јас верувам во максимата која ја научив од татко ми:„Per aspera ad astra“ (Низ трње до ѕвездите), така што доколку човек навистина верува во себе, има бесконечна енергија и порив од најнормалните нешта во животот, кај мене тоа е музиката, уметноста, човештината, природната димензија..., секој што ме познава добро знае дека сум таков човек, дека стојам цврсто на земја, не летам в облаци, така што доколку има некоја апсолутна димензија, тогаш сѐ би било остварливо, кога човек има верба, надеж и љубов во она во кое е внесен.
ММ: Од кого учевте за класичната музика? Чие влијание го чувствувате и денес, најмногу?
С. Т.: Секако дека тука има една поширока димензија. Горд сум што моето образование го завршив во Македонија, во едно турбулентно време, време на транзиција. Професорите Романови апсолутно се заслужни за многу работи кога е пијаното во прашање. Тука е и целосното образование кое го добив од многуте професори и во нижото и во средното музичко училиште и на Факултетот за музичка уметност и секако, онаа школа која ја добив од слушањето на различни изведби, учењето на композициите, нивното свирење, запознавањето на многу луѓе низ светот, кои ја збогатуваат целосната музичка личност и несомнено - образованието, така што се чувствувам среќен и привилегиран што имав можност да учам од квалитетни луѓе и сѐ уште го правам тоа бидејќи тоа е процес кој никогаш не завршува. На тој начин се чувствувам и посреќен и побогат.
ММ: На крајот на ноември ја добивте и наградата „Маж на годината“. Според Вас, што еден човек го прави џентлмен? Кои се всушност неговите квалитети, особини, својства?
С. Т.: Секако дека сум благодарен за наградата „Маж на годината“, искрено не ја очекував. Иако едвај стасав на церемонијата, многу ми е мило и се разбира, им се заблагодарувам на организаторите. Џентлмен? Мислам дека тоа е манир на однесување, кој доаѓа и од домашното воспитување и од образованието, би рекол севкупна дефиниција на еден човек, изразувајќи ги своите крактеристики (суштествени својства), и како потенцијал и како талент, на најдобар можен начин, во смисла и на облекување и на однесување, не само за време на неговиот јавен настап туку и приватно, кога е вистинскиот. Таквите начела на однесување, кои ја обојуваат човековата личност, особено кога ги знае своите вредности и ги изразува на природен начин, знае да ги сподели, а притоа не живее во лажни филмови, мислам дека тоа е добро објаснување на прашањето што значи џентлмен.
ММ: Новогодишните и божиќните празници, како ги поминувате вообичаено? Се држите за обичаите, традициите? Во што уживате најповеќе?
С. Т.: Па, секако дека ми се мили, и обичаиите и традициите. Тоа го правам во рамките на некоја нормала. Пораснав во традиционално семејство, кај нас за Божиќ и за Свети Јован како празници, како имендени на брат ми и сестра ми, седенките за време на нивните прослави ни ја хранеа душата и сѐ уште нѐ држат, го изградија нашиот дух и останаа такви. Толку беа силни, интензивни што не можат да се избришат и да сакаме, а не сакаме. Кај нас домот беше полн со многу народ. Самите знаеме дека животот денес е многу променет за разлика од тие времиња, но сепак тоа живее во нас. Секако дека сакам да бидам со семејството, најблиските..., секогаш сум со нив, без разлика дали тоа е во Македонија или надвор од неа. Ние уживаме во многу едноставни нешта и да наздравиме со една чаша сокче или вода, не мора со греано вино или ракија или да си излупиме една мандаринка или да си каснеме лепче со ајвар и сирење, но паричката секогаш е присутна и на Бадник и на Василица. Кај нас се слави и едното и другото. Едноставно сме среќни. Како што кажал и народот во прекрасната песна: „Среќата со пари не се купува, љубовта без мерак век не векува“, толку убаво кажано да не му се верува на човек, така што љубовта кон своите, кон пријателите, кон животот..., тоа е среќата на еден човек. Бидејќи доаѓам од такво семејство, нашиот круг на луѓе со кои комуницираме навистина е голем, тоа нѐ исполнува. Човекот е роден за да живее и да споделува со луѓето, а не сам. Ние живееме на тој начин и уживаме во тоа.
На читателите им посакувам среќни празници, да имаат пред сѐ здравје, да го сакаат она што го работат, да не потпаѓаат под разни евтини влијанија и на тој начин да бидат верни на себе. Така ќе бидат многу посреќни.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Симон Трпчески