ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО МИЛЧО МАНЧЕВСКИ: Убаво ми е во моја кожа и со никого не би се менувал
Не знам точно што ме влече постојано да се враќам, ама не е ни важно. Доматите веќе ги снема, освен оние од старо семе, или оние во Чамо. Ме радуваат нови познанства, ама и стари слики. Секако летото, а не зимата – зимата е депресивна тука, и не само поради загадувањето, туку и поради анти-цивилизациските ретро зачадени кафе-барови, сиви улици, сиви фасади, сиви коли, маглишта... Летото е друга димензија, насмеана – вели Манчевски
Со Милчо Манчевски разговараваме непосредно пред азиската премиера на филмот „Врба“на 13 ноември во Тај Пеј, Тајван. Откако се спушти постпремиерната прашина во Скопје, Манчевски отворено и опуштено зборува за процесот на заокружување на оваа филмска приказна, за македонскиот табиет, за радоста кога се враќа дома, но и за урбанистичкото силување што му се случуваше на Скопје последниве децении.
По премиерата на која беше испратен со овации филмот „Врба“, се прикажува пред полни сали во Македонија. Кое е чувството по една голема добро завршена работа – задоволство, празнина или нешто трето?
- Секако дека е задоволство. Убаво е кога добро ќе си ја завршиш работата и кога ќе направиш да им биде убаво и на други луѓе. Убаво е кога сме благородни едни кон други. Би сакал тоа да го има повеќе. Мене ми беше особено мило што овој успешен проект го сработив со феноменален тим – и за време на снимањето, и за време на дистрибуцијата. Мерак е да се работи со посветени професионалци како Јане Ќортошев, Ивана Тасев, Слободан Јаќоски, Ник Пауел, Иан Прајор...И да се поставуваат нови професионални стандарди. Се радувам што кај Јане, Ивана, Цобе, Милка, а и кај повеќе други луѓе во екипата гледам и професионална зрелост и фокусирана лојалност кон проектот какви што порано немам видено кај нас. Се надевам дека ова ќе помогне барем малку да се унапреди односот кон работа кај нас. Да не биде веќе Итар Пејо професионалниот урнек. Извршниот продуцент Ник Пауел се фрли на „Врба“ со посветеност како да му беше прв проект – и тоа по скоро 50-годишна кариера со огромни успеси на глобално ниво. Од него учев како од постар брат и многу ме растажи што умре шест дена по македонската премиера. Ќе сретнеш феноменален човек – и после ќе остане дупка.
Целото интервју можете да го прочитате на Фактор