Ексклузивно- Разговор со Игуменот на Бигорскиот манастир, Епископ г. Партениј: Скромниот и благодарен човек носи благослов и за својата душа и за луѓето околу себе
Ексклузивноста на разговорот со Игуменот на Бигорскиот манастир, Епископ г.
Партениј, е врзана за неговата ексцепционалност (извонредност, исклучителност),
во секој поглед. Оттаму и желбата да го интервјуираме, не само за читателите на
нашиот портал - Машки магазин, туку и за останатите, на другите.
Манастирот во кој централното место го зазема црквата посветена на Свети Јован, чија икона, моштите се чудотворни, заедно со придружните објекти, вклучително и триесетмината членови на братството, во присуство на голем број верници, во 2020-та ја прослави илјадитата годишнина од неговото постоење, како дел од македонската културна баштина. Со него, веќе дваесет и пет години, а може и повеќе, игуменува Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, кој во рамките на неодамнешната посета на Ерусалим, за време на празнувањето на Крстовден, ја имаше честа да го носи Чесниот Крст на својата глава, што за првпат ќе се запише во аналите на МПЦ-ОА. Претходно сослужуваше на Голгота со свештенослужители оттаму, од Грција и од Романија. Се разбира, неизоставни се и секојдевните обврски во Бигорски во чиј метох спаѓа и женскиот манастир во Рајчица, меѓу останатите. А, богослуженијата (службите во чест на Бога) се духовно поврзување со него, вистински.
Муабетот е сеопфатен. Хронолошки. Разговаравме и за детството, и за престојот на Света Гора, и за обновата на Бигорскиот манастир по неговото враќање од Атос, и за монашкиот живот, и за особеностите на мажите христијани, кои се идентификуваат со православието, и за смртта - најголемата мистерија на животот (Херби Бренан).., во целост. А, не ги заобиколивме ни средствата за масовна комуникација, особено социјалните мрежи, т.е. нивната (зло)употреба на верата и на побожноста за поголема читаност, повеќе лајкови.
ММ: Христос е централната фигура во христијанската религија. Кога се пројави Вашата љубов кон него, уште во раното детство или..? Можете да се присетите на времето кога се одлучивте за целосно да му се посветите на Бога, подоцна и да заминете на Света Гора? Родителите, како ја примија Вашата одлука?
Епископ г. Партениј: Богочовекот Христос е краеаголниот Камен, темелот на нашата вера и на нашиот живот, кој секогаш треба да биде христоцентричен. Убавината и таинственоста Христова, Неговата едноставност и возвишеност го привлекувала или поскоро била копнеж на моето срце уште од најмладите мои години, од времето кога најрано можам да ги лоцирам своите сеќавања. Помнам, на пример, кога ќе си игравме со другарите од маалото, јас секогаш бев свештеник; ќе земев еден плетен џемпер од баба ми, ќе го свиткав некако надве и така тој ми служеше како епитрахил. Впрочем, мојата покојна баба Менка Фидановска, длабоко побожна и смерна жена, беше, несомнено, човекот кој најсилно ми ја всади во душата љубовта кон Господ Исус Христос. Таа имаше пријатели од соседството, благородни битолчани, со кои често се собираше на дружба и заедно говореа за Евангелието, за христијанските празници, за житијата на Светиите. Доста од тие разговори ми останаа засекогаш врежани во меморијата. А, имајте на ум дека во тоа време во општеството владееше атеистичката теорија на историскиот материјализам, односно безбожниот социјализам, во кој верата и Црквата беа крајно маргинализирани, па дури до извесен степен и забранувани, а да се говори за Бога се сметаше за нешто назадно, нездраво, дисидентско. Така, со тој дуализам меѓу духовното и материјалното, меѓу верата и неверието, се соочив уште како мало дете. Се сеќавам, бев уште во забавиште кога за прв пат ја чув фразата: „Бог не постои“. Се вратив дома со плачење и веднаш ѝ се пожалив на баба ми. Таа ме утеши со зборовите: „Не грижи се, дете мое, тоа не е вистина. Ти знај секогаш дека има еден Бог на небото, Кој е наш Татко и многу нè сака“. Оттогаш мојата вера во Бога никогаш повеќе не беше разнишана. Баба ми и подоцна, кога ќе зборуваа возрасните за комунистичкото општество, велеше: „Земјата наша сега се наоѓа во мрак, во лага и меѓу народот владее големо незнаење, но ќе дојде време кога сето тоа во прав ќе се распадне. Општество без Бога не може да опстане, нема благослов“. Колку што паметам, јас бев единствениот во друштвото кој живеев воцрковено, па поради тоа често наидував на прекори од постарите и на подбивања од помладите. Еднаш, на пример, додека бев на училиште, го носев својот вратен крст над блузата, па кога наставникот по физика го виде, ми се приближи, го откина насила од мене, зеде да ме тегне за косата и започна да ми вика дека било срамота да се носи крст, дека Бог не постои, дека вербата во Него е нешто нездраво за иднината на комунистичката младина и слични такви флоскули, типични за тоа време. Меѓутоа, мојата вера во Бога не можеше ништо да ја расколеба. Уште оттогаш во мене се појави решителноста дека кога ќе дојде времето, ќе се запишам да учам за свештеник. Слава Му на Бога, така и би. Се запишав во Богословското училиште, со помош на мојот исклучително побожен чичко, д-р Душан Христов Константинов, угледен граѓанин и мошне сериозен и познат научник, кој влијаеше позитивно кај моите родители, та да ме пуштат да учам за свештеник. Додека учев во Богословијата, во мене се роди голем интерес за православното монаштво; читавме за него во книгите, се восхитувавме и си замислувавме со некои соученици како еден ден и ние ќе бидеме монаси. Го имавме и тој благослов, наш воспитувач да биде отец Нектариј, сегашниот Игумен на Манастирот „Свети Наум Охридски“, а во тоа време, си чинам, единствениот монах во државата. Сепак, за суштината на општежителното монаштво не знаевме речиси ништо. Со овој ангелоподобен подвиг вистински се запознав кога за првпат отидов на Света Гора, некаде во средината на осумдесеттите години од минатиот век. Кога го видов тоа непроценливо духовно богатство, таа света красота и возвишеност, веднаш со срцето се прилепив за таа чудесна Градина на Пресвета Богородица, како што се нарекува Света Гора, натопена со монашки труд и со светост. Кога на моите родители Борис и Живка им соопштив дека сакам да заминам на Атос за монах, се разбира, наидов на отпор и неразбирање. Иако тие беа побожни луѓе за тоа време, сепак, тогаш за монаштвото кај нас не се знаеше ништо, па дури се сметаше и за нешто лошо. За да ги успокојам пред заминувањето, им се заколнав пред икона на Пресвета Богородица дека ќе се вратам за една година и дека сега одам за да научам грчки јазик и византиско пеење. Така и ме пуштија со благослов.
ММ: Кога е Атос во прашање, каде престојувавте - во кој манастир? На Хиландар или пак во друг? Ќе ни го претставите животот во него, накратко? Аскетски е, нели!? Под чии закрила бевте? Искушенијата, какви беа? Вештината на изработка на митри ја совладавте таму?
Епископ г. Партениј: На Света Гора престојував во манастирот на Свети Николај, наречен Григоријат, под духовното раководство на сега веќе блаженоупокоениот Старец Архимандрит Георгиј Капсанис, кој воедно беше и Игумен на манастирот. Старецот Георгиј беше исклучително силна духовна личност, маркантна фигура за целото Православие во 20 век. Широкосрден, вистинољубив и посветен Христов ученик и проповедник, и со зборови и со дела, тој ги отвори портите на својот манастир за вљубеници во монашкиот живот откај нас - што во тоа време, имајќи ги предвид особено тешките и заплеткани политички и меѓудржавни односи, беше речиси невозможно. Но, на дедо Георгиј, очигледно, Христос му беше над сè од овој свет, па така тој во својот манастир безусловно прими за монаси неколку млади луѓе од тогашна социјалистичка Македонија. Затоа него го чувам во своето срце како една света икона и ќе му бидам вечно благодарен. Меѓу првите кои заминавме на Света Гора беа и сегашните наши владици и мои особено драги собраќа, Митрополитот г. Наум Струмички и Епископот г. Климент Хераклејски. Впрочем, дедо Наум беше првиот кој појде во Григоријат и со своето повеќегодишно беспрекорно монашко поведение го отвори патот и за другите и ни беше пример на сите.
Се разбира, животот во Манастирот беше строго аскетски, со долги богослужби, бројни послушанија и молитвословија. Се стануваше рано во ноќта, длабоко пред да зазорат мугрите и започнуваше долгото повеќечасовно богослужение. Денот беше исполнет со послушанија, односно работни активности низ Манастирот, а кон приквечерината повторно богослужение. През ноќите - непрестајна Исусова молитва во скромната монашка ќелија. Интересно е да напоменам дека во тоа време сè уште не беше извршена целосна електрификација на повеќето светогорски манастири, па така во ќелиите немавме струја. Читавме на светлина од газиени ламби, но и тоа не можеше да трае долго, затоа што чадот од газијата беше особено задушлив и доколку бевме изложени на него подолго време, неизбежно нè обземаше страшно главоболие. Следствено, ноќе не можевме да правиме ништо друго, освен да се молиме. Спиењето беше сведено на минимум, колку да се обноват, малку од малку, телесните сили. Му благодарам на Бога што го фатив тоа време бидејќи навиката за молитва и духовното богатство што го насобрав на Света Гора многу ми помогнаа понатаму во мојот личен духовен живот и, секако, за обновата и за духовното раководство на Бигорски. Што се однесува до искушенијата, тие беа исти како и кај секој монах: борбата со стариот гревовен човек во себеси, кој се распаѓа во лажните похоти од овој свет, подвизите за да се совладаат страстите и егото, односно аскезата да се стекне блаженото смирение.
Умешноста за изработка на митри не ја научив на Света Гора, ами неа великодушно ми ја пренесе блаженоупокоениот Митрополит Геласиј од православната Црква на Бугарија, а по потекло од Ресен. Со него имавме добри пријателски односи и тој, познавајќи ја мојата желба да основам женски манастир, ме научи на вештината за изработка на митри, што подоцна, кога беше основано сестринството на Манастирот Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, им ја предадов на сестрите, за тие, со текот на време, да ја усовршат и да го постигнат тоа што го имаме денес.
ММ: По враќањето од Света Гора, како изгледаше Бигорскиот манастир? Кога се замонашивте? Може да ни кажете всушност како се одвиваа настаните до 2009-та, кога се опожари дел од комплексот?
Епископ г. Партениј: Со мојот прв собрат, сегашниот Митрополит г. Иларион Брегалнички, Бигорскиот Манастир го затекнавме во лоша состојба. Оставен на немилосрдноста на времето, речиси пет десетлетија без монашки живот во него, тој имаше мошне оскудни услови за живот. Храмот беше, исто така, прилично запустен, нечист и осквернет. Чудотворната икона на Свети Јован беше целосно потемнета и крајно валкана. Во олтарот немаше ни крст, ни Евангелие, односно ги немаше основните работи, та да може да се отслужи една богослужба. Познатиот иконостас го глодаа штетници и го уништуваше секаква нечистотија. Доволно е да се напомене дека во времето на комунизмот во самата црква бил чуван добиток. И конаците, исто така, не беа во нешто подобра положба. Во Горни Палат, на пример, немаше ни електрична енергија, ни водоводна инсталација, ниту, пак, санитарни јазли. За сето ова сочувана е и фото и видео документација, на која јасно се гледа запустеноста на целиот комплекс.
Мојот монашки потстриг се случи на 5 август 1995 година, на Вечерната богослужба во чест на светата Христова маченица Христина. Ме замонаши мојот почитуван надлежен владика, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, со чијшто благослов дојдов во Бигорски и станав негов старешина, а потоа и игумен.
Уште од самиот почеток, веднаш се зафативме со многу работа. Најнапред со чистење на храмот. Прво ја исчистив Чудотворната икона на Свети Јован, просејќи од него благослов, а потоа сè друго. Истовремено, како старешина го воведов истиот богослужбен ред што го видов и живеев на Света Гора. Долготрајните богослужби од една страна и бескрајните напорни работи во манастирот од друга, делуваа навистина исцрпувачки за сите нас, првите населници на Бигорски од поново време. Велам на сите нас, затоа што по неколку месеци од моето замонашување, на Братството му се приклучи и нашиот собрат, отец Доситеј, сега со чин Архимандрит, па следната година отец Макариј - вистински столбови на нашето братство, а потем следуваа и други браќа. На почетокот, значи, беше неподносливо тешко, но Божјата благодат, која ги надополнува недостатоците, ги обновуваше и нашите сили. Од денешна гледна точка, уверен сум дека токму тие големи трудови и таквата саможртва од наша страна ги поставија темелите на духовниот живот на Бигорската Обител денес.
ММ: Пожарот беше големо искушение, кој предизвика и бурни чувства. Денес манастирот сјае од убавина. Колкумина го сочинуваат братството, сосе послушниците (искушениците)? И што сѐ влегува во комплексот? На пример и библиотеката е восхитувачка, меѓу другото. Ја користите? Старите книги се зачувани, од кога датираат?
Епископ г. Партениј: Целотонаше братство денес брои триесетина членови. Сите тие извршуваат разни послушанија низ манастирскиот комплекс од 10.000 м2 корисна површина, во која свое место заземаат: соборниот храм посветен на Свети Јован Претеча, конакот Горни Палат со монашките ќелии, магерницата, пекарницата, двете трпезарии, гостинската одаја, малиот и големиот синодикон, големата сала за свечености, манастирската канцеларија, шивалната, пералницата, амбулантата и др.; конакот Долни Палат со игуменскиот кат, параклисот Благовештение, владичката одаја, чардакот, гостинските соби итн.; конакот Источни Палат со монашките и гостинските соби, параклисот на Свети Николај и, како што споменавте, Бигорската книгохранителница. Таа служи за потребите на Братството, но и на заинтересираните љубители на словото, на истражувачите, писателите и сл. Стариот фонд што до денес се чува во библиотеката содржи ракописи и старопечатени книги што датираат од 17 век па наваму.
ММ: Активностите на монасите навистина се бројни, големи. Исто така и Вашите, несомнено. Како изгледа вообичаено денот во манастирот, кога нема луѓе однадвор, кога не е празник? На што сте посветени максимално? Евхаристијата, исихазмот, сликањето икони.., какви се монашките правила?
Епископ г. Партениј: Еден монашки ден започнува и завршува со главната дејност на монасите - молитвата. Вообичаено, стануваме секое утро во 5 часот или нешто порано, започнувајќи го молитвеното правило, па одиме во храмот на Утрена богослужба, по која веднаш следи Светата Литургија. Го имаме тој голем Божји благослов во нашиот Манастир секој ден, без исклучок, да се совршува Божествената Евхаристија, која е Тајна над сите таинства, средишно богослужение во Црквата Божја и срж на духовниот живот на секој верник. Пред првата трпеза служиме Молебен канон на нашиот небесен Застапник, Свети Јован Крстител. По трпезата сите браќа се распоредуваат на своите послушанија, односно задолженија, кои се многубројни и разновидни. Севкупниот монашки живот е устроен така што да биде во служба на Бога и на ближните, со акцент на молитвата. Така, и при извршувањето на послушанијата главниот нагласок останува врз молитвата. Монасите во себе непрестајно ја творат Исусовата молитва, за што даваат завет при монашењето дека од утро до вечер и, ако е можно, и през целата ноќ ќе се трудат во изговарањето на оваа кратка по форма, но совршено целосна по содржина молитва, која е, патем, основата на исихазмот. Впрочем, со Исусовата молитва започнува и завршува работниот ден на монахот, кога тој се повлекува во својата скромна ќелија и останува сам со Бога, на тихување и молитвено бдение.
Да, меѓу другото, имаме и браќа кои се занимаваат со иконопис и со изработка на мозаици. Монашките правила се водат според древните монашки устави, се разбира, прилагодени на условите и околностите во кои живееме.
ММ: Вашата филантропија е сеприсутна, сеопфатна. Освен што им помагате на лица и семејства кои не можат да си обезбедат егзистенција, им поможувате и на зависници од алкохол, дрога, коцка. Во што се состои лекувањето - од молитви, послушанија..? И какви се односите со нив по исцелувањето? Контактирате?
Епископ г. Партениј: Најсуштествената улога при лекувањето на зависниците, кои, патем, ние ги нарекуваме штитеници или деца на Манастирот, ја има, пред сè, духовниот живот. Господ Христос е врховниот лекар на душите и телата наши. А, за да се привлече Неговата благодат, потребен е живот во светите тајни на Црквата, и тоа: покајание, исповед, молитва, пост, воздржание, послушание и, како круна на сето тоа - Светата Причест. Оние кои ќе го сфатат сериозно сето ова и искрено ќе се отворат пред мене како нивен духовен отец, многу побрзо и полесно се исцелуваат од гибелните страсти. Многумина од нив ќе ме засакаат како свој родител и по нивното излегување одовде ќе ја одржуваат блиската комуникација со мене и со манастирот. Манастирот продолжува да им помага и понатаму во секој поглед.
ММ: Не можеме да не ги споменеме и чудата на Свети Јован. Што ќе издвоите од нив, како ексцепционално, во последните неколку години?
Епископ г. Партениј: Чудата на Свети Јован се, навистина, недобројни. Некои од нив, кога верниците ќе ги споделат со нас, ги запишуваме, а дел и ги објавуваме. На нашата страница Бигорски.мкд во делот „Духовна ризница“, има една посебна рубрика насловена „Чудата на Свети Јован“, каде што браќата ги објавуваат сведоштвата на луѓето за чудотворствата на Свети Јован Крстител што се случуваат во нашиот Манастир преку неговата славна Икона и преку неговите свети мошти. За мене, секако, најголемото чудо кое се случува во нашиот Манастир е духовната преобразба на многубројните души, кои свенати од бремето на гревот, воскреснуваат во нов, обновен живот; тие од темницата на гревовното ропство, преминуваат во слободата на Христовата светлина; од меланхолија и депресија, преминуваат во жива надеж; од моралната распадливост и од смртта, излегуваат преобразени во веселие и радост.
ММ: Денес идеализмот е второстепен, а материјализмот има првично значење. Во исто време се најавува голема скудност, немаштија - инопија. Очигледна е инсоленцијата на многумина, во поширока смисла. Како да го зачуваме душевниот мир? Што е важно за него?
Епископ г. Партениј: Уверен сум дека решението на сите егзистенционални проблеми лежи во Христовото Евангелие и во неговата практична имплементација во секојдневието, што, секако, е можно и остварливо и многу души го примениле во својот живот и нашле неискажлив спокој и мир, а накрај и вечно спасение. Спасителот на човештвото, Господ Исус Христос, раскажува една парабола за некој богат човек кому нивата му беше родила многу. Но, тој наместо да помисли на луѓето околу себе, на гладните, на немоќните и на оние кои имаат потреба од неговата помош, се полакомил силно и единствена грижа му била како да ги собере плодовите и да ги зачува само за себе. Па, решил да ги урне старите амбари и да соѕида нови, поголеми, во кои ги сместил благата што во суштина не биле негови - бидејќи ништо од овој свет не е наше - туку Божјо. Избезумен во својата алчност и во желбата за комфор, овој човек, во Евангелието наречен безумен, во смисла на неразумен, си рекол себеси: „Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; одморај, јади, пиј и весели се!“ Меѓутоа, Бог му рекол: „Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане?“ (Лука 12,19-20) И несомнено е така. Во трката за поголеми материјални блага, за луксуз, за удопства, денешниот човек ѝ наштетува на сопствената душа, лишувајќи ја од блаженството на мирот и на чистата совест. Во една прилика кажав дека современата цивилизација во многу нешта наликува на ужасен ѕвер, кој немилосрдно трча да проголта сѐ што ќе види; доколку не успее да земе баш сѐ, тогаш она што ќе остане го расфрла, го уништува, го гази под нозете. Планетата ја претвори во масовна гробница на природата, но и на човечкиот дух. Накрај, тој ѕвер се уништува и самиот себе. Неопходно ни е, значи, да сфатиме дека за еден добар, среќен живот, потребно е навистина малку. Сè зависи од настроението на умот и од желбите на срцето. Да се зауздаме малку себеси во своите непотребни и штетни желби, да го навикнеме својот ум да произведува добри и позитивни мисли и да Му благодари на Бога и за најмалите нешта и за најситните дарови. Скромниот и благодарен човек носи благослов и за својата душа и за луѓето околу себе.
ММ: Етичноста во христијанството е особено важна. Кои се особеностите на мажите христијани, кои се идентификуваат со православието, што треба да поседуваат? Какво е Вашето мислење за моралните вредности, норми - се почитуваат или двојната природа на човекот сепак надвладува?
Епископ г. Партениј: За жал, не треба да се трудиме многу за да увидиме дека денес христијанските морални начела, кои воедно прераснале и во универзални и цивилизациски, се безобѕирно погазени и релативизирани. Тоа, последователно, причинува хаос во меѓучовечките односи, создава клима на недоверба и алиенација, го разорува најсветиот сојуз во општеството - бракот. А, без брак, во христијанска смисла, без таа свештена заедница врз која почива севкупното устројство и благоуспевањето на едно општество, следствено и на човечките единки, не би можеле да говориме за нешто хумано, здраво, сериозно. Погледнете околу вас и веднаш ќе воочите колку многу се намножиле разните психички аномалии и страданијата меѓу луѓето, почнувајќи од анксиозност и панични напади, па до најтешки видови на депресија. Главната причина за ова лежи во отстранувањето и во напуштањето на Божјиот закон на општо ниво. Едноставно, не може човек да живее со пркос кон Христовите повеленија за љубовта, за чистотата, за скромноста и за воздржливоста, а да биде внатрешно исполнет и среќен. Како што вели познатиот современ Светија на православната Црква, Преподобниот Паисиј Светогорец: „Денес луѓето имаат сè, но имаат и тага, затоа што Го немаат Христа“. Како заклучок од сето ова, мојата порака кон православните мажи е најнапред да се утврдат себеси во „познавањето на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мерата на полната возраст на Христовото совршенство“ (Ефес. 4,13), како што нè советува сите Светиот Апостол Павле, но и свето да го чуваат христијанскиот брак, кој не е правна спогодба меѓу две единки, туку, пред сѐ, Божествена институција. Всушност, бракот помеѓу еден маж и една жена, каков што го знаеме со векови, е цивилизациска придобивка токму од Христијанството. Затоа и треба да го сочуваме, доколку сакаме да ја спасиме и да ја запазиме нашата цивилизација. А, ќе го сочуваме единствено преку самопожртвуваната љубов. Истиот Апостол, кој впрочем ги искажал најубавите зборови за бракот, повикува: „Вие, мажите, сакајте ги жените свои како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа“ (Ефес. 5,25). Истото, се разбира, важи подеднакво и за жените. Значи, Бог ги повикува брачните сопатници да се сакаат меѓусебно со Христовата љубов. Токму таа љубов, Божествената, самопожртвуваната, вистинската и трајната, е одговор и решение за сите проблеми и предизвици. Секако, од голема важност е чувањето на достоинството, растењето и воспитувањето во една благородна, морална и молитвена личност, во ерудиција и, особено, во добродетелта на воздржанието, која е одговор за многуте пороци на денешнината.
ММ: Неизоставно е прашањето за смртта, вклучувајќи го и стравот од неа.Ирецот Херби Бренан вели дека таа всушност е најголемата мистерија на животот. Вашето гледиште, какво е? Толкувањата се различни, дека умира телото, но не и духот, душата која се толкува како енергија и слично.
Епископ г. Партениј: Првично, се согласувам со мислењето на ирскиот писател и философ Херби Бренан. Несомнено, смртта отсекогаш била голема тајна за човекот. Танатологијата проникнува длабоко во когнитивниот дел на душата, напати и владее со него. Речиси и да не суштествува верување или философски систем што не ја третирал тајната на смртта. Оваа проблематика го проткајува целокупното философско и книжевно наследство на човештвото и не би биле претерано смели, доколку би рекле дека историјата на книжевноста е во суштина историја на прашањето за смртта. Во најстарото сочувано дело на светската книжевност „Епот за Гилгамеш“, средишна тема е токму смртта; со нејзиното студенило се среќава и Одисеј, кога по совет на маѓепсницата Кирка, слегува во подземниот свет. Со смртта храбро ќе се бори и Орфеј, легендарниот пејач и многу ќе направи за да ја извади љубената Евридика од светот на сенките, но, накрај, ќе мора засекогаш да ја остави во него... И „Божествената комедија“ на Данте се одвива во царството на сетните сенки... Со битисувањето или смртта се занимава и Шекспировиот „Хамлет“: што друго би можело да претставува монологот „да се биде или да не се биде“, освен вечното прашање на животот и смртта? Со него ќе се занимаваат и Владимир и Естрагон, протагонистите на Бекетовиот апсурд, чекајќи го Годо и размислувајќи дали да се обесат или да живеат и, бидејќи е сеедно, сакаат некаде да одат, но не се помрднуваат од место... И што различно во овој поглед ќе можеме да кажеме за сите други дела, еманации на човечкиот поглед за смртта, почнувајќи од египетската „Книга на мртвите“, тибетската Бардо Тодол, па сè до „Сизиф“ на Ками и „Dasein“ на Хајдегер? Целата сериозна светска книжевност, од самите свои почетоци до денес, се прашува каква е смислата на човековото битисување во свет преполн со смрт и умирање. Оваа страшна состојба на човекот со тага ја почувствувал и Богочовекот Господ Исус Христос, кога заплакал над Својот пријател Лазар, кој веќе четири дена бил во гробот и неговото тело веќе почнало да ги чувствува последиците од смртта. Плачејќи над него, Христос плачел над секој човек, создаден за бесмртност, а потонат во смртност. Плачот Христов е најсилен доказ за трагичноста во која западнал родот Адамов. Но, со Своето неискажливо вочовечување, со спасителното страдање и со животворното Воскресение, Синот и Словото Божјо, „со смртта смртта ја победи“, и заедно со Себе го воскресна и паднатиот Адам, односно секој човек. Времето на книгите за смртта заврши и се исполни времето за Книгата на живите. Христос не е само живот, туку и вистина. Тој е отповик на светот од лагата, во која го беше фрлило разделувањето од Бога, односно смртта. Смртта се покажува како спротивност не само на животот, ами и на вистината. Затоа вистинскиот живот не е оној биолошкиот, туку личносниот однос со Бога. Оној кој се соединил со Христа, преминал од смрт кон живот. Најнапред со душата, а потем, при Општото Воскресение, и со телото, кога телата на сите покојни ќе бидат пресоздадени и преобразени, воскреснати од распадливоста, за да се појават на Судот. А, Христовото Воскресение е, несомнено, најсигурниот и најдокажан факт во историјата на човештвото. Воскресниот Христос Го виделе и Го посведочиле многу очевидци и сведоци, од кои повеќето и својот живот го положиле за оваа единствена вистина. Го сведочат и денес бројни души, преобразени, облагородени, израдувани и осветлени од Него. Ако нешто не е вистина, не може да има сила коренито да променува личности и да ги воскреснува. А, ете, Господ Исус Христос, по Својата смрт и со Своето Воскресение, ненаметливо го промени светот и до денес Он тивко воскресува и преобразува многу човечки битија.
Блиц прашања
ММ: Значењето на името Партениј - какво е, можете да ни кажете? Поврзано е со грч. партенија (девственост) - постојаниот епитет на грчката метропола? Ваша интерпретација...
Епископ г. Партениј: Името Партениј е изведенка од старогрчката именка и придавка παρθένος (parthénos) што значи девственик/девственица или девствен/а/о. Точно, името Παρθένος во древна Хелада било епитет на старохеленската божица Атена, која се сметала за заштитничка на девственоста. Меѓутоа, во христијанската доба тоа станало составен дел, речиси како второ име, на Пресвета Богородица и секогаш Дева Марија и во нејзина чест било распространето како лично име по целиот христијански свет, вклучително и кај нас. Што се однесува лично до мене, името Партениј при монашењето ми го даде мојот почитуван Владика г. Тимотеј, во чест на Светиот Партениј Лампсакиски, но и поради фактот што неколку значајни игумени и духовници на Бигорскиот Манастир низ историјата се викале токму така. Впрочем, ова име некогаш било многу често застапено во Мијачкиот крај.
ММ: Арс аматорија, т.е. уметност на љубовта - ме интересира, како ја толкувате? Која е нејзината суштина? Бог е љубов, нели!?
Епископ г. Партениј: За љубовта како врховно животно начело говоревме и погоре. Тука не би можел ништо поумно и повозвишено да додадам, освен да ги повторам зборовите на Божествениот Павле, кој говорејќи за воплотената Љубов, за Христос Бог, вели: „Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува; сè извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува. Љубовта никогаш не престанува…“ (1. Кор. 13,4-8). А, дека Бог несомнено е љубов, пишува и Апостолот на Љубовта, Свети Јован Богослов, кој видел и сведочи дека „Бог е љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога и Бог - во него“ (1. Јован. 4,16). Така, љубовта, вистинската, духовната, пожртвуваната, е знакот според кој биваат препознаени автентичните Христови следбеници. Самиот Он вели: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13,35). Накрај, љубовта ќе биде и знакот според кој Господ ќе нè препознава за вечноста.
ММ: Без оглед на Вашата преангажираност, имате време за изработка на митри, наоѓате? Или пак работата им ја доверивте целосно на монахињите во Рајчица? Има неколку видови, кои се најтешки за правење?
Епископ г. Партениј: Како што веќе кажав, послушанието за изработка на митри целосно го предадов во рацете на сестрите. Јас им помагам само со совети и со предлози за комбинации при изработката на некои посложени митри.
ММ: Естетиката е дел од Вашата природа, забележливо е Вашето развиено чувство за убавото, незаобиколно и љубовта кон музиката. Ваша беше иницијативата за спојувањето на црковното пеење и Филхармонијата, која резултираше со неколку концерти? Од друга страна, колку што знам, пеењето по неуми е карактеристично за монахињите во Рајчица. Вие го владеете ова древно пеење?
Епископ г. Партениј: Уште од дете во мене се разви љубов кон источното црковно пеење и кон византиската музика. Помнам, дома во Битола, на радио фаќавме фреквенции од некои грчки станици кои пренесуваа богослужби од тамошните храмови или емитуваа византиска музика. Потоа, кога заминав на Света Гора, браќата таму ме научија на основите, да читам невми и да пеам согласно нив. Кога дојдов во Бигорски, веднаш го воведов нашето древно и традиционално источно-православно пеење. Истото го направи и дедо Наум во манастирите што се под негово духовно раководство. Велам нашето, затоа што во 19 и на почетокот на 20 век, од почвата на Македонија се изродиле бројни и познати творци, собирачи и реформатори на ова црковно пеење. Имаме и примери кога дури и народни, световни песни, биле запишувани со византискиот нотен систем. Со текот на времето, значи, источното црковно пеење се пренесе од нашите манастири во градските храмови, се формираа хорови, а едно време се изучуваше и како предмет во Средното богословско училиште. Во меѓувреме, нашиот манастир испрати студенти, за да се наобразуваат во познатите школи, раководени од видни и искусни протопсалти, во Атина и во Солун. Тие студенти се вратија овде како лиценцирани наставници. Исто така, одржуваме блиска соработка со многу видни псалти во Православието, а често се случува тие со своите хорови да дојдат тука или ние да гостуваме некаде на богослужба со нашиот манастирски хор. Источното црковно пеење е, навистина, доста комплексно и може да се каже дека претставува една цела наука, па затоа изискува постојана надградба, изучување и вежбање.
Целта, пак, на концертите по византиска музика и пеење, во организација на нашите манастири Бигорски и Рајчица, беше преку една необична духовно-музичка манифестација, на несекојдневен и привлечен начин да му се приближи на народот единственото и длабоко доживување на богослужбите од Страсната седмица. Карактеристичното за овие концерти беше тоа што за прв пат во историјата на македонската музика беше направена филхармониска оркестрација на древните источно-православни напеви.
ММ: На крајот, средствата за масовна комуникација, особено социјалните мрежи, се полни со препораки, т.е. пишани текстови за инстант решавање на проблеми, молитви за една или за друга работа, за тоа што не треба да се прави на некој празник и слично. Што мислите, дали тоа е (зло)употреба на верата и на побожноста за поголема читаност, повеќе лајкови? Во отсуство на етика, кој е Вашиот совет за читателите, воопшто?
Епископ г. Партениј: За тешките последици врз духовното здравје од злоупотребата на социјалните мрежи сум говорел повеќе пати во моите проповеди и интервјуа. И во сите прилики нагласував дека луѓето треба да бидат особено внимателни, разборити и крајно селективни во однос на информациите што ги црпат од интернет. Значи, не секоја страница или профил што има икони и „православни“ текстови - е навистина православна во своите содржини. Денес со социјалните мрежи, на секоја единка, било да е повикана или не, стручна или самоука, ѝ е даден јавен простор да се изразува без никакви ограничувања. Или, како што мошне директно вели италијанскиот писател и семиотичар Умберто Еко, „социјалните медиуми им го даваат правото на легионите идиоти да ги изнесат своите мислења, што порано можеа да го направат само во кафеана, после чаша вино, без да му наштетат на општеството… Но, сега го имаат истото право да говорат како и еден нобеловец. Ова е инвазија на идиоти“. Ете зошто е нужна голема внимателност, бидејќи во просторот на социјалните медиуми има прилично голем број лица со ментални и психички нарушувања, разни социопати, религиозни шизофреници, самоповикани пророци и учители, незналци, луѓе полни со омраза и завист. Нивното профилирање со православни икони и цитати од светители и старци, се разбира, не ги прави вистински и стабилни верници. Има дури и такви кои безобѕирно злоупотребуваат нечие име или институција, па пишуваат дека објавите се, наводно, со нивно одобрение и благослов. Затоа, мојот совет до читателите е, кога станува збор за нешто што се однесува на верата, да се информираат и дообразуваат од официјални и проверени страници и профили, раководени од сериозни и докажани духовни лица или институции, било да се тоа свештеници, манастири или епархии. Секако, најдоброто образование за духовноста се стекнува во храмот, на светата Литургија, како и од проповедта на опитните духовници, преку читањето на Светото Писмо, на делата и на житијата на Светиите и, секако, преку молитвата и подвигот, кои ги осмислува и надополнува благодатта Божја.
Игор Ландсберг
Фотографии: Стефан Рајхл/ Архив на Бигорскиот манастир